Македонија
(Видео) Арсовски: Во време на СДСМ во Гази Баба испумпани над 11 милиони денари за улично осветление

„Од денеска ќе почнеме со разоткривање на сомнителните и криминални зделки на градоначалниците што функционираа од СДСМ во претходниот мандат. Нашите новоизбрани градоначалници изминатиов период деноноќно работеа на средување на хаосот што го оставија зад себе кадрите на СДСМ, а воедно и во насока на работа за добросостојба на граѓаните. Верувајте дека имаше многу хаос“, истакна на денешната прес-конференција портаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
На самиот почеток тој се осврна на Општина Гази Баба. Истакна дека ова е општина каде што Општината работела за поединци во времето на СДСМ, парите на граѓаните завршувале нерационално во џебови кај луѓе што, најверојатно, биле блиски до градоначалникот, а градоначалникот бил соучесник во целата ситуацијата на испумпување пари на граѓаните, практично без него ова не би можело да се случи што денеска ќе го презентирам.
Арсовски претстави три договори пред граѓаните поврзани со уличното осветление во Гази Баба, каде што 2 од нив се за одржување и реконструкција на уличното осветление, а 1 е за изградба на нови линии за улично осветление.
Договори и тендер што ги спровел претходниот градоначалник Борис Георгиевски, кој што беше од редовите на СДСМ. Имено, тендерот за оваа намена е објавен и спроведен, односно спроведен на 19 мај 2021 година, каде што е донесена одлука за тендерот да го добие фирмата економски оператор ЕЛЕКТРОМИКИЦА ДООЕЛ од општина Илинден. Имено, во периодот од 20 мај 2021 до 30 август 2021 година се исцрпени овие три договори, односно за само 103 дена во висина од 11 милиони денари, од кои 7 милиони денари за одржување на уличното осветление, а 4 милиони денари за поставување нови линии на улично осветление.
Арсовски додаде дека дневно, во согласност со овие договори, со кои се исцрпени за 103 дена 11 милиони денари, додека траела реализацијата, се трошеле 106.796 денари, што практично е неизводливо и јавно запраша како е можно да се изработат за 103 дена овие три договори во висина од 11 милиони денари?
„Еве ова е начинот на испумпување на парите на граѓаните или, што би рекле, класично перење пари“, изјави Арсовски.
Во согласност со овие информации и јавно достапни документи на интернет-страницата за јавни набавки, Арсовски ги повика антикорупционерите да се разбудат и да не спијат, ја повика Општината и новиот градоначалник да направат ревизија, како и Јавното обвинителство по допрен глас да отвори случај или овие јавно достапни документи да ги прегледа, па потоа да побара документи од Општината доколку имаат да им достави.
Криминалот што СДСМ го метастизира во целата држава мора да заврши и да биде санкционирован, додаде Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Митрески: Ќе дадеме наши предлог заклучоци кои ќе се однесуваат на стратешките определби за членството во ЕУ

„Зборуваме за заклучоци коишто би се донеле евентуално после информацијата што ќе ја достави Владата до Собранието по која ние ќе разговараме. Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку зборуваме за заклучоци кои ние како Собрание ќе ги донесеме за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период. Јас денес очекувам одговорност од сите партии и пратенички групи бидејќи станува збор за сериозен процес во државата, бидејќи се работи за иднината на државата и нивните граѓани“ изјави меѓудругото координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески пред денешната работна група во Клубот на пратеници.
Митрески рече дека како пратеничка група „ќе дадеме наши предлог заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашите стратешки определби за членството во ЕУ со исклучување на билатералните -историски и образовни прашања. Ќе дадеме предлози и заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на македонскиот народ“.
Митрески по новинарско прашање рече дека „како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата, да се исклучат билатералните прашања од аспект на истојата и образованието“.
Македонија
МНР: Нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување навредувачки пароли и поттикнување тензии

Министерството за надворешни работи ги осудува насилните и несоодветни постапки на дел од учесниците во синоќешните протести. Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството, стои во соопштението на МНР.
„Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневнополитички говор, што претставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија“, велат од Министерството.
Оттаму нагласуваат дека „претставници на синдикатите се секогаш вклучени при одлучување за правата и обврските на вработените во МНР и, како и досега, сите конструктивни забелешки се добредојдени и се земаат предвид“.
„Министерството за надворешни работи со должно внимание ги следи сите искажани ставови и препораки кои се дел од широкиот консултативен процес и тие претставуваат суштински инпут при креирањето на идните надворешнополитички чекори“, се вели во соопштението.
Македонија
Регистрирани се 266 нови позитивни ковид-случаи, нема починати лица

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 953 тестови, а регистрирани се нови 266 случаи на Ковид-19: Скопје – 168, Куманово – 17, Битола – 14, Тетово – 12, Прилеп и Штип – по 9, Гостивар – 7, Кочани и Пробиштип – по 5, Кавадарци и Кичево – по 4, Струмица и Крива Паланка – по 3, Струга и Радовиш – по 2, Неготино и Ресен – по 1.
Од вкупниот број на позитивни (266), регистрирани се 64 реинфекции.
Регистрирани сe 119 оздравени пациенти од: Скопје – 73, Битола – 7, Прилеп и Кочани – по 6, Струмица и Велес – по 5, Куманово и Кавадарци – по 4, Тетово – 3, Гостивар и Виница – по 2, Пробиштип и Делчево – по 1.
Во текот на изминатите 24 часа не е пријавено ниту едно починато лице. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој термин нема регистрирано починато лице.
Досега во земјата бројот на починати е 9.327, а бројот на активни случаи изнесува 1.273.