Македонија
Бројот на починати од коронавирус намален за 45,8 отсто за една недела

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 31 мај до 6 јуни, тестирани се вкупно 19.672 материјали за присуство на коронавирус. Регистрирани сe 155 нови позитивни случаи од 21 град во државата со намалување од 29,5 проценти во однос на минатата недела.
Пријавени се 13 смртни случаи од 6 града, 45,8 проценти помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 9 лица биле над 60 години, 3 лица на возраст од 50-59 години и едно лице од 40-49 години.
Најголем дел од регистрираните нови случаи се од Скопје. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=52, 33,5%). Заболени се регистрираат и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=26; 16,8%), 40-49 (n=25; 16,1%), 30-39 (n=20; 12,9%) и 20-29 (n=18; 11,6%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=4; 2,6%) и 10-19 години (n=10; 6,5%).
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 465 лица кое биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 30,8% во споредба со минатата недела.
На 17 февруари започна вакцинацијата против Ковид-19.
Заклучно со 6.06.2021, аплицирани се:
• 60.526 дози на Фајзер/Бинотек (43.441 со прва доза и 17.085 со втора доза),
• 45.168 дози на Спутник (22.875 со прва доза и 22.293 со втора доза),
• 32.875 дози на Астра зенека (32.843 со прва доза и 32 со втора доза) и
• 251.705 дози Синофарм (147.998 со прва доза и 103.707 со втора доза).
Заклучно со 06.06.2021 вакцинирани се вкупно 247.157 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19. Комплетно се вакцинирани вкупно 143.117 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.