Македонија
Бугарски политичар: Опасна е насоката во која политичкото раководство ја турка Северна Македонија
Новоизбраниот премиер на Република Северна Македонија избра конфронтација и газење на европските принципи и упати барање дека има намера да ја оттргне земјата од нејзиниот евро-атлантски пат со зборови што промовираат непријателство и омраза кон европскa Бугарија, наведува Дељан Пеевски од ДПС, цитиран од прес-центарот на партијата, пренесуваат бугарските медиуми.
Според Пеевски, арогантно декларираното одбивање да се имплементира договорот со Бугарија, со кој се бара вклучување на Бугарите во Уставот со измени на основниот закон, е грубо кршење на процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.
Тој потсетува дека пред повеќе од еден месец му се обратил на Мицкоски со предупредување да не се обидува да ја користи Бугарија за своите внатрешнополитички цели. Пеевски наведува дека Бугарија нема да остане рамнодушна на уште една провокација.
Дељан Пеевски очекува сите пратеници во бугарскиот парламент и бугарските пратеници во Европскиот парламент, без разлика на нивната партиска припадност, да не ги игнорираат овие алармантни процеси во соседната земја.
Според него, опасна е насоката во која политичкото раководство ја турка Република Северна Македонија. Оценува дека последиците од таа неодговорност не треба да ги сноси македонскиот народ, туку одговорноста треба да биде на политичарите што го поткопуваат евро-атлантскиот пат на државата, пишуваат бугарските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити: Целосна поддршка за инвестиции во зелени бизниси
Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска учествуваше на Конференцијата: „Бизнис ангели и претприемачки екосистем во Република Северна Македонија. Mожности и предизвици“на која го истакна значењето што го дава Владата и министерството со кое раководи, на инвестициите во зелените бизниси.
Меџити, поканет на Конференцијата од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање му даваат приоритет на зеленото претприемништво и важната улога што ја имаат бизнис ангелите во оваа насока како инвеститори на овие бизниси.
„Бизнис ангелите не се само финансиски поддржувачи, туку тие се визионери кои исто така обезбедуваат капитал и менторство во најранливите фази од животот на еден старт-ап бизнис. Нивните инвестиции промовираат проекти што се занимаваат со итни еколошки прашања – намалување на емисиите на јаглерод, грижа за водата, управување со отпадот и создавање одржливи енергетски решенија“, рече Меџити, додавајќи дека светот се соочува со итна потреба од еколошки решенија, а токму зелените бизниси растат со иновативните идеи. Првиот вицепремиер Изет Меџити додаде дека ги поддржува бизнис ангелите во зелените сектори, бидејќи го тие го премостуваат јазот помеѓу иновативноста и реализацијата, инвестираат во високоризични сектори со зелена технологија, која традиционалните инвеститори можат да ја избегнат.
„Бизнис ангелите овозможуваат револуционерни технологии, како што се обновливи извори на енергија, еколошки материјали и иновации за заштеда на вода, и затоа сме посветени на создавање екосистем кој не само што ги поддржува претприемачите, туку исто така ги овластува бизнис ангелите да направат влијателни инвестиции во зелени бизниси – рече Меџити.
Денешната конференција ја организираше Министерството за економија и труд, во соработка со ЕУ делегацијата во Скопје, а на неа учествуваа владини претставници, стопански комори во земјава, академици и бизнисмени, кои беа вклучени во неколкугодишниот проект насловен „Корпоративна општествена одговорност и бизнис ангели – движечка сила за приватниот сектор“, која има за цел да го зголеми бројот на компании со еколошки дејности.
Македонија
Сиљановска Давкова прими ученици-младинци со оштетен слух и говор од ДУЦОР „Партенија Зографски“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими ученици-младинци со оштетен слух и говор од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, специјалниот едукатор и рехабилитатор Христина Божиновска Ѓикова и Викторија Волак, толкувач на знаковен јазик.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за тековните активности во овој училишен центар што се во насока на образование, воспитување, рехабилитација, професионално и работно оспособување на ученици со оштетен слух. Учениците ја запознаа Претседателката со разновидните воннаставни активности во коишто се активно вклучени преку кои ги развиваат своите вештини и таленти од областите за кои покажуваат особен интерес, како и со нивните идни планови по завршувањето на средното образование.
Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна значајноста на дејноста на ова единствено училиште за средно стручно образование во земјава за учениците со оштетен слух во коешто се оспособуваат за интегрирање во работните процеси, како и за вклучување во високото образование. Изразувајќи ја својата поддршка за нивната мисија, Претседателката порача дека наш заеднички приоритет треба да биде унапредувањето на правата на лицата со оштетен слух и говор со цел нивна поголема инклузија во македонското општество.
Македонија
Почнавме процес со кој сакавме да дадеме платформа преку која судиите и јавните обвинители ќе може меѓусебно да се координираат, вели Аврамовски од коалиција „Сите за правично судење“
Коалицијата „Сите за правично судење“ во Скопје ги презентира препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, изработени во рамките на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“.
„Почнавме процес преку кој сакавме да дадеме платформа преку која судиите и јавните обвинители ќе може меѓусебно да се координираат, усогласат да изградат заеднички став во однос на оние битни проблеми и прашања, кои ги сметаат за суштински и да се понудат препораки дадени изворно од нивната страна, кои се однесуваат на извршната, законодавната, но и на судската власт на самите судии и јавни обвинители и се во насока да се унапреди ефикасноста на брзината на кривичните постапки и ,секако, владеењето на правото. Особено оние кривични постапки, кои и јавноста најчесто ги следи и преку нив се информира за работата на судовите, изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на коалицијата „Сите за правично судење“
Дел од препораките се однесуваат на промената на практиките и пристапот на постапување на самите јавни обвинители и судиите. Овие препораки како документ ќе се користат понатаму за застапување. Од коалицијата најавија дека имаат закажано неколку состаноци со претставници на повеќето институции, како и професионалните здруженија на вработените во овие установи.