Македонија
Бистри и матни случаи за септември 2023 година според „Транспаренси интернешнл – Македонија“

„Транспаренси интернешнл – Македонија“ продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење случаи и дејства поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарекоа „бистро – матно“.
Матни настани за септември 2023 година
Ја гази ли профитот Хипократовата заклетва?
Полицијата и Обвинителството влегоа на претрес на Клиниката за онкологија
„По насоки на Основното јавно обвинителство Скопје, со обезбедена судска наредба, од страна на МВР преземени се дејства во предистражна постапка за обезбедување докази што ќе бидат предмет на анализи и вештачење со цел да се испитаат евентуални обележја на кривично дело на Клиниката за онкологија“, известија од Обвинителството.
Тивка амнестија
Владата тајно ги утврди, Собранието експресно, со 48 гласа „за“ ги донесе измените на Кривичниот законик
Предлог-измените на Кривичниот законик, кои Владата ги поднесе во Собранието по скратена постапка (со европско знаменце), предизвикаа лавина реакции во јавноста. Со нив, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувањето, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните, кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Секој искажан збор има своја последица, секое молчење исто така – Сартр
Врховен суд: Донесувањето законски измени без транспарентен процес е спротивно на европските стандарди – Врховниот суд смета дека донесувањето законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди.
Пендаровски да го искористи правото на вето, побара Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата – од страна на Платформата беше побарано од претседателот на државата, Стево Пендаровски, да го искористи уставно загарантираното право на вето и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик, кои на 6 септември 2023 ги усвои Собранието.
Ристоска: Измените на Кривичниот законик влијаат на културата на неказнивост – „Последните измени на Кривичниот законик лично ги доживувам како навреда на сите професионалци што се вложија, пред сè, во борбата против корупцијата“. Според Ристоска, овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела, а повеќето од предметите во кои се вложени многу ресурси и енергија веќе застаруваат.
Продолжија активностите на ДКСК и овој месец
Антикорупционерите пресекоа: ДУИ го прекршила заонокт, вишокот донации примен во 2022 година, наместо веднаш, ги вратила во јули 2023 година
Демократската унија за интеграција го прекршила Законот за финансирање на политичките партии оти во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените, а вишокот пари гi вратила во 2023 година наместо веднаш или во рок од 15 дена по приемот. Државната комисија потврди дека прекршок има и дека за него ќе бараат да постапи Државниот завод за ревизија како надлежно тело.
На дното на достоинството и интегритетот
Командири од затворот „Идризово“ подмитиле затвореник со 4.000 евра зашто им ветил дека ќе ги премести да работат во МВР
Управата за извршување санкции извршила вонреден надзор во Казнено-поправниот дом „Идризово“ по поплаки од две осудени лица, кои се пожалиле од двајца командири дека им се заканувале, а кои, пак, пријавиле дека му дале мито на едниот затвореник, но тој ветувањето не го реализирал.
Бистри настани за септември 2023 година
Затвор за професорите Шуклев и Ристевски, барале пари и сексуални услуги за оценки: Втора пресуда за „Еразмус“
Обвинетите професори Бобек Шуклев и Славе Ристевски од Економскиот факултет осудени со затворски казни од 4 и пол и 4 години зашто барале пари и сексуални услуги од студентки за оценки, а демонстраторот Драган Денковски осуден со условна казна од 2 години доколку во следните 5 години не го повтори делото зашто посредувал помеѓу студентките и професорите.
Приведен грчки државјанин поради нудење поткуп
На 10.09.2023 во 20.10 часот на наплатна рампа Демир Капија полициски службеници од Полициска станица зa граничен надзор Михајлово при РЦ за ГР Југ го лишиле од слобода Г.К.(35) од Грција поради сторено кривично дело нудење поткуп.
Охриѓанец се обидел да поткупи полицајци па бил приведен
„На 10.9.2023, во 19.35 часот, на магистралниот пат Кичево – Гостивар, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода А. Ј. (59) од Охрид. По сторен сообраќаен прекршок, тој во личните исправи што им ги дал на полициските службеници ставил пари како поткуп, а кои веднаш му биле вратени“, информираат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
По објавата на „Макфакс“: МВР го бара човекот кој стои зад лажниот профил што повика на протест и бесење на Спасовски

По објавата на „Макфакс“ дека лажен профил потпишан како „Ѓоре Ајтов“ повикува на немири и протести за да го ослободат Палчо и повика на јавно бесење на министерот за внатрешни, полицијата информира дека веќе се работи на откривање, кој стои зад профилот кој ја сподели сликата со морбидната содржина.
Лажниот профил на ФБ кој злоупотребил и фотографија на Велибор Џаровски – Џаро, човекот кој важи за најпознат естраден менаџер на сите времиња во екс-ЈУ историјата, своите морбидни натписи ги пишуваше во скандалозната група „Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панче, правда за Македонија“ каде се шират теории на заговор и се бара ослободување на Љупчо Палевски, првоосмничен дека ги убил Панче и Вања.
По нашата објава, голем дел од регионалните портали, но и весници ја пренесоа веста.
Македонија
Европски сојуз за промени: Соравија е симболот на корупција во ДУИ

Денеска по повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата младите од Европскиот сојуз за промени се собраа пред Трговскиот центар „Соравија“. Велат дека тој веќе е познат како Трговскиот центар „Али Ахмети“.
„На денешен ден, кога Обединетите нации ја одбележуваат 20-годишнината од Декларацијата за борба против корупцијата, со која се изјаснија дека причината за проблемот со неразвиеноста во светот е токму корупцијата, ова нè потсетува на списокот на Транспаренси Интернешнл, каде Северна Македонија секоја година бележи пад. Затоа се прашуваме како да не е овој пад и како да не биде ова ниво на корупција кога токму лидерот на албанската партија Демократска унија за интеграција се споменува дека е вистинскиот сопственик на овој трговски центар вреден неколку милиони евра? Се разбира, тој не е ниту единствен, ниту прв, ниту пак последен. Али Ахмети Соравија е само симболичното име на корупцијата во Северна Македонија, а тој и неговите соработници се тие кои со својата корупција, присвојувајќи незаконски милиони евра од граѓаните, станаа вистинските причинители на масовното иселување на нашите граѓани од земјата.
Затоа, ние денеска симболично донесовме предмети од семејствата кои во меѓувреме ја напуштија земјата. Секое семејство што избегало поради овие корумпирани политичари оставило зад себе ранци, учебници, тетратки и детски играчки, барајќи подобар живот за своите деца. Денеска овие предмети му ги оставаме на сопственикот на Соравија, за да ги има како спомен од сите тие семејства што тој и неговите соработници ги избркаа од своите домови. Нека знае јавноста дека само од 2002 година од Северна Македонија се иселиле над 300.000 луѓе. Толку нè чинело збогатувањето на семејствата Ахмети и Груби.
За да го запреме овој негативен тренд и овој егзодус, тука сме да укажеме дека 8 мај 2024 година е последниот момент кога ние ќе го зацртаме нашиот европски пат, не со бегство во Европа, туку со донесување на Европа во нашата земја.
Ние во ЕУ, а корумпираните во затвор!“, порачаа присутните.
Македонија
Османи ќе стане татко по третпат

Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку статус на Фејсбук објави дека со сопругата го чекаат третото дете.
Османи објави фотографија со семејството со натпис „Ние петте!“.