Македонија
Буџетите на институциите за СДС биле непресушен извор за богатење поединци, и Пеце Мирчевски СОЗР ја користел за личен профит, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Државните институции на СДС му служеа за лично богатење. Седум години власт, буџетите на институциите СДС ги користеше како непресушен извор за богатење на поединци. Преку наместени тендери ги празнеше државните буџети на институциите, а парите завршуваа кај лица од СДС или на нив блиски лица“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа е карактеристика на лицата кои што СДС ги поставуваше на раководни државни позиции. И поранешниот директор на СОЗР, Пеце Мирчевски е еден од нив. Тој, Службата за општи и заеднички работи при македонската влада, ја користел за личен профит. Преку нивниот кадар Мирчевски, СДС го празнеле буџетот за тендери кои се доделувале на нивни блиски лица.
Тоа го увидело и Јавното обвинителство кое покрена и обвинение во констатирале дека Пеце Мирчевски од СДС во период од во период од 09.06.2021 година до 13.06.2024 година, свесно и умисла во повеќе наврати извршил службени дејствија кои што не смеел да ги изврши.
Односно, станува збор за потпишување на пет договори за јавни набавки со фирма од Скопје, во сопственост на нему блиско лице, a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси и не се изземал од истите постапки за јавни набавки.
Мирчевски во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект кој ги добил тендерите од СОЗР, со негов личен потпис.
Со овој начин на постапување, Пеце Мирчевски директор на СОЗР, сторил кривично дело примање поткуп по член 357 став 1 и став 3 од Кривичниот Законик.
Од се ова може да се види дека СОЗР, наместо да се користи за добро управување на ресурси и да се користи во корист и служба на граѓаните, била користена за лична корист и богатење на Пеце Мирчевски.
СДС и Пеце Мирчевски со двете раце се фатени во криминал. Едно по едно, на виделина излегуваат сите злоупотреби кои СДС и нивните функционери ги правеле изминативе седум години.
За ваквите криминални дејствија на лицата од СДС, на кои службата на раководните позиции во државните институции им била само за лична корист и богатење, одговорност ќе има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Избегал од болница и пукал – Левица бара разрешување на директорот на болницата во Демир Хисар

Левица алармира за скандалот со пациент кој избегал од психијатриската болница во Демир Хисар, при што повредил едно лице во Прилеп.
Лицето, како што истакнуваат од партијата, издржувало мерка задолжително психијатриско лекување, а при бегството се упатил во Центарот за социјални работи во Прилеп каде што пукал со пиштол кон вработена во Центарот, а имало и расправија со директорот на Центарот. Според Левица, против сторителот биле водени соодветни кривични постапки, но и покрај сите информации за него, сепак лицето успеало да избега, што е сериозен индикатор за аномалиите во работењето на оваа установа. Го поставуваат прашањето, како бегалецот успеал неколку дена да биде надвор од болницата.
Левица бара итно разрешување на Жан Лозановски, директорот на ЈЗУ Психијатриска болница во Демир Хисар, како кадар на коалициониот парнер – ЗНАМ.
„Поради крајно лошо менаџирање со болницата, таа со години наназад, но и денес се наоѓа во очајна состојба.
Претходно, за оваа болница и вработените алармираа за очајната состојба и лошото менаџирање кои се континуирани и по доаѓањето на директорот Жан Лозановски. Ниту една машина за перење не е во функционална состојба и вработените се принудени да позајмуваат алишта за пациентите од Црвениот крст. Дополнително, вработените кои работат со години со договори на определено време, секоја година се во неизвесност дали ќе им биде продолжен договорот.
После ваквиот скандал со бегство на пациент, при што беше загрозена безбедноста и на други лица, потребно е министерот Таравари веднаш да го разреши директорот Лозановски и да се утврди одговорност за сериозниот пропуст поради кој дојде до загрозување на животот на едно лице“, потенцираат од Левица.
Македонија
Собранието ќе продолжи со работа следната недела: „Привременото одложување на активностите беше гест на почит кон трагедијата во Кочани“

Собранието преку соопштение се огласи во врска како што велат, неточните информации и широко распространетите обвинувања за одложување на работата на Собранието минатата и оваа недела.
Појаснуваат дека ваквата одлука е донесена како резултат на согласност на сите присутни пратенички групи на координативната средба одржана на 24.03.2025 година.
„Привременото одложување на активностите на Собранието беше гест на почит кон трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија млади луѓе и израз на солидарност со семејствата на жртвите и со сите граѓани погодени од оваа катастрофа.
Повторуваме дека оваа одлука не е резултат на какво било индивидуално или еднострано политичко одлучување, туку е одраз на заедничката институционална волја на сите пратенички групи да дејствуваат со чувствителност во момент на национална жалост“.
Собранието, како што информираат од таму, ќе продолжи со работа следната недела.
Македонија
По вчерашното пукање во Прилеп: истрага за обид за убиство и недозволено држење оружје

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишен прилепчанец, бидејќи како што соопштија од таму, постои основано сoмнение дека тој сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Вчера, во просториите на ЈУ МЦСР Прилеп, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот една оштетена – социјален работник, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Со оружје – пиштол марка „Берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија.
Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанесол површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот и нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината.
Директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.
Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.