Македонија
Без струја делови од Скопје

Регионалниот центар за управување со кризи на Скопје, по добиено известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, денеска без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· од 8.30 до 12 часот корисниците од дел од улицаат 23 Октомври (општина Аеродром);
· од 9 до 11 часот корисниците од дел од улицата Петар Делјан (општина Кисела Вода);
· од 9 до 15 часот корисниците од дел од с. Добри Дол (општина Сопиште);
· од 9.15 до 11.15 часот корисниците од улиците 531, 532 и 533 во населбата Марино (општина Илинден).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Преговори МОН – СОНК: прифатени се сите препораки на посредникот во процесот на преговори меѓу двете страни

Прифатени се сите препораки на посредникот, кој во согласност со позитивните правни прописи беше назначен да управува со процесот на преговори за надминување на предизвиците помеѓу Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование, наука и култура.
Претставниците на двете страни се согласија да има покачување на платите на вработените во основните и во средните училишта за 15 % почнувајќи од септември годинава, а воедно и да нема кратење на платите за минатиот месец кога, поради генералниот штрајк, 12 дена не се реализира настава.
МОН и СОНК ги усогласија и ставовите за потпишување нови колективни договори за основно и за средно образование, кои одат во прилог на унапредување на општествената и економската положба на вработените во двете области. Исто така, утврдена е и нова методологја за постојан раст на платите во образованието, како и спроведување низа други заеднички активности за унапредување на воспитно-образовниот процес во училиштата.
Двете страни ги прифатија предлозите на посредникот, кој се вклучи во преговарачкиот процес, и тоа е нотирано во записникот што е потпишан од учесниците на последниот состанок, со кој процесот на преговори со посредство на трета страна завршуваат. Воедно, со тоа се потврди и дека опцијата за надминување предизвици со помош на посредник е ефикасна и ќе овозможи продолжување, но и јакнење на социјалниот дијалог помеѓу МОН и СОНК, кои остануваат партнери фокусирани на градење подобар и поквалитетен национален образовен систем.
Македонија
Средба на собраниска делегација предводена од Џафери со специјалниот пратеник на германската влада, Сарацин

Во попладневната сесија политички разговори во рамките на студиската посета на Бундестагот делегацијата на Собранието имаше средба со специјалниот пратеник на владата на Федерална Република Германија, Мануел Сарацин.
Сарацин истакна дека како поранешен пратеник и член на групата за соработка со парламентите од Југоисточна Европа и тековно како специјален пратеник за Западен Балкан неколкупати го посетил регионот и многу добро е запознаен со јавните политики и политичките настани во Северна Македонија. Ја истакна силната поддршка на Германија во процесот на евроинтеграциите.
Тој нагласи дека процесот на отворање и затворање поглавја за членство во Унијата е комплициран и тежок и дека од особена важност е навреме да се спроведат реформите во конкретни сфери за да се олесни целокупниот процес, од една страна, но и како придобивка за граѓаните на државата.
Претседателот Џафери се заблагодари за постојаната и недвосмислена поддршка од Германија, која е докажана и преку фактот што според индикаторите на трговска размена Германија е на прво место. Во однос на реформите што се имплементирани во државата и нивната успешност – позитивните извештаи од 2019 година се позитивни и тоа е знак дека сме на добар пат. Во однос на геополитичката состојба и агресијата на Руската Федерација во Украина, претседателот Џафери го истакна усвојувањето на декларацијата, со која како држава ги осудуваме агресијата и воените дејства во Украина, како и приклучувањето кон санкциите против Русија, целосното усогласување со позициите на Унијата иако не сме нејзина членка. Во овој контекст од ЕУ не очекуваме субвенции, туку да рефлектира во согласност со развојот на настаните на европскиот континент.
Соговорниците се согласија дека во моментот е неопходно да се најде заедничка основа во преговорите со Бугарија и да се преземат чекори што нема да имаат цел да ја изменат или поправат историјата затоа што таа е токму тоа – историја, минато, а во моментот потребно е да се гледа и да се работи на иднината.
Македонија
Ковачевски – Савада: Заинтересираност од Јапонија за инвестиции и силна поддршка за евроинтеграциите и обединета Европа

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со јапонскиот амбасадор во земјата, Хиронори Савада.
На состанокот се потврдени традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави и определеноста од двете страни за развој на соработката. Посочено е дека предвидената скорешна посета на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на Јапонија е потврда за блиската билатерална соработка меѓу државите.
Заеднички е оценето дека постојат потенцијали за унапредување на економската соработка. Во таа насока пренесена е заинтересираност од јапонски компании за инвестирање во земјата.
Истакната е и силна поддршка од Јапонија за напредокот на нашата држава во европските интеграции бидејки, како што е оценето, од важност за сите, и за Северна Македонија, но и за Европската Унија и за светот, е обединета Европа, со интегриран Западен Балкан во Унијата.
Исто така, заеднички е констатирана важноста на политичката стабилност во државава, со цел задржување на економската и на социјалната стабилност во полза на граѓаните.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за искреното пријателство со Јапонија и за значајната поддршка што ја добива земјата од Јапонија како еден од најголемите билатерални донатори. Тој ја поздрави иницијативата на Јапонија за соработка со Западен Балкан од 2018 година и упати покана до компаниите во Јапонија за посета на државата.
„Економијата е стабилна и денарот е стабилен. Носиме одлуки за доброто на граѓаните и нема да дозволиме какви било несериозни притисоци за политички интереси да наштетат. За таа цел, ја развиваме и регионалната соработка преку иницијативата ‘Отворен Балкан’. Во однос на отворањето преговори, Република Северна Македонија го прави потребното, работиме напорно за напредок на државата и поставени сме принципиелно во развојот на добрососедските односи“, рече премиерот Ковачевски.