Македонија
Без струја делови на Кисела Вода, Ѓорче Петров и Карпош

Од „ЕВН Македонија“ АД информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 9 до 13 часот корисниците од улицата Томе Арсовски (општина Кисела Вода);
– во периодот од 9:10 до 14 часот дел од корисниците од село Кучково, како и корисниците од село Волково лоцирани кај обиколницата (општина Ѓорче Петров);
– во периодот од 11 до 13 часот објектот на градинката на булеварот Илинден, лоцирана зад тенискиот клуб АБЦ, како и објектот на „Флораком“ (општина Карпош).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левицата: ДПМНЕ во Битола со 15 милиони денари долг ги загуши јавните претпријатија во една година

Погубниот тренд на генерирање долгови на јавните претпријатија и нивно катастрофално менаџирање продолжува и со локалната власт на ДПМНЕ. Наместо кривични пријави за корумпираното работење на претходните локални власти од СДС поради неодговорно раководење со јавните претпријатија, градоначалниците на ДПМНЕ продолжуваат да ги задолжуваат општините и општинските претпријатија, реагираат од Левицата.
„Катастрофална е ситуацијата во општина Битола, со која раководи градоначалникот од редовите на ДПМНЕ, Тони Коњановски. Финансиските извештаи покажуваат дека, само во една година, долгот во три јавни претпријатија во оваа општина се зголемил за неверојатни 15 милиони денари! Најкритична е состојбата во битолското ЈП Водовод, каде долгот се зголемил за 10 милиони денари и на крајот од 2022 година изнесувал речиси 18.500.000 денари“, се истакнува во нивното соопштение.
Со оглед на фактот дека голем дел од општините прв пат се задолжија со кредити, како што беше случајот со општина Аеродром, јавно прашуваме, додаваат од оваа партија, дали на овој начин партијата на Мицкоски ги финансисира своите скапи предизборни активности?! Веќе воспоставена пракса е овие две криминогени партии да ги цедат буџетите на централно и локално ниво за свои лукративни цели, а особено кога е во прашање предизборен период.
Според нив, јасно е дека овие две партии немаат капацитет да излезат од своите тесно партиски интереси и три децении меѓусебно ги амнестираат своите криминали, додека јавните институции се загушени во партизација, нефункционалност и долгови. Оценуваат дека нивниот модус операнди, како што велат, единствено почива на владеење преку партиски вработувања и тендер-зделки, без кои овие две партии веднаш би биле избришани од политичката сцена.
Македонија
Сојузот на средношколците поднесе иницијатива до Устевниот суд: сите ученици да имаат бесплатен јавен превоз

Сојузот на средношколци поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 А од законот за средното образование.
Законските измени кои што ги предлага Сојузот се однесуваат на правото на бесплатен јавен превоз на сите средношколци. Претседателот на Сојузот, Лука Павичевиќ на денешната прес-конференција рече дека моментално не се третирани сите средношколци подеднакво, бидејќи има повеќе категории средношколци кои ова право го немаат.
„ Во март одржавме прес-конференција и најавивме дека нашите предлог измени на законот за средно образование по однос на овој член ќе ги поднесеме до Собранието и им дадовме рок од два месеци, односно до 15 мај, истиот да го стават во постапка и да го донесат, бидејќи не стануваше збор за обемен и сложен закон, туку за интервензија во само еден член“ рече Павичевиќ.
Тој вели дека најбројни се учениците од приватните училишта, но и учениците од стручните училишта кои посетуваат феријална практика во текот на распустите.
„А феријалната практика е училишна обврска пропишана и со закон и со пропис. Исто така и учениците со посебни образовни потреби кои се сместени во училишните домови и посетуваат т.н. специјални училишта немаат право на јавен превоз, бидејќи нивните домови се веднаш до училиштата. Ова создава нееднаква и отежната состојба за овие лица“ рече тој.
Немаат право на бесплатен превоз ниту учениците кои живеат на помалку од 2,5 километри од училиштето.
Според него сегашните одредби во законот се косат со членовите 9 и 44 од Уставот. Членот 9 вели дека сите граѓани се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на косата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. А членот 44 од Уставот пак вели дека секој има право на образование.
Македонија
Шаховскиот клуб „АЛКАЛОИД“ ќе учествува на Светското екипно шаховско првенство за сениори/ветерани за 2023 година

Шаховската федерација на Македонија направи одличен потег со аплицирање и со добивање на организацијата на Светското сениорско екипно првенство во шах за 2023 година (за ветерани, шахисти и шахистки над 50 и над 65-годишна возраст).
Ова врвно шаховско натпреварување, во заедничка организација на ФИДЕ (Светската шаховска федерација) и на Шаховската федерација на Македонија, ќе се одржи од 18 до 29 септември во х. „Изгрев“ во Струга.
Во согласност со турнирските правила, на Светското екипно првенство за сениори имаат право да учествуваат и репрезентации и шаховски клубови, но предуслов е сите играчи од една екипа да бидат во соодветната возрасна категорија и регистрирани во иста земја. Најуспешниот македонски клуб, Шаховскиот клуб Алкалоид, го пријави своето учество во категоријата на екипи со играчи постари од 50 години, а во екипата се вклучени врвните македонски велемајстори, долгогодишни членови на клубот и државни (сегашни и поранешни) репрезентативци:
§ Трајко Недев – 3-пати државен шампион и освојувач на сребрен медал за поединечен резултат на Европско екипно првенство во 2003 година;
§ Драгољуб Јаќимовиќ – 2-пати државен шампион и освојувач на златен медал за поединечен резултат на Шаховската олимпијада во 2000 година;
§ Звонко Станојоски – 6-пати државен шампион и актуелен државен шампион за 2023 г.;
§ Влатко Богдановски – 7-пати државен шампион;
§ Кирил Георгиев – како нов член на екипата, поранешен светски сениорски брзопотезен шампион и светски јуниорски шампион;
§ Роландо Кутиров – капитен на екипата, 2-пати државен шампион.
Сите тие се шахисти кои дале исклучителен придонес во развојот и во резултатите на македонскиот шах, а во составот на репрезентацијата несебично и посветено ги бранеле боите на нашата држава на многу Шаховски олимпијади и Европски екипни првенства. Истовремено, како долгогодишни членови на екипата на ШК Алкалоид, заедно ги создаваат сите успеси, вкупно 24 шампионски титули за клубот на Екипните првенства на Македонија, од кои последните 10 се во континуитет досега! Дел од играчите беа во составот на ШК Алкалоид во 2016 година кога клубот стана европски клупски првак, како и во 2017 година кога клубот ја освои вицешампионската титула.
Учеството на ова светско екипно првенство е нов мотив и предизвик, како и желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и севкупната спортска јавност повторно и натаму ќе се гордеат!
ПР