Македонија
Арсовска од Чаир: Скопје ќе биде град на соживот, соработка и солидарност

Град на соживотот, соработката и солидарност. Град на сите негови жители. Скопје ќе стане град кој нема да ги заборави своите населби и населени места. Го испланиравме и ќе го изградиме новиот сообраќаен коридор Мавровка, кој ќе стане архитектонска гордост за решавање на метежот во сообраќајот. Мој приоритет е да го уредиме кејот на реката Серава со спортско-рекреативни содржини. Да го направиме овој дел да биде новото зелено катче во Скопје. Ќе ги ревитализираме парковите во Чаир. Планираме проширување и реконструкција на една од главните артерии на градот – булеварот Цветан Димов. Иако се работи за комплексен проект, мојата визија е овој булевар да го опремиме со уште по една дополнителна лента, како и надвозник од мостот Бит-пазар до Христијан Тодоровски Карпош, истакна кандидатката за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива, Данела Арсовска, на вечерашната средба со граѓани во Топанско Поле, општина Чаир.
Арсовска во нејзиното обраќање порача дека имаат план и програма за сите населени места со ургентни приоритети со кои ќе се решат клучните проблеми на граѓаните од населбите во делот на инфраструктура, водовод, канализација, паркови и места за рекреација, дополнувајќи дека Чаир е прекрасна општина и го чува духот на она подзаборавено Скопје.
Сепак, според Арсовска во последните години Чаир е очигледно заборавена општина од градот Скопје, а единствено што покажа актуелната градска власт е дека тие се најлошото за градот и нивниот приоритет е да ги поделат обичните граѓани, за да можат тие сложно да лажат и крадат.
– Имаше ветување за клучниот проект за регулирање на сообраќајот кај Јаја Паша. Ништо од тоа, поставија само некои бетонски огради кои ги омаловажуваат и разделуваат луѓето. Требаше да се реши и крстосницата Мавровка, ви ја ветија пред четири години, но ништо од тоа. Останаа само празни ветувања. Градоначалникот во заминување за чаирчани вети монтажни паркинзи „Чаирчанка“ и „Џон Кенеди“, не ги направија и тие. Со неговите импровизации денес Чаир има повеќе сообраќаен хаос од кога било. Овој градоначалник ветуваше и зелен коридор на реката Серава и Лепенец, за поврзување на сите овие општини. Денес тоа е запуштено и заборавено место, налик на депонија. Ви вети и водоводна и канализациска мрежа до секое населено место во Чаир. Денес гледаме дека и тоа е лага, сè уште во Чаир има места кои се гушат во кал и немаат чиста вода за пиење. Посетив многу такви населби овде, кон Гази Баба, кон Топаана. Жално е луѓето во 21 век да живеат така како што живеат во Чаир, потенцираше таа.
Арсовска пред чаирчани порача до актуелната власт дека граѓаните брзо и сигурно ќе му кажат крај на криминалот, неработењето, корупцијата и непотизмот, а скопјани очекуваат одговори на нивните прашања, на што се потрошени нивните народни пари сите овие четири години.
– Она што им е нејасно на скопјани е каде се потрошија 4 зголемени буџети на градот? Кој ги присвои овие пари? Кој потроши 4 години од нашите животи и од животот на Скопје, за денес повторно да ја бара довербата со истите ветувања, со истите лаги? Овие големи ветувања се и големи разочарувања. Но, нивното време завршува на 17 октомври. Ќе ставиме крај на нереализираните ветувања, кои се заменуваат со макети и 3Д слики. Скопје нема да дозволи некој уште 4 години да му ја краде иднината, рече таа.
Арсовска се сретна и разговараше и со жителите од општина Бутел, кои ги споделија нивните потреби и барања за унапредување на квалитетот на животот во ова населено место, но и генерално како да се подобри и како заеднички да креираат град со кој сите ќе се гордеат дека живеат во него.
Подобрување на инфраструктурата, решавање на проблемот со водоснабдувањето и фекалната канализација и рамномерно вложување во сите општини и населени места подеднакво се клучните приоритети и недостатоци за кои побараа итно решавање.
– Повеќе нема да има заборавени населби. Скопје денес има населени места кои беа целосно заборавени од градските власти во овие четири години, а живеат во супстандардни услови, како што се Љуботен, Љубанци, Радишани и сите останати општини не само во општина Бутел, туку и генерално во градот. Ќе почнеме со решавање на проблемите уште од првиот ден. Јас сум човек што доаѓа од народот и ќе работам на исполнување на барањата токму на народот и заедно со нив да го направиме Скопје подобро место за живеење. Токму тоа е мојот врвен приоритет, порача Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје на средбата со граѓани во Бутел.
Арсовска дополнително се осврна и зборуваше за потребата скопјани и бутелчани да живеат во убав град и средени населени места, а покрај обезбедување основни услови за живот, ќе овозможат гасификација на домаќинствата и инвестирање во нови сообраќајни решенија.
– Доколку сакаме модерен и европски град, со чиста и здрава животна средина тогаш предуслов е на граѓаните да им овозможиме гасификација за секое домаќинство со субвенционирање на приклучокот за истиот, а дополнително за овој дел од Скопје ќе овозможиме внатрешна обиколница која ќе ги поврзува Гази Баба и Бутел со останатите населби. Тоа е новиот булевар „Хрватска“,што исто така беше ветен, но не беше реализиран од актуелниот градоначалник во заминување, а ние ќе го направиме, рече Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Намалена видливост поради магла на Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла 50-60 метри има на Попова Шапка, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За влез во Влада Алијанса нека ги спречи автобусите со млади од Тетово и Гостивар кои ја напуштаат Македонија, побара Мицкоски

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара Алијанса за Албанците да покаже програма за да може да се разбере нивната желба за влез во Владата. Нагласи дека програма за влез во Влада со реформи за подобар живот на граѓаните не слушнал од ниту една политичка партија ниту пак од политичарите од Алијанса за Албанците.
„Во ред, еве го смениле мислењето, не сакаат повеќе да бидат опозиција, сакаат да бидат власт. Не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Ќе ги разберам до крај ако видам платформа со која ќе ги спречат автобусите од Гостивар и од Тетово на млади луѓе да ја напуштаат Македонија и да кажат ние со оваа политика ќе ги спречиме тие луѓе. Ќе ги повикаме да се вратат назад“, рече Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците, како политичка партија со многу лекари, Мицкоски вели дека очекувал да понуди платформа во здравството со која ќе понудат услуги кои пациентите ги заслужуваат.
„Не нудат програма, а велат ќе влеземе во Влада. Се поставува прашањето за што ако не за фактот да им се придружат на овие кои го крадат македонскиот народ. Еве нека ми каже некој со кој друг аргумент тие може да го оправдаат нивниот влез во Владата ако не е ова. Не гледам програма“, рече лидерот Мицкоски.
Тој и денес повика час поскоро да се организираат предвремени парламентарни избори оти во спротивно вели дека ќе се зголеми бројот на автобуси кои ја напуштаат Македонија.
Македонија
Место да ја плукате и мразите Македонија, подобрете го стандардот, за 30 отсто е намален бројот на жители во Бугарија, порача Мицкоски

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ги повика македонските власти да престанат со аматеризмот кога се работи за македонско – бугарските односи и понуди помош и поддршка со застанување во прв ред, доколку одлучат да донесат одлука за заштита на македонските национални интереси.
Мицкоски вели дека и покрај сите отстапки, „свитканата кичма“ и се што оваа Влада попушти против интересите на народот, политичкиот аналфабетизам не довел до тоа да трпиме лавина критики и навреди од политичарите од северниот сосед со кои како некој намерно да сака да ја втурне државата во процес во кој ќе се политизира европската интеграција. Тој смета дека е крајно време да се престане од политички маргиналци да се создаваат политички херои па јавно упати пораки и до македонските власти до бугарските политичари.
„Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам аналфабетизам и егзебиционизам и се што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да поддржи, да застане во првите редови. Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија наспроти тоа да градат кампања на тој кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците. Затоа што изминативе 30 години за 30 % е намален бројот на жители во Бугарија. Не случајно тие бегаат од Бугарија и покрај тоа што е земја членка на ЕУ, тие немаат доверба во политичарите што се таму. Гледаат дека наместо да работат за интересите на Бугарија работат за лични интереси и се богатат, нешто слично како што се случува и овдека, она што го работи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој смета дека политичарите треба да разберат дека треба да бидат слуги на народот, а не да работат само за своите лични потреби и да ги задоволуваат своите хедонистички потреби.