Македонија
Без плата, без здравствено и со возило старо 38 години, вработените во Национални шуми 11 дена се борат со огнот на Серта (ФОТО+ВИДЕО)
Без здравствено осигурување, со плата која доцни и не им е исплатена од мај годинава, вработените во Национални Шуми на чело со раководителот од Демир Капија, Слободан Чапов со денови преморени се на планината Серта која постојано гори и на која се појавуваат нови жаришта. За да биде состојбата уште потажна за да го изгаснат огнот овие луѓе дојдоа со возило старо 38 години. Жалната слика за состојбата и условите во кои работат ја сподели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

„Ова возило е од 1986 година, значи старо е 38 години. Веќе 11 дена се бориме со огнот и иако сме преморени, ќе останеме овде до последниот дим. Нема да се откажеме. Немаме здравствено осигурување, немаме земено плата од мај, но имаме желба да помогнеме и не си одиме додека не го изгаснеме огнот“, вели Чапов.

Директорот на ЦУК, Ангелов прашува дали во 2024 година треба со вакво возило кое е корозирано и старо да се гасат пожари и додава дека овој автомобил треба да е во музеј како олдтајмер, а не на терен.

И покрај обидите да се изгасне пожарот на Серта, таму постојано се појавуваат нови жаришта, а на ова место останаа апокалиптични слики.
Овие луѓе кои очигледно надлежните ги подзаборавиле, не ја губат волјата да бидат хумани и да го спасат она што остана од Серта и покрај тоа што се преморени и на терен се борат со опасни пламени јазици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на магистралниот пат Струмица – Дабиле
Од 04:20 часот сообраќајот на магистралниот пат Струмица – село Дабиле е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.

