Македонија
(Видео) Арсовски: Министерката што ја цензурира сопствената култура треба да си поднесе оставка

Вчера сите се згрозивме од скандалозната изјава на министерката за култура, Бисера Стојчевска. Министерка која што доаѓа директно од редовите на СДСМ. Стојчевска ни кажа всушност дека треба да живееме како Орвеловата 1984, цензурирано. Министерката јасно и гласно ги потврди стравувањата на македонското општество, на македонските граѓани, на народот дека договорите на оваа влада која што ги прави со Бугарија водат кон асимилација и тивка цензура на македонското творештво, нашето најголемо богатство, изјави на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека министерката за култура меѓу редови кажа што содржи и што предвидува Протоколот кој што го усогласија владата на СДСМ и Бугарија. Секое она дело кое што ќе обработува содржина која според бугарската страна е оценето како говор на омраза нема да биде поддржано со државни средства.
Арсовски постави прашање до министерката, дали воопшто знае колку творечки дела, филмови, песни, романи се создадени и се поврзани со тематиката од втората светска војна или историјата на македонскиот народ, која што сега е оспорувана од страна на Бугарија?
Дали знае дека ова кое сега власта и вие го прави е класичен тоталитаризам кој цензурира говор, кој ограничува творечка мисла на уметниците?!
Замислете никој во светот не ограничува творечка мисла на уметниците. И сега повторно најверојатно ќе почнете како и во претходното време во комунизмот да создавате подобни и неподобни уметници. Најверојатно тоа е вашата цел, истакна Арсовски.
Дали сте свесни и вие како Стојчевска и целото СДСМ, дека вчера се откажаа од сите историски филмови кои ги снимиле доајените на македонското платно, се откажаа од сите сценарија напишани за македонскиот непокор и мака, се откажаа од буквално се, но и онака како и што се очекуваше дека ќе се откажете буквално од се што е македонско, додаде Арсовски.
Срамно и бедно! После ваков скандал Стојчевска треба да си поднесе оставка, бидејќи министерка што се срами и ја цензурира сопствената култура, не може да биде министерка на Република Македонија. Срамно и бедно, може да биде само министерка која што одработува за туѓи интереси, изјави Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски скриен во глувчешка дупка молчи додека во Бугарија се спремаат нови услови и барања за Македонија

„На повидок нов дебакал на предавничката влада предводена од Димитар Ковачевски во дипломатијата. Повторно нови услови и нови документи од страна на Бугарија кон Македонија. Во текот на вчерашниот ден, новиот прв човек за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, најави нов документ за исполнување на задачи за Република Македонија“ соопштуваат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека „не беше доволно предавството кое го направија со прифаќањето на Протоколот и рамката за преговори во кои ги внесоа билатералните односи, сега ни се подготвува нов документ со нови услови и задачи кои треба да ги исполни државата“.
„Додека јавно првиот човек на бугарското МНР зборува за нови услови, Ковачевски, Османи и Маричиќ скриени во глувчешка дупка, молчат за она што се подготвува во Бугарија. Ковачевски, Османи и Маричиќ треба веднаш да одговорат што содржат овие нови документи, кои се новите барања и услови? Додека се обидуваа од петни жили да ја убедат македонската јавност дека со Протоколот се затвораат сите услови и барање од страна на Бугарија, за нецел месец, повторно добиваме нови услови и нови барања за исполнување“ се вели во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Во земјава се активни два пожари, оној кај село Фурка синоќа е локализиран

Пожарот кај село Фурка е локализиран синоќа во 19.00 часот.
Останати се екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, другите се повлечени, а според денешните информации, ќе се догасува, соопшти Центарот за управување со кризи.
Шумскиот пожар во планината помеѓу с. Вапила и с. Расино, Охридско, е се уште активен. Гори деградирана шума. Екипите се повлечени од терен.
По дојава, за пожар во местото од Куманово на кај Скопје по стар пат, конкретно кај с.Никуштак известени се: ТППЕ Куманово, лицето за контакт со Општина Липково и командирот на Полициска станица Матејче. Подетални информации од ЦУК најавуваат по пристигнување на екипите на терен.
Пожар има и кај с.Доброшинци, гори депонијата. Известена е ТППЕ Струмица за да преземат понатамошни мерки за гаснење на пожарот, наведуваат од ЦУК.
Од добиените податоци од дежурниот во ТППЕ Кичево во с. Другово, Кичевско, е запалена плевна, а е непотврдено дека е зафатена и една куќа.
Од 20.45 часот ТППЕ Кичево со две противпожарни возила и осум пожарникари е на интервенција на пожарот.
Македонија
За влез на ГП Табановце се чека околу 1 час, за излез на ГП Богородица 30-тина минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час. На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е од 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.