Македонија
Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски ослободени од гонење за „Oрганизатори на 27 април“

Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски се ослободуваат од кривично гонење во предметот „Организатори на 27 април“.
Судот со денешната одлука ја прекина судската постапка против четворицата обвинети, која се водеше вторпат. Четворицата беа обвинети и им се судеше како организатори на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
„Барањето за примена на амнестија поднесена од обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристески, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се уважува. Се запира кривичната постапка поведена со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 31.5.2019 година за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот закон“, изјави судијата Илија Трпков при соопштувањето на одлуката.
Кривичниот суд ја донесе одлуката по доставеното мислење од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дека за обвинетите треба да се примени Законот за амнестијата од 2018 година.
Со истиот закон во друга постапка беа ослободени поранешните пратеници Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, како и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен, Владо Јовановски и Игор Дурловски.
Судијата Трпков во два наврата одлучуваше дека амнестијата не ги опфаќа овие обвинети, но Апелација бараше и третпат да се произнесе, а ситуацијата дополнително доби друг тек кога ОЈО ГОКК во декември лани даде позитивно мислење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Еурактив“: Владата во Софија нема да преговара за омекнување на условите за почеток на преговорите на Скопје со ЕУ

Новата бугарска влада одбива да преговара со Северна Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги почне преговорите за членство во ЕУ, наведува бриселскиот портал „Еурактив“.
Во текстот е наведено дека пред три години, Бугарија и Северна Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западниот Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија.
„Еурактив“ понтаму ја пренесува изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето. Првите сигнали од бугарска страна, се додава во текстот, се дека нема да има обнова на дијалогот.
Според бугарската страна вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не е билатерален проблем, туку е услов на Брисел кон Скопје. „Еуроактив“ пренесува и изјава на бугарски министер кој вели дека се работи за т.н. „француски предлог“ којшто беше усвоен е европски консензус и земјата строго ќе се држи до тоа.
Македонија
Муцунски во Австралија: Македонската дијспора има важен придонес во општествениот и културниот живот

Во рамки на работната посета на Австралија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средби со спикерот на Парламентот на Нов Јужен Велс, Грег Пајпер, заменик-спикерката Сонија Хорнери и пратеникот Нејтан Хагарти.
На средбите се разговараше за одличните билатерални односи помеѓу двете земји, можностите за нивно продлабочување, како и значењето на парламентарната демократија и институционалната соработка. Министерот Муцунски ја поздрави иницијативата што овозможува македонскиот јазик да биде дел од образовниот систем и изрази поддршка за негово натамошно унапредување.
Посебен акцент беше ставен и на значајната улога на македонската дијаспора како клучна врска помеѓу двете пријателски земји. Двете страни се согласија дека македонската заедница во Австралија има важен придонес во општествениот и културниот живот, а нејзината посветеност во зачувувањето на националниот идентитет претставува пример за успешна интеграција и меѓусебно почитување.
Македонија
Од денес нема пречки за операции во хируршките сали во Клинички центар, официјално е пуштена во употреба новата компресорска станица

По десетдневно тестирање, министерот за здравство Арбен Таравари денес извести дека официјално е пуштена во употреба новата компресорска станица за хируршките сали во Клиничкиот центар. Хируршките сали беа затворени во мај минатата година, откога се појави силна смрдеа во дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух.
„Денес посебна чест ми е да најавам дека компресорската станица веќе функционира. Имаме три нови компресори, комплетно нова инсталација За среќа тука е и стариот компресор кој ќе стои какао бекап за евентуално да не ни се повтори ваков проблем. Решаваме проблеми кои ги наследивме. Со новата компресорска станица се покриени сите 18 хируршки сали на Хирургија, исто така салите во ОРЛ и Офталмологија и максилофацијална хирургија. Комплетниот систем е тестиран 10 дена, се функционира како што треба и од денес веќе и официјално се користи“, рече денес министерот Таравари.
Станицата е подготвена на неа да се приклучат и други клиники доколку за тоа има потреба. Таравари вели дека за тоа е потреба само нова инсталација за поврзување.
Хируршките сали на Клиничкиот центар беа затворени на 22 мај лани поради смрдеата што се рашири од дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух. Министерот за здравство во тогашната техничка влада, Илир Демири, извести дека примероци од гасот веднаш биле испратени на анализа во Германија, која треба да покаже зошто има лоша миризба. На анализата се чекаше речиси три месеци, а во меѓувреме беше избрана новата Влада. Сегашниот министер за здравство, Таравари, извести дека анализата покажала дека во системот за кислород и компримиран воздух во Клиничкиот центар имало мала концентрација формалдехид. Пациентите и вработените се жалеа на силна смрдеа, печење во очите, носот и грлото, симптоми идентични на оние предизвикани по изложување на формалдехид.
Хируршките сали летово функционираа со намален капацитет, а работеа со надворешни компресори. Потешките операции се правеа во ГОБ „8 Септември“ и поранешната градска болница „Свет. Наум Охридски“.