Македонија
Без струја делови на Карпош и Сопиште

Од „ЕВН Македонија“ АД известуваат дека, утре, без електрична енергија, ќе останат:
– во периодот од 9 до 13 часот корисниците од улицата Хелсинки, од бр. 51 до бр. 65 (општина Карпош);
– во периодот од 9 до 13 часот дел од корисниците во с. Горно Соње, местото наречено Мајсторец (општина Сопиште).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Категорично ги отфрламе невистините пласирани од ВМРО-ДПМНЕ и Чулев

„Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла сите невистини пласирани на денешната прес конференција на ВМРО ДПМНЕ од страна на Наќе Чуле и го повикува да го покаже архивското бројче од актот со кој тврдат дека го пријавиле протестот, со наводно однапред позната маршрута на движење и точки на застанување. Таква пријава во МВР не постои“ стои во реакцијата од МВР за прес-конференцијата што денеска во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ја одржа екс-министерот за внатрешни, Наќе Чулев.
Од Министерството велат дека „согласно член 3 од Законот за јавни собири, известувањето се поднесува во подрачната единица на МВР на чие подрачје се одржува јавниот собир и во него е наведен организаторот на протестот со сите преземени мерки во врска со непречено организирање на протестот. Но, таков документ со архивски број нема, бидејќи таков акт не постои“.
„Екс-министерот за внатрешни работи точно знае дека согласно законот, организаторот кој го пријавил протестот може да сноси и одговорност за активностите кои се случуваат на истиот. Оперативниот план на МВР со мерки и активности е изготвен согласно оперативните сознанија на полицијата, а не според изнесените дезинформации за уредно најавен протест и благодарение на тој план, со брза реакција на полицијата беа избегнати поголеми инциденти, а досега се приведени 20 лица, од кои против 12 веќе се поднесени кривични пријави“ се вели во реакцијата на МВР.
Македонија
Макрон: Се отвора историска можност, изборот е ваш

„Повторно Северна Македонија се наоѓа пред клучен момент од својата историја. Седумнаесет години по добивањето кандидатски статус, штотуку се отвора историска можност: влегување во активна фаза на процесот за пристапување кон Европската Унија. Изборот е ваш“.
Ова е пораката на претседателот на Франција, Емануел Макрон, откако во земјава траат консултациите и преговорите во врска со францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија и почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
„Вие, македонски народe, уште од стекнувањето на независноста покажавте голема политичка храброст и мудрост. Во 2001 година го склучивте Охридскиот рамковен договор, симбол на возможен успех на едно мултиетничко општество. 18 години подоцна успеавте да најдете сили да го потпишете Договорот од Преспа и станавте триесеттиот сојузник на НАТО. Ја заслуживте почитта од цела Европа. Вашето достоинство како македонски народ е стекнато: тоа никогаш нема да биде доведено во прашање.
Уште еднаш, дојде време да се направи избор и ние сме на ваша страна да ве охрабриме да направите нов чекор.
Имате кандидатски статус од 2005 година и тоа траеше предолго. Затоа, предизвикот сега е да влезете во нова фаза од процесот на вашата интеграција. Знаеме дека со текот на времето, одложувањата и тешкотиите, оваа европска перспектива стана предмет на сомнежи.
Јас сум потполно свесен за длабочината и чувствителноста на прашањата што треба да се решат меѓу Северна Македонија и Бугарија. За време на француското претседателство со Советот на Европската Унија, како и за време на германското, португалското и словенечкото претседателство, не штедев напори да се најде решение кое ќе ги почитува интересите и достоинството на двете страни.
Во Бугарија, нацрт-договорот беше предмет на интензивна дебата. Но, на крајот бугарското собрание знаеше да ја преземе одговорноста, со широко и натпартиско гласање.
Сега останува на вас, Македонците, да се изјасните. Моќта да го смените текот на историјата отсега е во ваши раце.
Нема да ви кажам дека овој договор е совршен, но ќе ви го расчисти европскиот пат. Како и секој договор, така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа.
Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет.
Во овој договор е наведен Договорот за пријателство со Бугарија од 2017 година. Тој гарантира негово добро спроведување, во име на добрососедските односи, кои се темел на европските вредности.
На крај, станува збор за ревизија на Уставот за да се интегрираат нови заедници во него. Вашата земја веќе претставува пример за соживот во Европа. Ќе треба да се изјасни македонското собрание.
Конечно е дојдено време секој да дејствува, со целосна одговорност и процена на тежината и последиците од своите постапки.
Ваше е да ја донесете одлуката што ќе ја обликува иднината на Северна Македонија, за која сум убеден дека нејзина определба е да биде целосно дел од европското семејство“ се вели во пораката на францускиот претседател објавена на страницата на амбасадата на Франција во земјава.
Македонија
(Видео) Костовски: Мицкоски вчера беше подготвен да ја втурне целата држава во конфликт

„Целата јавност вчера виде обид за крваво сценарио во режија на Христијан Мицкоски и неговите коалициски партнери Левица и Алијанса. За свои лични цели, Мицкоски вчера беше подготвен да ја втурне целата држава во конфликт, преку опасно, мрачно и крваво сценарио за граѓански судир и етнички конфликт. Тоа крваво сценарио не успеа поради притисокот од јавноста и реакција на институциите. Се потврди дека сè е дел од мрачните глави во ВМРО-ДПМНЕ и антиевропските партии. Мицкоски не беше жртва туку режисер и главен реализатор на тоа мрачно, крваво сценарио“, обвини денеска пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.
Пратеникот смета дека „добро е што Арсовска го разреши директорот, но со тоа и самата директно потврди дека се работи за коалициски партнер и дека било договорено сценарио, кое, за среќа, под притисок на јавноста пропадна“.
„Прво Мицкоски велеше дека во него пукале, потоа дека пукале во толпата. Па какви се овие глупости, како од толкава толпа Мицкоски се препозна самиот? Се знае како, затоа што тој го смисли и го режираше ова сценарио кое не успеа. Ова говори дека нема основни човечки граници ова насилничкото и деструктивно однесување на Мицкоски и неговите коалициски партнери“, смета Костовски.
Пратеникот од СДСМ изјави дека „го повикуваме Мицкоски да се откаже од нови крвави сценарија, да престане да ги турка луѓето во смислени судири и конфликти и јавно да се огради од неговите пиштолџии и качулки. А потоа да повика на итен прекин на насилството“.