Македонија
(Видео) Спасовски: Заеднички работиме на професионализација на полицијата

Денеска, во Полицискиот центар за обука „Идризово“, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, ја промовираа новата компјутерска опрема вредна речиси 95 илјади евра, која се состои од лаптопи и техничка опрема, кои ќе помогнат во унапредувањето на онлајн-наставата и учењето во Центарот за обука на МВР.
„Изминативе години Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија преку директна, активна партиципација во проекти од полициското и институционалното работење на Министерството се етаблира како наш исклучително важен и лојален партнер со кој минавме многу етапи од реформскиот развој на македонската полиција. Исклучително ме радува фактот што заеднички реализиравме многу успешни проекти во речиси сите области клучни за квалитетното и ефикасно полициско и безбедносно функционирање, почнувајќи од креирање и стандардизирање нормативни основи и рамки, преку организациско-оперативното реструктуирање, па сѐ до техничко и образовно модернизирање и сообразување на Министерството во согласност со потребите на актуелните општествени, регионални и глобални предизвици и трендови“, потенцира министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните.
Министерот Спасовски истакна дека заедничката цел – зајакнување на институционалниот капацитет и ефикасност на МВР за спроведување стратешки реформи, зголемување на професионализацијата и подобрување на полициското образование и обука, денес добиваат силен аргумент и потврда.
„Денеска, Министерството за внатрешни работи, односно осумте сектори за внатрешни работи, како и четирите регионални центри за гранични работи, добиваат вредна техничка донација за опремување на 12-те регионални едукативни кабинети за онлајн-учење, со што заедно со Мисијата на ОБСЕ го заокружуваме тригодишниот процес на формирање компјутеризирани училници во секој од секторите за внатрешни работи, како и во регионалните центри за гранични работи, што ќе бидат поврзани со идентична таква училница во Центарот за обука, а сето тоа во рамките на концептот за мешан пристап на учење, кој ги обединува обуките во училица и онлајн-учењето. Денешната донација на нашите пријатели – Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија – вредна речиси 95 илјади евра практично ни овозможува да продолжиме да ги јакнеме капацитетите во создавање неопходни рамковни услови и обезбедување техничка опрема за полицискиот децентрализиран систем за обука, преку интегрирањето на е-учењето во својот систем за обука, приближувајќи се така уште еден чекор поблиску до новите модерни трендови и стандарди на полициското функционирање“, посочи министерот Спасовски.
Тој на крајот уште еднаш ја потенцира важноста на соработката со ОБСЕ во следниот заеднички чекор – стратегија за обука и развој на вработените во МВР 2022 – 2024 и уште еднаш ѝ се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ за доследната кооперативност.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, во своето обраќање истакна дека Мисијата на ОБСЕ долго време е еден од најблиските партнери на МВР во градењето на неговите капацитети и дека веќе од 2018 година, со одлука на министрите за надворешни работи, ОБСЕ како партнер се вклучува и во дигитализација на обуката на МВР.
„Пандемијата на Ковид-19 креира нужна и итна потреба за развој на онлајн-учењето и обуките. Иако онлајн-учењето бара инвестирање во самиот почеток, сепак во иднина ќе креира и заштеда на време и трошоци, а ќе стимулира и нови начини на учење и професионална автономија во работењето“, истакна амбасадорот Која.
Според амбасадорот на ОБСЕ, стратегијата за обука, развој и градење на капацитетите на МВР 2022 – 2024, која беше донесена ова лето, го надградува системот на обука и учење и го планира развојот на новиот систем на дигитално и онлајн-учење.
„За да осигуриме одржливост во потребите за учење и унапредување на полициските капацитети со дигитално учење, нашата поддршка ќе продолжи и во следните години. Со дополнителни средства планираме да отвориме повеќе тренинг-соби или да создадеме врвна техничка училница овде во тренинг центарот во Идризово“, финализира амбасадорот Која.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево време, попладне со изолирана појава на пороен дожд и грмежи

Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне ќе има изолирана појава на пороен дожд проследен со грмежи.
Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 29 степени, велат од УХМР.
Во Скопје претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во следните денови се очекува во попладневните часови на повеќе места да биде нестабилно со дожд и грмежи и локална појава на поинтензивни процеси во вид на невреме. Температурите ќе бидат без поголема промена.
Македонија
Ковачевски и Мицкоски денес ќе се соочат на лидерска средба

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес во Клубот на пратеници ќе се состанат на лидерска средба.
Како што соопштија од владината прес-служба, на средбата ќе се разговара пред сѐ за уставните измени со цел продолжување на европската интеграција, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.
По завршувањето на средбата, предвидени се изјави за медиумите.
Претходно неделава, Мицкоски го повтори партискиот став дека нема да поддржи уставни измени по бугарски диктат.
Македонија
(Видео) Јовев: Не сум жртва на политички реваншизам, почна како суета, но може да прерасне во политички пазар

Разрешениот директор на Кардиологија Сашко Јовев вели дека добил голема поддршка од заменик-министерката Маја Манолева која имала многу состаноци на кои го подржала, а добил поддршка и од СДСМ, но сепак тврди дека разрешувањето не тргнало како политички реваншизам. Почнало како суета, но за Јовев е очекувано да се претвори во политички пазар.
„Јас сметам дека не сум жрва на политички реваншизам, но ова веќе може да пресане во такво нешто. Иницијалната каписла воопшто не е политика. Иницијалната каписла може да е некоја суета, некое недоразбирање, апсолутно. Како таа оди нагоре, сакаат да жртвуваат некој што направил нешто во овој живот и за оваа држава, јас 25 години се трудев да отворам кардиохирургија, многу генерации наназад моите ја создаваа оваа држава. Ние имаме чесно и интелектуално портфолио и не може да си играте играчки со такви луѓе. Воопшто не почна политички, како се егзацербира, веќе може да има некој, за мене, беспотребен политички пазар“, рече кардиохирургот Јовев.
Тој денес на прес-конференција пред Клиниката се посомнева дека е сменет бидејќи за настанот од 27 мај на кој се пофалија со хибридна операциона сала за брзо оздравување на пациентите, згрешил во протоколот. Министерот Меџити се почувствувал навреден оти прво бил поканет премиерот Димитар Ковачевски, а потоа тој, ккао министер за здравство.
Адвокатот на Јовев, Мите Михајловски, најави тужба по решението за разрешувањето во кое е образложено дека единствена причина за смената се листи за исплата на дежурства од 2022 година без потпис на министерот. Адвокатто Михајловски смета дека одговорноста што немало согласност за исплата на дежурствата не е на директорот туку токму на министерот.