Македонија
(Видео) Терапија од неколку лека ќе може да се прима преку една таблета произведена во Македонија, „Алкалоид“ пушти нов погон од 19,4 милиони евра
Во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, „Алкалоид“ АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.
Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. За изведбата на овој објект, започната во април 2021 година, беа ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвиваа под водство на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.
Во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во Македонија. Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета. Опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид: GEA (опрема за влажна гранулација), Alexanderwerk (опрема за сува гранулација), Lodige (опрема за хомогенизација), Fette (преси за таблети), Glatt (систем за филм-обложување), De Lama (автоматска машина за перење контејнери) и други.
Со пуштањето во употреба на новата техничко-технолошка единица за производство на цврсти фармацевтски форми двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од 4 милијарди таблети годишно.
„Во динамична индустрија каква што е фармацевтската пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот ’Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“, изјави Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов на официјалното пуштање во употреба на новиот оддел, кое се одржа во присуство на високи претставници на менаџментот на компанијата, како и на претставници на медиумите од земјата и од регионот.
Ова е еден од најкрупните инвестициски проекти на „Алкалоид“ АД во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на планиските премини Ѓавато и Страцин
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост до 50 метри поради појава на магла има на планиските премини Ѓавато и Страцин.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Дел од неколку општини во Скопје без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 07.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од с.Сопиште, околина кај маркет Давидов, дел од Теферич, према Сопиште.(општина Сопиште)
· во периодот од 08.50 до 16.00 часот, корисниците од с.Мирковци, с.Горно Оризари, с.Глуво, с.Бразда. ( општина Чучер Сандево )
· во периодот од 08.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од Радишани (Радишански пат лево).( општина Бутел)
· во периодот од 08.30 до 13.30 часот, полициска станица ,,Бит Пазар, корисниците на ул. Војдан Чернодрински, ул. Алберт Станиќ, дел од ул. Исмаил Кадире, ОУ Јашар Бег- Скупи. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 13.45 часот, корисниците од
ул.4 с.Горно Соње.(општина Сопиште)
· во периодот од 11.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од ул.Леринска.(општина Карпош)
· во периодот од 10.00 до 14.30 часот, дел од корисниците од ул. 81, 87 во с. Волково. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла
Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 4, а максималната ќе достигне од 6 до 14 степени.
Во Скопје наутро со појава на магла и ниска облачност, а преку денот променливо облачно и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 10 степени.
До петок ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. По котлините ќе има појава на магла или ниска облачност и пониска дневна температура. Во сабота кон крајот на денот и во недела ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег.