Македонија
АХВ со предупредување: Поради високите температури – внимавајте на безбедноста на храната и здравјето на милениците

Агенцијата за храна и ветеринарство предупредува дека поради најавеното зголемување на дневните температури се зголемуваат и ризиците од појава на труење со храна. За да се спречи ова, наведуваат од АХВ, неопходно е да се направи правилен избор на храна при нејзина набавка и да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Потребно е да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, а пред сè да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува потрошувачите да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како што се месото, млекото јајцата и други да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или во замрзнувач.
„Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа“, додаваат од АХВ.
Оттаму им советуваат на граѓаните кои јадат во угостителските објекти, да водат сметка дали операторите со храна се грижат за хигиената и безбедноста на храната. Во објектите за брза храна да се одбегнува употреба на додатоци кои не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.
Доколку се процени дека храната не е безбедна, да не се ризикува – храната да се фрли!
„Високите температури се опасност и за домашните животни и милениците. Порастот на температурите претставува стрес за секое животно кој може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се дејствува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.
Во услови на високи надворешни температури да се води сметка ако дојде до топлотен удар, животните да се сместат во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на свеж воздух. Да им се даде доволна количина свежа вода, а телесната температура да им се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо“, се додава во предупредувањето.
Исто така, сопствениците на домашни миленици животните да не ги оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории.
На фармите да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните да се заштитат од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло, попладне дожд и грмежи

Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе има ретка појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. УВ=8
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во следните денови ќе се задржи сончево и топло време, во попладневните и вечерните часови со локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Денес без струја делови на Пинтија, утре делови на Сопиште, Карпош и Чучер Сандево

ЕВН информира дека заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат следните корисници:
од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од ул. 1515, ул. 1513 и дел од ул. Саса во околината на ОУ Рајко Жинзифов во нас. Пинтија. (Oпштина Кисела Вода)
Утре пак без струја ќе бидат:
од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од с. Добри Дол. (Oпштина Сопиште)
од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од с. Горно Соње. (Oпштина Сопиште)
од 09:00 до 10:30 часот, објектите во околината на бул. Партизански Одреди бр. 70. ( Општина Карпош)
од 09:00 до 14:00 часот, ул. Желево зграда 3 и зграда 5 и ул. Разловечко Востание зграда 22 и зграда 24. (Општина Карпош)
од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Побожје. (Oпштина Чучер Сандево)
Македонија
Изменет режим на повеќе линии на ЈСП, поради блокада на крстосницата во Автокоманда

Утрово од 7 до 10 часот, поради најавената блокада на раскрсницата во Автокоманда на булевар „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“, дел од линиите од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот.
По изменети траси ќе сообраќаат:
Линии 43, 45, 50, 50А, 52, 53, 55, 55 В, 62, 63, 63А, 65, 65А, 65Б, 65В, 66, 66А и 68
Во насока на Дом на печат, Клинички центар и Транспортен центар, во Автокоманда преку булевар „Александар Македонски“ ќе се исклучуваат на клучката Дијамант, па по булеварите „Киро Глигоров“, „Србија“ и „Јане Сандански“ до крајните постојки на Транспортен центар, а линиите 43, 50 и 50А од Транспортен центар, преку Југодрво и Рекорд, ќе продолжуваат до крајните постојки на Дом на печат и Клинички центар.
Во обратна насока, ќе сообраќаат по истиот изменет режим.
Линија 54
Од кај Бриколаж, од улица „Перо Наков“, ќе врти лево по булевар „Киро Глигоров“, па по булеварите „Србија“ и „Јане Сандански“ до крајната постојка на Транспортен центар.
Во обратна насока, ќе сообраќа по истата изменета траса.
Линија 16
Од Пржино према Железара ќе сообраќа преку Чаир (Бит пазар, Чаир, Железара).
Во обратна насока, ќе сообраќа по истата изменета траса.
Линиите 13 и 42
Во насока на Железара, движејќи се од Кисела Вода и Драчево, кај Фершпед ќе вртат лево на улица „808“, ќе поминат пред дирекција на ЈСП се до постојката кај „Алкалоид“ која ќе биде почетна/крајна постојка
Лините 2 и 2А
Во насока на Автокоманда, на кружниот тек кај Континентал, ќе се враќаат назад на кружниот тек и почетно/крајна постојка ќе им биде постојката кај Светлост.