Култура
(Видеоинтервју) Адеми: Нулта толеранција за корупцијата во културата, нови комисии на претстојниот конкурс

Строги и јасни критериуми по кои ќе одлучуваат новооформените комисии на претстојниот конкурс за проекти во културата, нулта толеранција за корупцијата во ресорната дејност, најавува министерот за култура, Асаф Адеми, во интервју за „Макфакс“.
Според него, во минатото бил искреиран длабок јаз меѓу Албанците и Македонците и тоа било диригирано преку ова министерство.
„Со проектот Скопје 2014 само се продлабочи етничкиот јаз. Бев голем противник на овие градби кои немаат никаков интерес за националното добро и не беа во интерес на граѓаните. Сметам дека и вметнатите албански проекти како дел од оваа приказна не беа во ред. Ние треба да го негуваме заедничкото културно наследство, а министерството да дава поддршка на проекти од севкупен интерес на граѓаните“, смета Адеми.
На прашањето за скандалозните криминали и злоупотреби што и натаму се откриваат во културата, Адеми е дециден дека треба да излезат пред лицето на правдата. За него не може да постои никаков имунитет, и ако некои видни личности го прекршиле законот, треба да одговараат.
„Во Македонскиот народен театар се открија злоупотреби и за истите ќе одговараат сторителите. Институциите на системот ќе си ја преземат работата и немам намера да штитам никого, независно дали бил познат уметник или видна личност“, вели Адеми.
Министерството за култура соработува со Обвинителството и специјалното јавно обвинителство и на располагање им е целата документација што им е потребна.
За новиот проект вреден 40 милиони евра што треба да биде изграден во Тетово, а ќе вклучува библиотека, театар и кино-сала, министерот вели дека нема ништо спорно.
„Срамота е град како Тетово да нема објект достен за културни активности. Ќе бидат испочитувани сите правни насоки и се надевам дека резултатот ќе им донесе добро на сите граѓани на Тетово“, вели Адеми.
На новиот конкурс за поддршка на проекти во Министерството за култур, ќе се воведат промени во критериумите и ќе бидат оформени сосема нови комисии што ќе одлучуваат за проектите по дејности.
„Претседателите на комисиите ќе бидат апсолутно одговорни за тоа кои проекти ќе ја добијат поддршката. Направивме измени во критериумите, поточно востановивме појасни и построги“, најавува Адеми.
Во врска со реакцијата на Министерството за култура, која се однесуваше на филмот „Ругање со Христа“ на Јани Бојаџи, Адеми вели дека инспекциите согласно со правната регулатива ќе утврдуваат дали во поддршката на филмот се испочитувани потребните правни нормативи и дали филмот поттикнува говор на омраза.
„Некои добронамерни луѓе ми рекоа дека направивме многу реклама на филмот, а нашата цел беше само да укажеме на штетноста на проекти кои поттикнуваат омраза“, смета тој.
Адеми во креирање на културната политика вели дека ќе го употреби сиот минат труд, што вклучува дипломатско и бизнис-искуство. Тој бил амбасадор во Данска од 2009 до 2013 година, а по вокација е градежен инжинер. Неговото искуство со менаџирење на сопствената компанија, која има 100 вработени, вели дека му помага во менаџирање со Министерството за култура.
Самиот е љубител на филмската уметност, но вели дека ужива во сите уметнички дејности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на пијанистките Мимоза Ќека и Јована Трајчева во Филхармонијата

Во вторник (6 јуни), со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонијата ќе се одржи концертот со наслов „Фидан“, на кој ќе настапат пијанистките Мимоза Ќека и Јована Трајчева.
На програмата се дела за две пијана и четирирачно пијано од Бах/Куртаг, Сен-Санс, Рахманинов, Сен-Санс/Дебиси, Пјацола и Мијо.
Рециталот почнува со прекрасната мелодија на Баховата Кантата бр. 106 и продолжува со Six Morceaux на Рахманинов, збирка извонредни парчиња за четирирачно пијано. Следува Adios Nonino од Пјацола, а мелодијата продолжува да го обликува својот пат преку пасажите на Danse Macabre од Сен-Санс и транскрипцијата на Дебиси за две пијана на Introduction et Rondo capriccioso од Сен-Санс. Во програмата е вклучена и изведбата на фантастичната композиција Scaramouche од Дариус Мијо. Со трите ставови на Scaramouche, секој со свој посебен карактер, публиката ќе има можност да ја доживее интригантната енергија на првиот став до нежните и интроспективни мелодии на вториот и конечно да кулминира во раскошното финале наречено „Бразилеира“.
Мимоза Ќека и Јована Трајчева остваруваат многубројни рецитали во државата и странство. Во 2022 година одржаа самостоен пијано-дуо рецитал на конзерваториумот „Јана Дејла“ во Прага, настапуваат и на фестивалите Concerti del Tempietto и Les Dimanches Musicaux во Рим и Париз, како и за СОС Детско село – Скопје со целовечерен рецитал со наслов „Есенска бајка“. Од 2019 година реализираат новогодишни концерти со наслов „Празнична рапсодија“.
Пијанистката Мимоза Ќека се истакнува како рецитатор и камерен музичар со своите многубројни концерти во земјата и странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, магистрира под менторство на проф. Лилија Зилберштајн, a во 2021 година се стекнува со титулата доктор по музичка уметност. Настапува во многу европски градови вклучувајќи ги Париз, Рим, Бристол, Милано, Трст, Сиена, Прага… Во 2022 го објавува соло албумот Non-Fungible и одржува солистички рецитал во Gallery MC во Њујорк, САД.
Јована Трајчева своето основно музичко образование го завршува во класата на реномираниот педагог проф. Људмила Романова во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Во 2015 година дипломира, a во 2017 магистрира на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова. Бележи успешни настапи на фестивалите Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонската музика, Musica Viva, „Есенски музички свечености“. Одржала повеќе солистички рецитали во градови во земјата, а како позначаен ќе се спомене рециталот во црквата „Св. Софија“ во Охрид 2017 година. Пијанистката Трајчева настапува на фестивали во Рим, Ибица, Милано, како и во Cite des Arts во Париз, а настапува и со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Јована Трајчева е наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Култура
Друштвото на филмските работници: Институциите да ги испитаат сите наоди за продукцијата „Банана филм“

Достоинството на филмските професионалци и нивната посветена работа не смее да биде заложник на поединци, кои, сакајќи да ги прикријат своите злоупотреби и незаконско работење, се обидуваат да фрлат дамка врз целата фела, велат од Друштвото на филмските работници.
„Друштвото на филмските работници како најстаро и единствено релевантно стручно здружение во РСМ од областа на филмот остро реагира во врска со изнесените инсинуации во јавноста за наводно незаконско работење на Здружението. ДФРМ сака да ја извести јавноста дека ги отфрла сите тенденциозни и некоректни написи изнесени во некои медиуми и на социјалните мрежи, кои имаат цел да го нарушат угледот и реномето на Друштвото“, велат од тука.
Се сомневаат и во селективното постапување на некои од институциите, чија законска и морална обврска е да утврдат незаконитост во работењето, независно од авторитетот што го ужива некоја продукција во јавноста.
„Во изминатиот период севкупната документација на ДФРМ беше дадена на увид на повеќе истражни тела, како секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството за култура, Државната комисија за спречување на корупцијата, Управата за финансиска полиција. Во оваа комплетно транспарентна соработка, во која севкупната документација беше на увид на споменатите институции, во ниту еден извештај не беше констатирано неправилно или незаконско работење“, нагласуваат од Здружението.
ДФРМ не е државна институција, туку независно, самостојно, невладино, непартиско и непрофитно Здружение што се грижи за остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци, како и за обезбедување континуиран развој на филмската дејност. Раководните тела на ДФРМ се избираат на редовно годишно собрание, а актуелното раководство беше реизбрано со апсолутно мнозинство гласови од членовите на минатогодишното изборно собрание.
Апелираат до Управата за финансиската полиција, ДКСК и до другите надлежни институции да постапуваат според принципите на правичност, еднаквост и транспарентност и да ги испитаат сите наоди изнесени во јавноста поврзани со работењето на продуцентската куќа „Банана филм“ и другите за кои постојат какви било индиции за неправилност и незаконитост во работењето.
„Во културната јавност веќе подолго време се објавуваат информации кои се базираат на основани докази за неправилности во процедурите при аплицирање, продуцирање и евалуација, односно отчет на оваа продукција. Се чини дека сите овие индиции за надлежните органи се јавна тајна, па затоа оправдано се сомневаме дека ‘Банана филм’ е ставена во повластена позиција и недопирливост, која оваа продукција ја уживала и во минатото. Нерегуларноста на постапките на оваа продукција неодамна беше констатирана и од службите во Агенцијата за филм на РСМ и инспекцијата при Министерството за култура по што е проследена на натамошно постапување до надлежното обвинителство и до Управата за финансиска полиција“.
Во Друштвото се уверени дека токму овие постапки за конечно расчистување на неправилноста во работењето на „Банана филм“ се провокација за продукцијата да стане извор на низа анонимни претставки и пријави кон ДФРМ.
„Нападите од страна на поединци што користат платен ПР ги отфрламе со индигнација и ја повикуваме јавноста да се информира непосредно и прецизно. Апелираме до институциите и ја охрабруваме јавноста да ги земе предвид сите основани докази до конечно расчистување на случајот со „Банана филм“. Достоинството на филмските професионалци и нивната посветена работа не смее да биде заложник на поединци, кои сакајќи да ги прикријат своите злоупотреби и незаконско работење, се обидуваат да фрлат дамка врз фелата“, стои во реакцијата на ДФРМ.
Друштвото на филмските работници постои 73 години, а неговите основни заложби и цели се подобрување на условите за работа во филмот и аудио-изуелната сфера, подобрување на статусот на филмските работници и хармонизација на нашите закони со европската легислатива. Друштвото е дом на повеќе од 80 проценти од активните филмски работници и заедно со Друштвото на писателите и Друштвото на ликовните уметници е здружение на граѓани од највисоко културно значење.
ДФРМ членува во разни значајни европски здруженија и асоцијации, меѓу кои и ФЕРА (Европска федерација на режисери), ЦЕПИ (Европска асоцијација за аудиовизуелна продукција), ИМАГО (Меѓународна федерација на икнематографери) и ја поседува лиценцата за избор на национален кандидат на наградата „Оскар“. Организатор е на манифестацијата „Златна рамка“, Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола и други манифестации.
Култура
Агенцијата поднесе пријава до Обвинителството против продукцијата на Манчевски: „Направени се очигледни неправилности“

Агенцијата за филм тврди дека нема лаги и дезинформации во постапките поведени за продукцијата на режисерот Милчо Манчевски, „Банана филм“.
Од Агенцијата тврдат дека не се точни информациите оти инспекциските служби не пронашле нелогичности во работењето на оваа продукција, како што се тврди во написите испратени до медиумите преку „Банана филм“.
„Како што е јасно наведено во известувањето и записникот на инспекторатот на Министерството за култура, очигледни се нелогичности во работењето на оваа продуцентска куќа за филмот ‘Врба’. При надзорот констатирани се одредени нелогичности во однос на ангажирањето на ‘Милкман продукција’ поради што инспекторот не стекна разумно уверување за потребата од ангажирање на ‘Милкман продукција’ од Њујорк“, стои наведено во записникот од извршениот инспекциски надзор, велат од Агенцијата.
Додаваат дека со оглед на тоа што Министерството за култура не е истражен орган и нема надлежност да постапува, како што се наведува во известувањето, предметот го доставува до Управата за финансиска полиција како надлежна за натамошно постапување.
Агенцијата повторува дека продукцијата не поднела завршен финансиски извештај за средства во висина од 55.000.000 денари за филмот „Мајки“, како и низа други неправилности, и постапила според нивната законска обврска и извршила увид во документацијата по што е констатирано видно нарушување на процедурите: неподнесување завршен извештај и употреба на исправа – изјава со невистинита содржина, што според законите претставува кривично дело.
„Земајќи ги предвид овие констатации, во согласност со своите надлежности, Управниот одбор на Агенцијата за филм имаше обврска да поднесе соодветна пријава до надлежното Обвинителство и да соработува со Управата за финансиска полиција откога до оваа управа инспекторатот при Министерството за култура го доставил записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор“, се наведува во соопштението на Агенцијата и се додава дека сето тоа е поткрепено со соодветна писмена документација.
Што се однесува до извештајот на Државниот завод за ревизија, чиј текст беше изнесен во јавноста како тврдење за неправилно работење на Агенцијата за филм, потенцираат дека во него не постои констатација за материјално-финансиски недоследности. Се додава дека извештајот на ДЗРМ е во духот на вообичаената пракса при нивниот увид во државните институции, а сите препораки се однесуваат на подобрување на административниот дел од функционирањето на нашата институција, па како таков раководството и УО на Агенцијата позитивно го прифаќа како патоказ за подобрување и поефикасно постапување на институцијата во рамките на своите законски надлежности.