Македонија
Бомбата во Ќерамидница фрлена во дворот на Штекли, кој претходно се обидоа двапати да го убијат во „Ист гејт мол“

Бомбата во скопската населба Ќерамидница била фрлена во дворот на Раде Трајковски-Штекли, кој е пренесен во болница, но е надвор од животна опасност.
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека е запознаен со случајот и добро е што никој не е во животозагрозувачка состојба во моментот, а лошо е што криминалните банди пустошат и денес. Вели дека службите постапуваат.
„Во изминатите неколку години институционално беа засилени одредени криминални групи во Скопје и другите градови, на кои им се прогледуваше низ прсти и им беше овозможувано да работат спротивно на законот, а Јавното обвинителството отвори постапка за злоупотреба во рамките на институциите, односно за полициски службеници што одавале информации и злоупотребувале во интерес на криминалците“, изјави Тошковски најавувајќи војна против криминалците.
МВР претходно објави дека утрово во дворот на Р. Т. била фрлена експлозивна направа. Од експлозијата тој добил повреди по што бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување помош.
Штекли минатата година двапти беше цел на напади во трговскиот центар „Ист гејт мол“, при што беше погоден од повеќе куршуми, па опериран и спасен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Семејствата на повредените во трагедијата во Кочани, а кои се наоѓаат во Скопје, се поканети на ифтарска вечера во паркот во Чаир

Муслиманите од Скопје ги поканија семејствата на повредените во трагедијата во Кочани, а кои се наоѓаат во Скопје, да им се придружат на ифтарската вечера во паркот во Чаир, пренесе „ТРТ Балкан“.
„Ги покануваме и семејствата на сите лица што беа погодени од трагедијата што се случи во Кочани да ни се придружат на ифтарската софра во паркот на Чаир доколку се наоѓаат во болниците во Скопје“, напиша Нусрет Куртиши на својот фејсбук-профил.
Денеска е најцрниот ден во поновата историја на Македонија.
Граѓаните од целата земја во солзи и со огромна тага се збогуваа од 59-те млади животи што згаснаа во пожарот во дискототека „Пулс“ во неделата.
Македонија
Штип се прости од петтемина свои сограѓани кои загинаа во пожарот во Кочани

Граѓаните на Штип денеска се простија од петтемина загинати во пожарот во дискотеката во Кочани. Последна почит им оддадоа на Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во штипско Ново Село, црквата „Света Троица“ на гробиштата во Штип и Соборниот храм „Свети Никола“ се трите локации на кои граѓаните се простуваа од своите млади сограѓани.
Загинатите беа погребани на гробиштата во Штип со почести од високи свештени лица на МПЦ-ОА.
На трите места на кои се оддаваше последната почит на загинатите беа присутни тимови на Црвениот крст и екипи за прва помош.
Македонија
Кочани, „Беса транс“, тетовската болница, Ласкарци: Изет Меџити ветува правда за сите трагедии

Првиот вицепремиер Изет Меџити вети дека ќе има правда не само за трагедијата со пожарот во Кочани, каде што загинаа 59 лица, а над 100 беа повредени, туку и за другите тешки случаи што ја потресоа земјата, како несреќата со „Беса транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово и трагичната несреќа во Ласкарци. Тој нагласи дека Северна Македонија доживеала многу трагедии со тешки последици, но правдата недостигала, а државата повеќе нема да седи со скрстени раце.
„Додека се молиме за преживеаните и се подготвуваме да ги испратиме трагично загинатите на 16 март, како Влада ветуваме дека горчливата лекција од Кочани е научена, пораката е примена: државата нема да седи со вкрстени раце и нема да дозволи правдата да заталка и да се девалвира во институционалните лавиринти изградени да ги штитат токму недопирливите!“, напиша Меџити.
Тој истакна дека Владата ќе работи на тоа правдата да не остане само концепт заробен од мафијата и ендемската корупција.
„Нашата борба за подобра Македонија ќе има смисла само тогаш кога оние кон кои системот бил неправеден ќе почувствуваат дека правдата, сепак, не е заробена од мафијата, која ја контролира државата, како што, за жал, тоа било случај со години, и дека нивните повици за правда ќе наидат на одговори и реакција“.
Според Меџити, трагедијата во Кочани треба да биде потсетник за институциите дека не смее да дозволат повторување вакви несреќи.
„Кочани е нашата совест, која повикува на дејствување. Кочани е нашиот непребол, кој налага реакција. Кочани е катарза на скапаниот систем и ендемската корупција вкоренети длабоко во институциите што ги уништуваат човечките животи“.
Тој ги увери граѓаните дека државата ќе преземе мерки и ќе има одговорност за сите случаи во кои животите на граѓаните биле загрозени поради негрижа и корупција.
„Но, државата ќе дејствува! Одговорност ќе има! Правда ќе има: за Кочани, за ‘Беса транс’, за тетовската болница, за Ласкарци, за сите трагедии предизвикани од корупција и неказнивост, а чии последици се човечки животи!“