Македонија
(Видео) Актерките за сексуалното насилство: жртвите не смее да бидат обвинувани
Четири наши глумици од разни генерации застанаа во одбрана на жртвите на сексуалното насилство и ги поддржаа колешките од регионот, кои, по случајот со актерката Милена Радуловиќ, се охрабрија да зборуваат за своите искуства со сексуалните предатори. Иако кај нас досега ниедна од актерките не се огласи со слични искуства, тоа не значи дека ги нема, согласни се глумиците Весна Петрушевска, Ивана Павлаковиќ, Кристина Леловац и Изабела Јакимова. Во дебатата тие беа едноглсни дека се свесни како поединци сè уште гледаат на професијата актерка и дека уште при изборот на оваа професија слушале коментари: „Биди спремна дека може да бидеш сексуално вознемирувана“. Отворено и искрено зборуваа за сите состојби што во изминатиот период ја бранува јавноста, случајот „Јавна соба“, силувањата, менталитетот на осуда на жртвите, говорот на омраза, некултурата.
„Ние не сме вреќа компири, голотијата во уметноста е оправдана и точно се знае зошто една глумица во функција на една сцена ќе се соблече“, вели Павлаковиќ.
Според Леловац, интегритетот на глумицата е важен, но изложеноста на машки ситуации не секогаш значи дека доаѓа од маж.
Петрушевска вели дека актерската професија подразбира слобода и љубов и дека е злосторство некој да ја изневери довербата што едно дете ја гради кон својот учител или професор по глума.
Јакимова вели дека проблемот на девојката Ана, чија фотографија во бикини завршила во „Јавна соба“, е тоа што имаме систем на неказнивост и негуваме култура во која не се почитува приватноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
