Македонија
Битиќи и Лорковски: Македонија останува посветена на европскиот план за диверзификација кон обновливи извори на енергија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, се сретна со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски. На состанокот со директорот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, кој на оваа позиција е поставен пред околу шест месеци, беа разговарани неколку теми поврзани како со актуелната енергетска криза, така и со реформите кои ние како држава ги преземаме.
Од страна на вицепремиерот беше потенцирано дека нашата Владата на седница го усвои Планот за енергија и клима и дополнително Министерството за економија за околу две недели ќе ги достави измените на Законот за енергетика на усвојување на седница на Влада, за потоа истите да бидат ставени во собраниска процедура.
Директорот на Енергетската заедница сподели информација дека Европската комисија тековно работи на поставување цели за обновливи извори, енергетска ефикасност и намалување на стакленичките гасови за 2030 година за земјите членки на Енергетската заедница, во согласност со Планот за декарбонизација усвоен од Министерскиот совет на Енергетска заедница во 2021 година.
Од страна на вицепремиерот беше истакнато дека како што одминува времето и земајќи ги предвид случувањата во последните две години, станува сè појасно дека постигнувањето на целите зададени со Парискиот договор, за транзиција од употреба на фосилни горива кон обновливи извори е предизвик за сите земји и дека секако дел од нив ќе мора да претрпат одредени временски поместувања, но дека Северна Македонија останува посветена на оваа агенда.
Вицепремиерот се осврна и на големите енергетски проекти информирајќи го директорот на Енергетската заедница за статусот на проектите: Хидроелектрана Чебрен, АКУО енерџи како агриволтаична централа и ветерниот парк на германската ВПД. Директорот на ЕЕЗ го поздрави спроведувањето на овие проекти и оцени дека ова се охрабрувачки сигнали за Северна Македонија каде по подолго време се случува изградба на поголеми производствени енергетски капацитети кои истовремено ќе може да се користат и за балансирање на системот.
Битиќи исто така го информираше директорот на Секретаријатот и за досега преземените активности на Северна Македонија во нејзино учество во изградбата на гасниот терминал Александропули, закупувањето капацитет, изградбата на гасната централа, како и интерконекторот со Грција кој на среден рок ќе гарантира диверзификација на изворите за снабдување со гас. Дополнително вицепремиерот потенцира дека интерконекторот ќе биде изграден со најнапредна технологија со која ќе може да биде пренаменет за транспорт на хидроген кој е енергенсот на иднината.
На крајот на состанокот директорот на Секретаријатот резимираше дека главен приоритет на Енергетската заедница во моментов е основање и ставање во функција на регионален пазар на електрична енергија, кој е едно од клучните решенија кои ќе обезбедат стабилно снабдување со електрична енергија на целиот Балкански Регион и кое во исто време ќе придонесе кон постабилни цени на електричната енергија и подобро планирање на искористеноста на енергетските капацитети и интерконектори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени, рече Мицкоски пред денешниот протест

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почетокот на маршот против францускиот рпедлог кажа дека продолжуваат протестите, зашто Владата прави национално предавство. Тој рече дека уставни измени не може да се направат без ВМРО-ДПМНЕ, а партијата нема да ги поддржи за Бугарите да влезат во Уставот.
„Потребни се 80 пратеници, тие да се сигурни дека тие 80 пратеници ги немаат, тоа треба да го знаат и во Македонија и надвор од Македонија“, рече Мицкоски.
Во однос на тоа дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ помогнаа да се изгласаат уставните измени претходно, рече дека тоа нема да се случи.
„Такви предавници во овој состав нема, ве уверувам и за тоа ќе гарантирам. Владата е група кукавици и не носи сама одлука и префрла на парламентот. Нашата стратегија е да му објасниме на народот дека ова не е неговата иднина туку неговото предавство“, рече тој.
Мицкоски се осврна и на вчерашните инциденти.
„Сите што се обидуваат нема да наседнуваме на нивните провокации, знаеме кои се сценаристи, тоа се оние кои не сакаат ова да успее. Овој мирољубив народ знае дека силата е во масовноста. Ние веруваме во мирен и демократски начин на изразување незадоволство. Едно големо НЕ и на тие насилници кои скаат да ко искомпромитираат овој чист протест“, рече тој.
Македонија
Обвинителството бара притвор за мажот кој пукаше кај Скендербег и две лица кои фрлиле молотов коктел и камења кон Собранието

Обвинителството предложи притвор за три лица осомничени за инциденти за време на протестите во Скопје.
Како што информираат од ЈОРМ, мажот кој со пиштол пукаше кај плоштадот Скендербег, се симничи дека сторил кривично дело – предизвикување општа опасност. За оружјето, како што велат од Обвинителството, поседувал дозвола.
„Осомничениот, на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендер Бег“, со општо опасно средство – пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на јавен собир, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух“, наведуваат од Обвинителството.
За две други лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело – учество во толпа.
Првиот од нив, на возраст од 18 години, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што подготвил „молотов коктел“ во стаклено шише кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието.
Скопјанец нa возраст од 22 години, пак, за време на протестите пред Собранието на 6 јули, исто така учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.
Оценувајќи дека постои опасност тројцата осомничени да се дадат во бегство и можност да го повторат делото што им се става на товар, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлози за определување притвор.
Македонија
МВР: Извршен е службен разговор со лицето што држеше пиштол кај „Скендербег“, оружјето е на вештачење

Полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, во полициската станица извршија службен разговор со С. Р. (34) од Скопје, кој беше идентификуван од страна на полицијата како лице што за време на инцидентот во близина на споменикот „Скендербег“ држел пиштол во раката, но не го употребил, соопшти МВР.
Пиштолот ќе биде предаден за вештачење, а за случајот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.