Македонија
„Бунтот во ‘Комунална’ е силување“ – Мазнева сака да го ослободи претпријатието

Не подлегнувам на притисоци и секој што ќе работи во спротивност на законот, односно нема да ги врши своите работни задачи или ќе го опструира или на кој било начин ќе го попречи вршењето на работниот процес, ќе сноси санкции: од поведување на дисциплинската одговорност до отказно решение или поведување кривична постапка, вели во разговор за „Макфакс“ директорката на „Комунална хигиена“ – Скопје, Косана Мазнева.
Сето ова, како што рече Мазнева, ќе се случи независно од која страна доаѓа притисокот.
„Значи, дали се работи за притисоци што доаѓаат од кујните на партиските штабови, дали од некои видни личности, дали од некои тесно фамилијарно поврзани кругови, јас на притисоци немам намера да подлегнам. Не подлегнав ниту во изминатиот период иако беше многу тешко. Сега вработените се слободни, претпријатието е слободно, процесите си течат непречено, градот е веќе исчистен, остануваат уште некои локации во текот на денешниот ден да ги завршиме“, истакна Мазнева.
Според неа, во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ има вкупно 1.300 вработени и повеќето од нив, како што посочи во разговорот, се чесни, посветени, вредни луѓе, кои со труд си го заработуваат своето парче леб.
„За жал, во претпријатието исто така до неодамна работеше, односно не работеше една мала група луѓе, кои вршеа насилство врз работењето на целото јавно претпријатие“, вели директорката на „Комунална хигиена“.
На прашањето уште колкумина се на нејзината листа за бркање од работа по штрајкот во претпријатието, Мазнева истакна:
„Ако мислите на вакво насилиство, на кое беше изложено претпријатието, се разбира дека ќе поведам кривична постапка за сносење кривична одговорност, како што го направив и со лицата за кои претходно зборувавме. Не можам да разберам зошто како медиуми никој не ја кажува вистината. Зошто не кажете дека овде не се работеше за штрајк. Штрајк е законско право на секој вработен, а кој е со закон и дозволен и регулиран. Ова беше класично силување на државна институција. Како може некој да се охрабри да не доаѓа на работа и со години да опструира цел работен процес зашто му текнало дека триесет години е постојано во трета смена и тие замислиле дека во трета смена може цел живот да работат. Третата смена да им ја предадат на своите синови, на своите деца, на своите внуци, фамилијарно. По што е таа трета смена толку многу интересна за да бидат фамилијарно поврзани кланови да имаат привилегија да бидат 30-40 години само трета смена. Зошто органите на прогонот исто така не се запрашаат што е толку интересно во трета смена. Дали се работи само за 35 %, кои се добиваат како награда за ноќен труд, или има и нешто друго?“, прашува Мазнева.
Таа одговара дека не се сеќава оти упатила какви било вербални закани по прозивките во јавноста дека упатувала навреди кон некои од вработени, па дури и кон претседателот на Синдикатот на „Комунална хигиена“ при СУТКОЗ, Дели Дардишта.
„Не се сеќавам дека сум упатила какви било вербални закани кон претседателот на Синдикатот, кој воедно е и вработено лице во ‘Комунална хигиена’ со години. Притоа ниеднаш не е дојден на работа, освен да пие кафе. Работата е веќе завршена. Сите овие лица што добија отказни решенија веќе другите институции ќе си имаат работа со нив. Поведена е кривична постапка, поделени се отказните решенија, понатаму може да си постапуваат и тие во согласност со законските прописи“, истакнува директорката на „Комунална хигиена“.
Прашана дали зад ваквата нејзина постапка стои намерата да го исчисти партискиот кадар од времето на Петре Шилегов или Коце Трајановски, Мазнева вели дека била водена само од намерата да го ослободи претпријатието.
„Мојата намера е само да го ослободам претпријатието и да му дадам шанса да работи во согласност со законот. Мене поединци, имиња и презимиња тотално не ме интересираат. Ниту, пак, ме интересира во минатото кој кого подржувал и што се работело и како се работело. Во конкретниот случај претпријатието беше под опсада, под блокада и јас морав тоа да го спречам. Се работеше за лица што не доаѓаат на работа, не си ги извршуваат работните задачи, го опструираат работниот процес, со тоа ги загрозија и животната средина и јавното здравје, без претходно пријавен било каков штрајк ниту писмено ниту усно, на ниеден начин. Претпријатието беше во заложништво цели 5 дена“, потенцира Мазнева.
По еколошката драма што му се случи на Скопје кога вработените во „Комунална хигиена“ – Скопје речиси четири дена не го собираа сметот поради штрајк со барања за повисоки плати, исплата на К15 и добивање бенефициран стаж, но и барања да се вратат на работа отпуштените колеги, комуналните работници се вратија на работа и почнаа да го чистат сметот во градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бојан Јовановски-Боки 13 излегува на слобода

Поради лошата здравствена состојба, осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 е пуштен на слобода. Кривичниот суд добил лекарски извештаи од повеќе клиники, но и повеќе доктори, како и цели лекарски козилиуми.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Јовановски посочува дека ја добиле одлуката, за која вели дека иако задоцнета, е праведна.
„По однос на прашањето за кое пројавувате интерес, како бранител ја потврдувам информацијата дека Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за прекин на издржувањето на казна затвор за осуденото лице Бојан Јовановски и истата е доставена до осуденото лице. Ваквата одлука иако е задоцнета истата е за поздравување како законита, правична и пред се хумана, донесена врз основа на две последователни позитивни мислења од надлежниот Јавен обвинител во рамки на иста постапка и врз основа на комплетната медицинска документација за здравствената состојба на осуденото лице“, посочува Туфегџиќ.
Скопје
Јавниот превоз утре и задутре со изменет режим

ЈСП известува дека утре, среда и в четврток, поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ, јавниот превоз ќе функционира со изменет режим од вообичаениот, а продажните места на ЈСП ќе имаат изменето работно време од редовното.
Во петок (1.12.2023 год) јавниот превоз ќе продолжи да функционира вообичаено, а истото се однесува и на билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП Скопје.
Жичарницата сите денови ќе функционира вообичаено, од 10 до 17 часот.
Режим на јавен превоз
Утре, среда (29.11.2023 год) автобусите ќе возат вообичаено, согласно со важечкиот возен ред (делничен зимен).
Во четврток (30.11.2023 год) ќе сообраќаат по саботен возен ред.
Почнувајќи од утре, среда (29.11.2023 год) од 13 часот, па сѐ до завршување на Министерскиот совет на ОБСЕ в четврток (30.11.2023 год), линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118 ќе сообраќаат по изменети траси.
Траси на движење
Линии 8 и 15А
– од мост „Гоце Делчев“ наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“
Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење
Линии 7, 15, 19, 26, 29 и 59
наместо на крајните терминали во Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ (стара телевизија) каде не чекаат време, туку веднаш ќе продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“
Линии 18, 21А и 118
од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта
Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.
Работно време на продажни места
Утре, среда (29.11.2023 год) сите билетарници и центри за персонализаација на ЈСП Скопје ќе работат од 6.30 до 13 часот.
Во четврток (30.11.2023 год) за сите ќе биде неработен ден.
Македонија
Авиосообраќајот на скопскиот аеродром следните денови ќе се одвива регуларно

ТАВ Македонија известува дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје во следните неколку дена – 29 ноември, 30 ноември и 1 декември, за време на одржувањето на 30. Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, ќе се одвива регуларно.
Од таму апелираат до патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот Скопје, со цел да бидат во можност да пристигнат на своите летови, односно на аеродромот навреме.