Македонија
АХВ со апел: Граѓаните за пронајдена пцовисана водна птица да ја известат Агенцијата
Во врска со болеста птичји грип (авијарна инфлуенца), која неодамна беше потврдена кај две пцовисани диви птици во Скопје, во два изолирани случаја, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до граѓаните за пронајдена пцовисана дива птица од водните видови (патки, гуски и слично) да ја известат АХВ лично (во централата или во подрачните единици на Агенцијата), на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 или на [email protected]) или во ветеринарните друштва. Доколку станува збор за други видови пцовисани птици и за изолирани угинувања, тоа треба да го пријават на јавните комунални претпријатија за нештетно отстранување на мршите.
Болеста авијарна инфлуенца, иако станува збор за зооноза, во вакви случаи не претставува сериозна закана за ширење на болеста ниту кај птиците ниту кај луѓето.
Болеста се шири преку директен контакт со заразени птици или секрети од нив, особено фекалии. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува одгледувачите на живина дека задолжително е пријавувањето промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината до надлежен официјален ветеринар или ветеринарно друштво, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности на одгледувачницата. АХВ апелира на внимателност и преземање заштитни мерки за категориите лица што се изложени на ризик, односно за лицата што може да имаат близок контакт со заразени птици.
Дивите птици, најчесто преселните, се резервоар и најчести преносители на вирусот на болеста птичји грип, информираат од Агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Жителите на Леуново се евакуирани и безбедни
Жителите на Мавровско Леуново се евакуирани поради неповолни услови, со успешно спроведена операција од надлежните служби.
Сите жители на Мавровско Леуново се евакуирани поради неповолните услови, соопштија надлежните служби. Евакуацијата е успешно спроведена, а службите кои беа ангажирани за поддршка и логистика ја покажаа својата подготвеност и координираност.
Жителите и посетителите на хотелот „Радика“ користеле автомобили и џипови за да стигнат до Маврово, каде патот е прооден и безбедноста е загарантирана. Според информациите, само неколку лица одлучиле да останат, по своја желба.
Евакуацијата помина без проблеми благодарение на брзата реакција на локалните власти и службите кои ја надгледуваа операцијата. Надлежните апелираат граѓаните да се придржуваат до препораките за да се избегнат несакани последици.
Останува ситуацијата да се следи, а службите се подготвени за дополнителни активности ако тоа е потребно.
Македонија
Највисока снежна покривка од 68 см во Маврови Анови
Врнежите од снег на планинските места ја зголемија и проширија снежната покривка особено во западниот дел од земјата. Како што соопшти УХМР, 68 сантиметри се измерени на Маврови Анови, 51 см на Попова Шапка, 25 во Лазарополе и 5 см во Берово.
Во пониските места, пак, врнежите беа од дожд. Најмногу наврнат воден талог за изминатите 9 часа до 16 часот, од 38 л/м2 се измерени во Крушево, 33 во Кавадарци, 32 Попова Шапка, 31 Маврови Анови, 30 Тополчани, 19 Битола, 17 Прилеп, 14 Берово, 12 Лазарополе, 10 Гевгелија, 9 Велес, Струмица, 6 Тетово, Виница, 5 Скопје – Зајчев Рид и 3 л/м2 во Штип, Пожаране и Охрид.
Времето утре наутро умерено до значително облачно со појава на слаб локален дожд и снег особено во јужните делови од земјата. Попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 8 степени.
Во Скопје претпладне облачно, преку денот тивко, а облачноста ќе се намалува.
Минималната температура ќе се спушти до 2 , а максималната ќе достигне до 8 степени.
До средината на неделата времето ќе биде стабилно со услови за појава на магла по котлините, а постојната снежна покривка постепено ќе се намалува. Наоблачување со појава на повремен дожд, а на планините и дел од повисоките места од снег ќе има во ноќта кон четврток и потоа преку денот.
Македонија
Груби негира поврзаност со лицата кои го палеа македонското знаме
Поранешниот вицепремиер и функционер на ДУИ, Артан Груби, го осуди палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на Албанското знаме. Во својата објава на Фејсбук тој ги демантираше наводите за неговата поврзаност со настаните искажани од Коалицијата „Влен“ и побара јавно извинување.
– Немате сила! Ниту знаење, ниту храброст, но уште поважно, ја немате волјата на Албанците, туку ја имате милоста на ВМРО и желбата да се потчинуватe и да им служите. Го осудувам насилството и палењето знамиња, како што го осудувам и институционалното поттикнување на тензии и селективната моноетничка правда и во најсилна можна форма демантирам каква било моја наводна монструозна и пропагандистичка поврзаност со настаните од 28 ноември. Срамот што си го наметнавте на себе и на вашите семејства не се покрива со никаква клевета, затоа, согласно законот, очекувам извинување од клеветникот во рок од 24 часа, во спротивно ќе го тужам за откривање на неговите лаги кои им се секојдневие, стои во објавата на Груби.
Коалицијата „Влен“ денеска на прес-конференција обвини дека младите кои го запалија државното знаме на Денот на албанското знаме се блиски соработници на поранешниот вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
– Со задоволство и гордост можеме да соопштиме на пошироката јавност дека Денот на независноста на Албанија се сметаше за идеален момент за дестабилизација на ДУИ, овој план беше срушен со 17 лице притворени. Зашто, никој никогаш во замена за ништо не може да запали државни и национални знамиња, без разлика на нивната припадност. Ние ја завршивме нашата работа многу професионално и многу брзо. Со жалење и загриженост ве известуваме дека ВЛЕН обезбеди и фотографии кои докажуваат дека младите кои го запалија државното знаме се блиски соработници на мајсторот на казиното, Артан Груби, изјави денеска Арбен Фетаи, секретар за надворешни прашања од Алијанса за Албанците, кој е и актуелен заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење.