Македонија
(Видео) Со медикоптер утрово итно транспортиран пациент од Скопје до Виена

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и директорот на Градската Општа болница „8 Септември“, д-р Христијан Костов, присуствуваше на првиот меѓународен реализиран лет во историјата на современата македонска држава со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР, со кој за медицински цели беше транспортирано лице – пациент од Скопје до Виена, Австрија.
„Оваа наша хумана мисија не само што ја демонстрира кооперативноста на двете министерства за внатрешни работи и на Министерството за здравство кон подобрување на услугите за граѓаните туку и го потенцира значењето на интеграцијата на модерните технологии и ресурси во спасувачките и медицинските операции“, истакна Бојмацалиев. Притоа тој појасни дека употребата на медикоптерот претставува значаен напредок во националната способност да се укаже итна медицинска помош на тешко достапни места, но и на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи. Во оваа пригода Бојмацалиев упати честитки до вклучените во проектот.
„Упатувам честитки до нашите тимови за темелната подготовка и соработка помеѓу МВР и медицинскиот персонал од Градската општа болница „8 Септември“, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случаи. Дозволете во оваа пригода да изразам благодарност до сите учесници во овој успешен проект, особено до Владата на Република Словенија и словенечкото Министерство за внатрешни работи, кои во духот на нашето пријателство пред неколку месеци обезбедија дел од оваа значајна медицинска опрема“, рече Бојмацалиев посакувајќи мирно небо и успешен транспорт.
Од страна на директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов, беше истакнато дека во најкраток временски период се докажаа подготвеноста и кооперативноста на МВР и МЗ, со цел подобрување на услугите за граѓаните преку обезбедување медицинска помош на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
„По интензивни договори, болницата набави и вгради најсовремена медицинска опрема за интензивна нега на пациенти во медикоптерот за итен медицински транспорт. Заедно со Министерството за внатрешни работи ја утврдивме медицинската и безбедносната маршрута на движење на медикоптерот, со цел безбедно пристигнување на нашиот пациент во придружба на искусен медицински тим за интензивно лекување до клиниката во Виена. Пред сѐ, како здравствено лице и како директор на ГОБ ‘8 Септемвр’ упатувам честитки до сите тимови вклучени во проектот за темелната подготовка и соработката помеѓу МВР и медицинскиот персонал од нашата болница, со што уште еднаш потврдуваме и ги засилуваме нашите капацитети како држава за брза реакција во итни медицински случаи“, истакна директорот Костов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.