Македонија
Архитектите лути, барат итна заштита на ГТЦ без зелениот покрив и на Владата без барок
Зелениот покрив на Градскиот трговски центар иницираше низа барања на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) до Владата. Архитектите денес донесоа став под итно да се заштитат сите објекти од модерната архитектура кои нелегално се рефасадирани со барокни фасади, бараат ГТЦ да се заштити како споменик на културата без сега најавената зелена градина на покривот, како и низа законски измени кои нема да дозволат да се повтори уредување на градот без конкурс.
„Нашиот став е всушност барање до Владата под итно да ги стави под заштита објектите од модерната во Скопје, со тоа што за оние кои беа мета на проектот ’Скопје 2014’, а тоа се Владата, ЕВН, Стоковна куќа, телекомуникацискиот центар, да се донесе одлука за нивно враќање во оригиналниот изглед. Бараме и ГТЦ да се стави под заштита, без зелениот покрив. Со заштитата се дефинира што може понатаму да се прави со овој објект, притоа имајќи предвид дека во оригиналното решение на проектантите има зелени градини во ГТЦ“, изјави архитектот Мартин Пановски, претседател на ААМ, за „Макфакс“.
Второ барање на ААМ е под итно да се смени законот за јавни набавки, каде што проектот, како што велат, има третман на било која друга стока што се набавува, не се гледа портфолио на проектант, квалитет кој што би го добиле и слично туку се бираат најевтините понуди кои речиси без исклучок се и најнеквалитетни.
„Во контекст на јавните набавки бараме под итно да се направи одлука за поголеми објекти кои што би ги инвестирала било која државна институција да е задолжително да се прави конкурс, каде што ќе се бираат идејни решенија. Со сегашниот систем на јавни набавки проектите кои треба да се нешто креативно имаат третман на набавка на флаширана вода“, револтиран е претседателот Пановски.
Четвртото барање е за измени во законот за градба чија подготовка е во процедура. ААМ бара Комората на овластени архитекти и овластени инженери да се подели на два дела, односно на комора на архитекти и посебно комора на инженери. Пановски вели дека од досегашното постоење на Комората утврдиле дека архитектите и инженерите не функционираат во една Комора оти многу често има конфликт на интереси меѓу струките.
„Петтото барање е носење на закон за архитектура. Во овој момент имаме закон за урбанизам и градежништво и како држава архитектурата ја сметаме како градежништво. Архитектурата не е градежништво. Мора да дефинираме кој смее да каже дека е архитект. Некој што дипломирал на Архитектонски факултет не е архитект а не работи проектирање не може да се каже дека е архитект. Кај нас тоа е една пракса“, објаснува архитектот Пановски.
Последното барање на ААМ е Министерството за транспорт да се врати по старо и да биде Министерство за урбанизам и градежништво.
Барањата официјално ќе бидат доставени до Влада и архитектите велат дека нема да дозволат тие да останат неодговорени.
„Ова се работи кои се буквално иницирани од една градина, се што е кажано е вметнато во тие малку квадрати. Добивме информација дека проектот е донација, но еве и да е донација тоа не е во ред затоа што ако се обратеа во Асоцијацијта ќе им направевме најмалку 10 подобри проекти и секако ќе ги дониравме, но тоа не е идејата. Идејата е дека треба да има демократија што подразбира конкурс за избор на идејното решение и изложба на пристигнатите трудови“, вели претседателот Панвоски.
Ставот на Асоцијцијата е дека за ГТЦ треба да се направи комплетен проект за реконструкција и реставрација.
Зелениот покрив на ГТЦ пред два дена го претстави скопскиот градоначалник Петре Шилегов заедно со директорот на ГТЦ и со претставници од УНДП, но никој кој не даде официјално објаснување зошто е одбран токму проектот кој е остро критикуван и квалификуван дека му се наметнува на трговскиот на ист начин како што му се наметнуваше барокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
3,85 отсто е одѕивот за гласање во првите два и пол часа, 12 приговори пристигнале во ДИК
Одѕивот на граѓаните во првите два и пол часа од гласањето за избор на претседател на државата на седмите претседателски избори е 3,85 отсто. Гласањето е почнато навреме, се одвива мирно и без пријавени неправилности. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски утрово рече дека одѕивот е мал, но мал е и бројот на избирачки места од кои се пристигнати податоци.
„До девет часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите од 832 избирачки места. Од вкупно запишани 42.748 гласачи на овие избирачки места, гласале 15.487 или 3,8 отсто од гласачите. До овој момент во ДИК се доставени вкупно 12 приговори за заштита на личното избирачко право кои се предмет на обработка“, рече Даштевски.
На бесплатниот телефонски број 0800 555 44 граѓаните можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Активна е и видеокол линијата 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик. На сите граѓани на располагање им се интернет страницата на ДИК www.sec.mk како и страниците на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ и каналот на јутјуб.
На страната rezultati.sec.mk може да се следи во живо излезноста на гласачите, вкупна и по општини.
На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места. Податоци од повеќе избирачки места претседателот Даштевски најави за следната прес – конференција.
Македонија
Тошковски: Мислам дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека досега нема никакви нарушувања на гласањето а МВР веќе ги има распоредено сите полициски службеници ширум државата кои треба да се грижат за спроведување на фер и демократски процес.
„Немаме забележано никакви посериозни нарушувања на изборниот процес. Денот е убав, се надевам дека граѓаните ќе можат да го остварат своето гласачко право, на едни демократски избори. Покриени се сите сектори за внатрешни работи со технички услови. Се постапува според утврдените насоки од изборниот штаб“, додаде Тошковски.
Тошковски смета дека изборниот ден ќе помине во најдобар ред.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Во Северна Македонија се одржуваат седмите претседателски избори.