Македонија
Бугарската блокада за Македонија предизвика жестока дискусија во Европскиот парламент, Денков се правда дека Бугарија не е виновна
Жестока дискусија меѓу двајца бугарски и еден германски пратеник во Европскиот парламент во Стразбург поради блокадата на Северна Македонија од страна на Софија.
Бугарските десничарски европратеници влегоа во вербален судир со пратеници на либералите и зелените поради блокадата на Северна Македонија во ЕУ, во Европскиот парламент во Стразбур, на седница на која гостин беше бугарскиот премиер Николај Денков, пишува „Дојче веле“.
Најпрвин европратеникот Ангел Џамбаски, кој доаѓа од редовите на бугарското ВМРО, го критикува претседавачот на либералната групација во ЕП, „Обнова на Европа“, забележувајќи му дека „не споменал ниту еден збор за репресијата, насилствот, и негирањето на правото на самоопределување“, против Бугарите во Македонија.
Потоа, пратеникот на зелените од Германија, Рајнхард Бутикофер, му порача на Денков дека во обраќањето „ниту еднаш не го споменал името Северна Македонија, земја чиј влез во ЕУ досега беше блокиран од Бугарија“.
„Може ли некој да ги оспори искрените европски аспирации на Северна Македонија, која дури си го смени и името за да ѝ ги отвори вратите на Европа? По говорот на омраза од г. Џамбаски, би сакал да ве прашам, г. премиер, што ќе сторивте за да ја отворите вратата за Северна Македонија?“, го праша Бутикофер бугарскиот премиер Денков.
Потоа се јави уште еден бугарски европратеник, Андреј Слабаков, исто така член на бугарското ВМРО, кој му реплицира на Бутикофер.
„Сакам да му порачам на колегата од зелените дека додека тепаат и убиваат Бугари и им забрануваат да се самоопределат, не кажувајте ми дека Џамбаски користи говор на омраза, туку дознајте што се случува во Македонија“, рече Слабаков.
Бугарскиот премиер Денков наведе дека неговата земја е првата што ја признала независноста на Северна Македонија, но и дека нема други барања, освен она што беше договорено минатата година со т.н. француски предлог. За жал, рече тој, во текот на годините нашите односи се влошија и не мислам дека Бугарија е виновна за тоа. Затоа сакам јасно да кажам дека во моментот Бугарија нема никакви други барања кон Северна Македонија, освен оние наведени во одлуката на ЕУ од минатата година.
„Денес, нема односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, има односи меѓу Северна Македонија и ЕУ. Тие мора да се исполнат од Северна Македонија за да се отвори преговарачкиот процес. И од тој аспект не прифаќам никаква критика за нашата земја“, рече Денков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Груби: Од медиумите дознав за одлуката на Стејт департментот, секогаш посветено работев за членстовото на земјата во НАТО
„Во недостиг на детални информации, дознав од медиумите за денешната одлука на Стејт департментот“ напиша поранешниот вицепремиер Артан Груби на социјалните мрежи во врска со одлуката на Стејт департмент на САД да го постави на црната листа.
Груби вели дека целиот свој јавен живот го посветил на одбраната на западните демократски вредности и секогаш посветено работел за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, поради што оваа одлука го засегала директно и лично.
„Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање“ вели Груби.
Тој додава дека танспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главниот столб на секоја негова акција.
Груби беше ставен на црната листа заедно со судијата од Апелациониот суд, Енвер Беџети поради корупција во врска со судски случај поврзан со Сашо Мијалков.
Македонија
Пожар во фирмата „Атлантик“ во Визбегово, горат два шлепери, постои опасност од проширување
Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, вечерва, во 21.14 часот, е добиена пријава за пожар во фирмата „АТЛАНТИК“ во населба Визбегово.
Според првичните информации се работи за пожар на два камиони (шлепери), но според пријавата на јавувачот постои опасност да бидат зафатени и други камиони. Од спротивна страна на патот се наоѓа бензинската пумпа ХИБ Петрол, извести ЦУК.
За настаната состојба веднаш се известени БППЗ на Град Скопје и ЦИК на МВР.
Македонија
Поради вмешаност во корупција, Артан Груби и судијата Енвер Беџети се на црната листа на САД
Стејт департментот назначи нови 14 лица во црната лица на САД, меѓу нив се најдоа и поранешниот вицепремиер и висок партиски функционер член на ДУИ Артан Груби како и судијата Енвер Беџети, објави Стејт департментот.
Тие јавно се означени дека се вклучени во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, соопшти Стејт Департментот.
Оттаму додаваат дека означени се и членовите на најблиското семејство на Груби.
• Согласно членот 7031(в), Стејт департментот јавно ги назначува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност на Македонија и Контраразузнавање (УБК). Мијалков беше назначен во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а OFAC го санкционираше според Е.О. 14033. Како дел од оваа акција се назначени и членовите на потесното семејство на Груби, стои во Стејт департментот.