Македонија
Без струја делови на Аеродром и Зелениково

Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
во периодот од 9:00 до 15:00 часот, корисниците од село Долно Лисиче и делот кон Драчево (општина Аеродром);
во периодот од 8:30 до 15:30 часот, корисниците на дел од бул. Видое Смилевски Бато спроти ПСС Ново Лисиче – блок 1, 3, 5, 9 (опш. Аеродром)
во периодот од 9:00 до 13:00 часот, корисниците на дел од село Зелениково околу Млекарница (општина Зелениково).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Отчукува часовникот до застарување на делото на Мијлаков – остануваат 16 дена до слобода

Преостануваат 16 денови во кои Апелација треба да донесе одлука за предметот „Титаник 2“, а за на обвинетиот Сашо Мијалков да не му застари делото. Предметот кој Кривичен суд предвреме го пратил до Апелација, па беше вратен назад и повторно пратен – сега е во Вишото јавно обвинителство. Таму, обвинител треба да даде мислење по однос на жалбите.
„Предметот денеска ни стигна од Апелација. Го дадеме на обвинител да го проучи предметот. Мислам дека утре или задутре, ќе има одлука од страна на Обвинителство“, вели Мустафа Хајрулахи за „Макфакс“.
Ако предметот биде вратен задутре со мислење, ќе останат уште 14 дена за закажување на јавна седница. По нејзиното одржување, ќе може да се донесе и одлука.
За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичен суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.
Македонија
Пресудата за Владимир Талески пред Врховниот суд: Предметот ќе го пратиме во Обвинителството на мислење

Врховен суд сега ќе одлучува за иднината на предметот „Транспортер“ за кој ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, издржува затворска казна заедно со поранешниот секретар на Општината. Од таму посочуваат дека предметот за мислење ќе биде доставен до Обвинителство по што ќе се донесе одлука.
„Во Врховниот суд на Република Северна Македонија доставен е предметот ‘Транспортер’. Во согласност со Законот за кривичната постапка, предметот веднаш ќе биде доставен на мислење во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, вели Врховниот суд.
Предметот патуваше од Апелација до Врховен суд три месеци, време во кое се поднесоа жалби на пресудата донесена од второстепените судии. Апелација на крајот од декември им ги намали казните на обвинетите. Талески треба да одлежи седум години затвор наместо осум. Поранешниот секретар на општина Битола, Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, па од шест години сега треба да издржи 5 години и шест месеци. На некои од управителите на фирми што добија казни од 2 до 3 години затвор Апелација им изрече условни осуди.
Македонија
(Видео) Со трактори ќе го блокираат патот кон Бугарија кај Страцин, државата не најде решение за пресечениот локален пат

Жителите на кратовското село Страцин следната недела со трактори и автомобили ќе го блокираат патот кон Бугарија. Разочарани се што и по три недели откако јавно изразија револт Јавното претпријатие за државни патишта не презело ништо за да им обезбеди пристап до селото откога им го пресече локалниот пат заради изградба на експресната сообраќајница Ранковце-Крива Паланка.
„ Пред три недели кога се собравме и кажавме дека планираме да го блокираме патот кон Бугарија ни рекоа дека ќе најдат решение, да не излегуваме на протест. Ние пат сè уште немаме ниту пак се работи на терен за да ни се овозможи пристап. Со стоката и со трактори место по локалниот пат сега одиме преку патот што води кон Бугарија. Следната недела ќе го блокираме и нема да може никој да помине. Денес имавме состаноци, а за викендов ни се закажани последните подготовки. Протестот ќе го пријавиме и ќе се организираме како секој ден што мораме со тракторите да излеземе на патот кон Бугарија, еден ден ќе ги оставиме паркирани на патот. Немаме друг излез“, велат жителите на Страцин кои веќе формирале штрајкувачки одбор.
Тие бараат Јавното претпријатие за државни патишта да најде алтернатива на локалниот пат со која ќе бидат поврзани сите куќи од селото за да може непречено да си ги завршуваат вообичаените обврски. Најавуваат дека за проблемот ќе ги известат и сите амбасади во Македонија од кои очекуваат помош за локалниот пат повторно да им биде функционален.
Јавното претпријатие за државни патишта пред три недели извести дека на изведувачот му е даден налог веднаш да овозможи сообраќај по стариот локален пат со заобиколување на пресечените делови.
Објаснување зошто три недели на терен нема никакво поместување од Јавното претпријатие за државни патишта најавија за утре.