Македонија
Брајовото писмо останува недостапно за учениците во Македонија, над 1.000 лица немаат пристап до него

На Меѓународниот ден на Брајовото писмо, кој треба да го слави значењето на оваа писменост за лицата со оштетен вид, реалноста во Македонија останува разочарувачка. Повеќе од илјада лица со оштетен вид немаат пристап до Брајовото писмо во образовниот процес, што претставува сериозна пречка во нивното образование и инклузија.
Според Коалицијата „Менуваме“, традиционалните книги со Брајова азбука не се практично решение бидејќи се големи и тешки за учениците. Наместо тоа, тие предлагаат воведување на брајов ред, преку кој учениците ќе имаат поефикасен начин за изучување на Брајовата азбука.
Коалицијата ја потенцира и проблематичната состојба со Институтот за специјална едукација и рехабилитација. И покрај постоењето на дефектолози, тие тврдат дека голем дел од овие кадри не се доволно стручни за да го поддржат образовниот процес на децата со оштетен вид.
Брајовото писмо, кое е загарантирано со меѓународни документи за човекови права, во Македонија е достапно само во специјализираното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Но, и таму пристапот до оваа писменост не е целосно обезбеден за сите ученици.
Коалицијата „Менуваме“ апелира до надлежните институции да преземат мерки за вклучување на модерни решенија за учениците со оштетен вид, со цел да се обезбеди еднаков пристап до образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“: Поранешниот државен секретар за култура Азири го продаде албанскиот идентитет за работно место

Валмир Азири, поранешниот државен секретар за култура, направи срамен и неприфатлив чин, кој не само што го посрамува лично, туку и секој Албанец. На конкурсот во 2021 и почетокот на 2022 година, тој без двоумење го промени својот идентитет од Албанец во Македонец, само за да си овозможи лична корист и да обезбеди работно место кое беше наменето за македонската заедница, реагираат од коалицијата „Вреди“.
Ова, според нив, е чин на незамисливо предавство кон Албанците и сериозно кршење на вредностите кои нè дефинираат како нација.
„Демократската унија за интеграција, која постојано зборува за заштита на интересите на Албанците, не се двоумеше да ја продаде секоја вредност и идентитет на Албанците кога станува збор за лични интереси. Овој скандал е јасен одраз на хипокризијата и неспособноста на оваа политичка партија, која продолжува да профитира од позициите и да манипулира на грбот на Албанците. Се поставуваат важни прашања по овој скандал: Која е договорената шема што го натера Валмир Азири да направи ваков чекор? Дали неговото молчење додека беше државен секретар беше дел од агенда за деградирање и маргинализирање на Албанците во културата? Дали може поинаку да се нарече индивидуа која е подготвена да го продаде својот идентитет за лични интереси?“.
Ова, како што оценуваат во „Вреди“ е чин кој не смее да остане без последици.
Коалицијата, нагласуваат од таму, е решена да се бори против секој обид за манипулација и газење на албанскиот идентитет за тесни и лични интереси.
Бараат итна одговорност за овој, како што велат, тежок скандал и се обврзуваат да обезбедат дека лица како Валмир Азири нема да имаат место во институциите што треба да ги штитат интересите и вредностите на Албанците.
Ова, нагласуваат од коалицијата, е јасна порака за сите оние кои мислат дека можат да ја предадат албанската култура и идентитет за лична корист.
„Коалицијата „Вреди“ нема да запре и ќе продолжи да ги брани интересите на Албанците и нашиот национален интегритет“.
Македонија
(Видео) Митева за разрешувањето на Коцевски: Јавниот обвинител покрај правна, подлежи и на општествена одговорност

На денешната седница беше разгледано мислењето од Министерство за правда по кое владата отвори сериозна дискусија, информира на прес-конференција Марија Митева, портпаролка во Владата.
„Постапувајќи по заклучокот кој беше донесен на претходната владина седница со која го задолживме Министерството за правда да преземе активностите во однос на поведување на постапка за разрешување на Јавниот обвинител, Министерство за правда го достави мислењето во кое се нотирани следниве состојби: Како прво: нарушениот углед на институцијата со која раководи јавниот обвинител, затоа што чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно член 4 став 1“.
Целокупната јавност, потсетува Митева, во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на ЈО, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите.
Ваквите состојби, како што рече, се комплетно спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности.
Според неа, во случајот, не станува збор само за перцепција само на Владата, туку тоа е констатирано од стручна јавност, констатирано е во извештаи кои имаат конкретни, мерливи и објективни показатели.
„Во оваа смисла, Владата цени дека придонесот од јавниот обвинител за овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди во неговото постапување и извршување на функцијата. Овие дејствија со кои се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство со што е направено намерна и неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со кои што ќе побараме разрешување на Јавниот обвинител пред истекот на мандатот. Дополнително како Влада цениме дека јавниот обвинител покрај правна одговорност, подлежи или би требало да подлежи и на поширока општествена одговорност, особено пред органот кој што го избрал, а пред се пред граѓаните чии интереси треба да ги штити. Согласно вака утврденото мислење, Владата го задолжи министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител, кое пак Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители од каде согласно законските одредби потребно е да се добие мислење“, нагласи Митева.
Македонија
Извршен увид во документацијата во Вишото јавно обвинителство Скопје

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип денеска изврши увид во Вишото јавно обвинителство Скопје и обезбеди докази во постапката за кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување и Малтретирање во вршење на службата поведена против јавен обвинител, се истакнува во соопштението.
„Јавниот обвинител и стручни соработници од ОЈО Штип ги документираа податоците внесени во уписниците и начинот на внесување на предметите. Притоа, се вршеше и споредба со исказите на оштетените лица – пријавители за начинот на кој наведуваат дека се интервенирало при распоредување на предметите.
Увидот во документацијата е извршен во целост во согласност со одредбите на Законот за кривична постапка и за истиот ќе биде изготвен записник со констатации за сите присутни лица“, се истакнува во дописот.