Македонија
Бесплатно членување во спортски клубови на децата од социјално ранливи групи и училиштен прибор и ранче за секое прваче од ранлива категорија
Бесплатно членување во спортски клубови и бесплатно ранче со училиштен прибор за децата од ранливите групи – ова се двата амандмани од советничката група на Левица, кои беа едногласно прифатени на 42-та седница на Советот на Општина Битола.
Oпштината ќе преземе целосна одговорност за субвенционирање на бесплатно спортување во локалните спортски клубови во општината на децата кои доаѓаат од социјално ранливи групи, како што се:
– децата од семејствата – приматели на социјална парична помош;
– децата без родители и родителска грижа;
– децата корисници на посебен и детски додаток;
– деца на самохрани родители;
– деца на родители со инвалидска пензија…
Според Барањето на Левица, за субвенционирање на бесплатно спортување во локалните спортски клубови во општината на децата кои доаѓаат од социјално ранливи групи, од буџетот на Општина Битола треба да се издвојат средства во износ од 200.000 денари од Програмата за спорт до крајот на тековната 2024 година, а од наредната година треба да се формира буџет за оваа категорија на лица кој континуирано ќе се процесуира низ годините.
Како втор амандман е обезбедувањето на училишен пакет за децата од ранливите категории, со цел да им се овозможи на родителите финансиско олеснување. Овој пакет ќе содржи анатомски ранец и тетратки за почетно пишување, помагало за броеви, блок, самолеплива колаж хартија, дрвени боички, фломастери, пластелин, моливи, тетратка, острилка и гумичка. Според Барањето на Левица, училишниот пакет треба да биде во вредност од 6000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дождот не го изгасна целосно, но го стави под контрола големиот пожар во Мариово
Дождот кој заврна попладнево помогна да се стави под контрола големиот пожар во Мариово, но сепак сѐ уште не е целосно изгаснат. Гори на неколку места со слаб интензитет, информираше вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Дождот кој заврна во прилепско помогна во гаснењето на пожарот во мариовскиот крај. За жал с уште не е изгaснат целосно, има горење со слаб интезитет на неколку места“, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Временските прилики им помогнаа на лицата кои веќе една недела на терен учествуваа во борбата со огнената стихија, која беше со периметар од над 100-тина километри и зафати површина од околу 15.000 хектари. Под контрола се и останатите два пожара во прилепско.
Македонија
За една недела 25 нови случи на голема кашлица
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информира дека од 30 август до 5 септември во Македонија пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица, што е за 47,1% повеќе во споредба со претходниот седмодневен период, кога беа регистрирани 17 новозаболени.
Најголем број заболени се во Скопје -14 каде случаи се регистрирани во сите скопски општини; во Тетово – 5, Кратово – 3, Куманово – 2 и еден случај во Крива Паланка.
„Возраста на заболените се движи од 1 месец до 60 години, а најголем број на случаи се од возрасната група под една година. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 6 се комплетно вакцинирани и еден е вакциниран согласно возраста. Од новите случаи 5 заболени се хоспитализирани“, велат од Институтот за јавно здравје.
Македонија
Неисправни се двата полициски хеликоптери и двата ер-трактори, се чека дождот да го изгасне пожарот кај Мариово (ВИДЕО)
Неисправни се двата полициски хеликоптери и тие не можат да учествуваат во големиот пожар во прилепскиот дел од Мариово чиј периметар се прошири на 110 километри, а е во должина од над 30 метри, се гасне од земја. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека пред неколку часа на помош на пожарникарите од Прилеп и од повеќе други градови, како и на војската и полицијата пристигна еден ер-трактор. Другите два ер-трактори кои ги има државата, за жал, се неисправни, изјави Ангелов. Директорот на ЦУК соопшти дека заврна дожд во Мариово и дополнително ќе извести дали пожарот е целосно изгаснат.
Ангелов изјави дека е тежок пожарот над викенд населбата во скопско Катланово. Тој нагласи дека пожарот создава голем чад и дека тешкотија претставува непристапниот терен. Како што рече, вчера гаснел еден армиски хеликоптер, а денеска пожарникарите од скопската бригада.
Во продолжение е видео-изјавата од Ангелов и за другите пожари во земјава.