Македонија
Арсовска: Посветено работиме на поддршка за згрижувачките семејства и активностите на СОС „Детското село“

Град Скопје ќе се вклучи во проектот „Унапредување на системските недостатоци – поддршка на реформите во системот за заштита на децата“, што го реализира СОС „Детското село“. За активностите и настаните за зголемување на свесноста за потребата од згрижувачки семејства што ќе следуваат во наредниот период како дел од овој проект, денеска разговара градоначалничката Данела Арсовска со претставници од СОС „Детското село“.
„СОС ‘Детското село’ веќе 20 години е посветено на грижата и поддршката на деца и млади без родителска грижа. Хуманата мисија на овие луѓе е непроценлива за оние на кои им е најпотребна нашата помош, но и за целото наше општество што тежнее да биде похумано и потолерантно. Овој пат заедно ќе работиме за да ја подигнеме јавната свест за важноста на згрижувачките семејства, кои со безрезервна поддршка и љубов даваат топол дом и семејство за децата во социјален ризик, децата без родители, како и младите без родителска грижа, кои честопати се лишени од ова право. Нема ништо поубаво од детската насмевка и радост знаејќи дека имаат топол дом и згрижувачко семејство, кое се грижи за нив“, рече градоначалничката Арсовска на средбата.
Таа додаде дека грижата и поддршката за ранливите групи граѓани е приоритет во работењето на Град Скопје, со особена посветеност на грижата за децата без родители и за лицата со посебни потреби.
„Град Скопје ќе биде активен партнер и поддржувач на мисијата и активностите на СОС ‘Детското село’ и на згрижувачките семејства. Нашата поддршка и пријатеството и ги покажуваме и го докажуваме преку многубројни заеднички активности и корисни проекти“, нагласи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Пендаровски од Давос: Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО, туку и за ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“.
Учесници на дебатата беа Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и шефот на претседателската администрација во Украина, Андриј Јермак, модерирана од новинарката Френсин Лаква, уредничка во Блумберг.
Во фокусот на дискусијата беше војната во Украина, како заедничка закана што го урна безбедносниот поредок кој со децении ѝ помогна на Европа да напредува во мир, но и чекорите што Европската Унија треба да ги преземе во радикално променетиот контекст.
Учесниците на панелот ја осудија руската агресија и изразија поддршка за украинскиот народ. Тие ја посочија важноста од превенција на ескалација на конфликтот во Украина и неопходноста да се обезбеди заштита на НАТО сојузниците.
Претседателот Пендаровски истакна дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата кон земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.
Нагласи дека НАТО, но и Европската Унија, се двата коридори за подобра, побезбедна и попросперитетна иднина.
„ Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати“ не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за Европската Унија, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина“ додавајќи дека Северна Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош и дека политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија.
„Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО Алијансата, туку и за Европската Унија. Во спротивно, концептот за обединета Европа, во мир со себе и со светот од Атлантикот до Урал, ќе биде само сон“, рече претседателот Пендаровски.
Македонија
Утре сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне, претежно во источните делови, ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 29 до 34 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло, попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 33 степени.
Во следните денови ќе продолжи сончево и натпросечно топло време. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.
Македонија
Муцунски: Автокефалноста на МПЦ ни носи духовна радост и душевен мир

Честитки по повод упатувањето на томосот за автокефалност на Македонската Православна Црква – Охридска Аерхиепископија од страна на светиот синод на Српската Православна Црква, упати градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„ Искрено посакуваме и веруваме дека наскоро ќе следи официјалното прогласување на автокефалноста на нашата вековна Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Овие значајни одлуки и благопријатни вести ни носат голема радост, духовен мир и надеж за поубава и посветла иднина на сите нас во татковината, на сите Македонци ширум светот и на целиот христијански православен свет“ напиша Муцунски.