Македонија
(Видео) Јанчева: Арсовска не ја почитува јавноста

Градоначалничката Данела Арсовска преку претседавачот Трајко Славески закажа седница на Советот, без притоа благовремено да ги покани медиумите, кои редовно ја следат работата на Советот, истакна на денешната прес-конференција Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Таа додава дека ваквиот потег на Данела е невиден преседан во досегашната работа на Советот, чии седници секогаш биле достапни за јавноста преку медиумите.
„Ова бегање од јавноста е непочитување на медиумите, но и на граѓаните чии претставници се советниците.
Ако сака Данела да скрие нешто, нема да може. Уште во првите месеци од мандатот Арсовска покажува непочитување кон јавноста и непознавање на надлежностите на Градот. Ова е срамно, неодговорно однесување, кое скопјани не го заслужуваат“, изјави Јанчева
На денешната седница како точка на дневен ред не беше ставена донацијата, односно бесплатното украсување на градот.
„Данела Арсовска и Трајко Славевски треба да знаат дека секоја донација до Градот мора да мине со одлука на Советот, ниту градоначалничката ниту кој било друг нема право самостојно да одлучува по однос на донации“, додава Јанчева.
Според неа, добро е што Советот посредно го прифати предлогот на советниците од СДСМ и коалицијата и се зголеми износот на средствата за помош на семејствата на настраданите во несреќата во Бугарија.
Неодговорно, несериозно и нечесно работење, тоа е одликата на првиот месец од работата на Арсовска, изјави Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времен прекин на сообраќајот на патниот правец Росоман-Кавадарци

АМСМ информира дека денеска сообраќајот на патниот правец Росоман-Кавадарци ќе биде во прекин во периодот од 10:00 до 14:00 часот.
Македонија
Политика апсолутно не стои зад смената на Јовев, секаде каде што има злоупотреби ќе има санкционирање, уверува Меџити

Смената на директорот на Клиниката за кардиологија Сашко Јовев кој ги предводеше трансплантациите на срце во земјава не е политичка, вели министерот за здравство Фатмир Меџити. Тој денес по посетата на реновирани простории на Клиниката за ендокринологија, не сакаше да зборува за причините поради кои го разреши Јовев и најави дека попладнево на брифинг ќе ги изнесе сите детали.
„Политика апсолутно не стои зад смената на Јовев, секаде каде што ќе има злоупотреби со мене како министер, ќе има и санкционирање“, рече министерот Меџити и нагласи дека заедно со Јовев на успешните трансплантаци работел цел тим.
Мецити вчера го разреши Јовев од функцијата директор, а смената наиде на лавина неодобрување кај јавноста, посебно кај пациентите со трансплантантирано срце и нивните семејства.
Македонија
Вмровски пратеници пред лидерската на Мицкоски: Уставни измени? Ма ни под разно!

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го потврдија веќе познатиот став околу уставните измени. Во објави на социјалните мрежи, тие реагираат, дека нема да дозволат преку уставните измени да се случи, како што велат, исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта.
Со статус на социјалните мрежи, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески порачува дека нема наметнување на бугарски диктат и нема предавство на државата.
„Уставни измени??? Ма ни под разно! Нема наметнување на бугарски диктат и нема предавство на Македонија!
Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и националните интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани“, пишува Јаулески.
Додава дека Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта, туку да служи на суверенот – граѓаните.
Ние, како што рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, нема да го дозволиме тоа.
И неговиот сопартиец, Бојан Стојаноски го повтори вчерашниот став на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во пресрет на лидерската средба.
Нема промена на Уставот под бугарски диктат, напиша тој.
Според напишаното, уставните измени кои ги прифаќа македонската влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани.
Апелираат до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани.
„Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот – граѓаните“, се додава во ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
И Мицкоски вчера на ист став со неговите сопартијци, дека кога ќе отиде на лидерска средба со Ковачевски нема да дозволи уставни измени.