Македонија
(Видео) Арсовски: Молкот на СДСМ и Калевска-Ванчева е потврда за инкасираните 55.000 евра

Сè уште до денеска не слушнавме реакција ниту од СДСМ, ниту од Калеска-Ванчева, ниту, пак, од институциите коишто го ангажирале адвокатското друштво на Калеска-Ванчева, коешто било во нејзина сопственост пред да стане пратеник, изјави портпаролт на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Преку пет државни институции по основ на паушали адвокатското друштво кое е поврзано со пратеничката на СДСМ и претседател на форумот на жени во СДСМ, инкасирало 55.000 евра за три и половина години. Министерството за образование и наука, Национална агенција за европски образовни програми, Агенција за енергетика, Државен студентски центар и Агенција за странски инвестиции, се институциите од коишто ова адвокатско друштво на Снежана Калеска-Ванчева инкасирало 55.000 евра.
Нема човек, нема дел од јавноста, ниту, пак, близок и член до СДСМ што може да биде убеден дека ова е случајно и дека за ова не е заслужна токму пратеничката од СДСМ Калеска-Ванчева. Притоа на чело на овие институции бил еден човек или луѓе од СДСМ, блиски до пратеничката. Но за оваа поврзаност од утре па натаму. Најважно е што, додека граѓаните немаат леб да јадат, некој кој е во власта нашол начин да заработува преку државата и на грбот на граѓаните. Срамота“, обвини Арсовски.
Според него, наместо успехот да го манифестираат преку приватниот сектор, едвај чекале да дојдат на власт, за да заработуваат на грбот на граѓаните.
Единствен трошок на ова адвокатско друштво, од тие 55.000 евра коишто ги зеле по основ на паушали од овие пет институции, како што рече Арсовски, се даноците што ги плаќале и хартијата што можеби ја трошеле, или интернетот што го трошеле и плаќале.
„Дали е ова случајно? Не е, нормално дека не е случајно. За ова чекаа и се бореа да дојдат на власт во 2016 година. Оттука сакам повторно да ја повикам заспаната Антикорупциска комисија да се разбуди и да отвори постапка, бидејќи ова се парите на граѓаните и мора да дадат отчет како, зошто и на кој начин се доделени и за што се потрошени овие средства“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Пендаровски од Давос: Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО, туку и за ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“.
Учесници на дебатата беа Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и шефот на претседателската администрација во Украина, Андриј Јермак, модерирана од новинарката Френсин Лаква, уредничка во Блумберг.
Во фокусот на дискусијата беше војната во Украина, како заедничка закана што го урна безбедносниот поредок кој со децении ѝ помогна на Европа да напредува во мир, но и чекорите што Европската Унија треба да ги преземе во радикално променетиот контекст.
Учесниците на панелот ја осудија руската агресија и изразија поддршка за украинскиот народ. Тие ја посочија важноста од превенција на ескалација на конфликтот во Украина и неопходноста да се обезбеди заштита на НАТО сојузниците.
Претседателот Пендаровски истакна дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата кон земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.
Нагласи дека НАТО, но и Европската Унија, се двата коридори за подобра, побезбедна и попросперитетна иднина.
„ Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати“ не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за Европската Унија, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина“ додавајќи дека Северна Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош и дека политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија.
„Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО Алијансата, туку и за Европската Унија. Во спротивно, концептот за обединета Европа, во мир со себе и со светот од Атлантикот до Урал, ќе биде само сон“, рече претседателот Пендаровски.
Македонија
Утре сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне, претежно во источните делови, ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 29 до 34 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло, попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 33 степени.
Во следните денови ќе продолжи сончево и натпросечно топло време. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.
Македонија
Муцунски: Автокефалноста на МПЦ ни носи духовна радост и душевен мир

Честитки по повод упатувањето на томосот за автокефалност на Македонската Православна Црква – Охридска Аерхиепископија од страна на светиот синод на Српската Православна Црква, упати градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„ Искрено посакуваме и веруваме дека наскоро ќе следи официјалното прогласување на автокефалноста на нашата вековна Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Овие значајни одлуки и благопријатни вести ни носат голема радост, духовен мир и надеж за поубава и посветла иднина на сите нас во татковината, на сите Македонци ширум светот и на целиот христијански православен свет“ напиша Муцунски.