Македонија
Благајничката на Камчеви: Со обезбедување дојдов во менувачницата, а парите ги претворив во евра

По паузата во Кривичниот суд во Скопје, продожи судењето за предметот „Рекет“, сведочеше благајничката на семејството Камчеви, Мирјана Бошковска. Таа била девизен референт и благајничка во фирмите на Камчеви.
На прашање на обвинителката Вилма Русковска, Бошковска одговори дека во декември 2018 и февруари 2019 година вадела поголема сума пари од сметките на Ана Камчева, Ратка Камчева и Христина Камчева. Во три наврати извадила 12 милиони и уште двапати по пет милиони денари.
„Вадев поголема сума од приватните сметки на Ана Камчева и Ратка Камчева. Тие пари требаше да ги претворам во евра“, рече сведокот.
Таа рече дека во февруари 2019 година извадила од сметките на сестрата и мајката на Камчев 18 и 21 милион денари.
„Со обезбедување дојдов во менувачницата и ги претворив во евра. Влегов од задната врата. Парите ги средивме со спецификација по апоени. И си отидов пак од задната врата“, рече Бошковска.
Таа рече дека не го видела ниту еднаш Бојан Јовановски и дека ги видела снимките од броењето на парите. Додаде дека се сеќава оти 80 отсто од парите биле во банкноти од по 50 евра и дека спецификацијата не била по сериски броеви, туку по банкноти.
Следното рочиште за „Рекет“ е закажано за 25 декември кога треба да сведочат Зоранчо Митровски, Томе Главчев и Влатко Бошков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се превртел камион кај Марвинци, повредени триесетина мигранти, возачот побегнал

Доцна попладнево се случила сообраќајка на патот Удово-Гевгелија, а притоа повредени се мигранти.
Според информациите од брзата помош од Кавадарци, повредени биле триесетина мигранти, од околу 50-тина кои се наоѓале во камионот.
Потврда за веста има и од МВР.
„На 10.08.2022 во 18:10 пријавено е дека товарно возило излетало од патот на клучка од с. Марвинци кон М1, рег. пат Гевгелија – Д. Капија. Утврдено е дека се работи за товарно возило „Сканија“ со приколка со скопски таблици. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ информираат од МВР и за утре најавија детални информации.
Македонија
КЗБ за сите суспектни случаи на мајмунски сипаници во земјава препорачува изолација и епидемиолошко следење

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ја анализираше актуелната состојбата поврзана со појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата.
Беше констатирано дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемиолошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај, се вели во соопштението од КЗБ.
„Комисијата за заразни болести препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа: изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање; изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите; секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден“ велат оттаму.
КЗБ ја реафирмира препораката до Министерството за здравство да се преземат сите неопходни превентивни мерки.
Македонија
Кабинет на Пендаровски: Плочата за АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ за Илинден беше од времен карактер

„Плочата за АСНОМ којашто беше поставена во манастирот ‘Св. Прохор Пчињски’ за Илинден беше од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот Стево Пендаровски и државната делегација, за првпат по повеќе години“ велат од кабинетот на шефот на државата по објавените информации во медиумите дека плочата веќе ја нема на местото на чествувањето.
„Тогаш беше договорено во најбрз можен рок да се формираат работни групи составени од претставници од двете министерства за надворешни работи, министерствата за култура, како и од други државни институции коишто ќе ги утврдат начинот и формата за прослава на 2 Август, Илинден во ‘Св. Прохор Пчински’ за наредната година. Целта на таквата формализирана соработка е да се воспостави институционална форма за одбележување на празникот Илинден во манастирот ‘Св. Прохор Пчински’“ – се наведува од кабинетот на Пендаровски.
Спомен-плочата за одржувањето на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, беше поставена на празникот Илинден во параклисот на манастирот „Св. Прохор Пчињски“ каде што по долгогодишна пауза чествуваше македонска државнo-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски.
На спомен плочата двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува:
„На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.