Македонија
Бројот на заразени од коронавирус од почетокот на пандeмијата во Македонија надмина 200.000 лица

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата веќе изнесува 200.412 по вчерашните потврдени нови 511 случаи.
Според последните информации од Министерството за здравство, во моментот како активно заразени се водат 6.191 лице, од кои речиси половина се од Скопје (3.177). Потоа следуваат Куманово со 433 активни случаи и Велес со 316.
Над 200 заразени има во Прилеп (243) и Битола (207), а над 100 лица во моментот се позитивни на Ковид-19 во Кавадарци (196), Штип (191), Охрид (183), Кочани (166), Струмица (134), Крива Паланка (118) и во Тетово (105).
Од Министерството за здравство соопштија дека во периодот од 15 до 21 октомври починале 124 пациенти од Ковид-19, од нив над 78 проценти биле невакцинирани. Од вкупно починатите пациенти во периодот од 15 до 21 октомври, 97 пациенти починати од Ковид-19 биле невакцинирани, а само 27 од починатите примиле прва и втора доза. Според последниот извештај, еден починат пациент бил вакциниран со вакцината на „Фајзер“. Двајца со вакцината на „Астра зенека“, шест починати пациенти од Ковид-19 ја примиле вакцината на „Синовак“, а 16 пациенти ја примиле вакцината од производителот „Синофарм“, двајца пациенти биле вакцинирани со вакцината „спутник В“. Од Министесртвото соопштија дека повеќето од починатите вакцинирани пациенти имале кардиолошки заболувања.
Досега од почетокот на пандемијата починаа 7.072 лица, а оздравени се 187.149. Направени се вкупно 1.369.624 тестирања на Ковид-19.
Заклучно со 25 октомври вкупно се вакцинирани 801.988 граѓани, втора доза примиле 771.165, а трета – 15.851 граѓанин. Педесет и четири проценти од граѓаните над 40-годишна возраст се вакцинирани со две дози, а 33 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Најмногу интерес деновиве има за трета доза, а намал е за правата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити не исклучи можност за смена и на директорката на Онкологија, бескомпромисно ќе одговара секој што се огрешил

Некои од онколошките пациенти повторно се жалат дека не им е достапна неопходната терапија и покрај тоа што Министерството за здравство извести дека е набавена. Министерот Фатмир Меџити, денес по посетата на обновениот дел од Клиниката за ендокринологија рече дека дополнително ќе провери зошто пациентите повторно се жалат дека немаат терапија.
„Од менаџментот на Клиниката за онкологија јас сум известен дека терапија има. Службите веднаш ќе го проверат овој проблем“, рече министерот Меџити.
На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од директорката на Клиниката за онкологија, Меџити рече дека ќе постапува бескомпромисно.
„За секој што ќе се огреши пред здравствените закони ќе има одговорност, бескомпромисно. Ова здравство не функционира, јас сум автокритичен. Вложивме многу труд и напор, правиме се за да ги подобриме условите“, вели министерот Меџити.
Онколошките пациенти повеќе од два месеци беа оставени без терапија, проблем за кој министерот Меџити минатата недела извести дека е надмина и дека болните од рак веќе не треба да имаат проблем со пристап до терапијата.
Македонија
Приремен прекин на сообраќајот на патниот правец Росоман – Кавадарци

АМСМ информира дека денеска сообраќајот на патниот правец Росоман – Кавадарци ќе биде во прекин во периодот од 10 до 14 часот.
Македонија
Зад смената на Јовев, апсолутно политика не стои, секаде каде што има злоупотреби, ќе има санкционирање, уверува Меџити

Смената на директорот на Клиниката за кардиологија, Сашко Јовев, кој ги предводеше трансплантациите на срце во земјат,а не е политичка, вели министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тој, денес, по посетата на реновираните простории на Клиниката за ендокринологија, не сакаше да зборува за причините поради кои го разреши Јовев и најави дека попладнево на брифинг ќе ги изнесе сите детали.
„Политика, апсолутно, не стои зад смената на Јовев, секаде каде што ќе има злоупотреби со мене како министер, ќе има и санкционирање“, рече министерот Меџити и нагласи дека заедно со Јовев на успешните трансплантаци работел цел тим.
Меџити вчера го разреши Јовев од функцијата директор, а смената наиде на лавина неодобрување кај јавноста, особено кај пациентите со трансплантантирано срце и нивните семејства.