Македонија
(Видео) Арсовски: Хибридниот режим на Заев во обид да ја спречи вистината за кражба на струја

Крадат струја коалициските партнери на Заев од ГТЦ, а од МВР велат дека тоа не било кривично дело за коешто требало да сносат одговорност, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Јавна тајна беше дека на трошок на дуќанџиите од ГТЦ се копаат криптовалути, а МВР вели дека ЕВН утврдиле дека нема крадење, туку дека имало дополнителни броила и таму била приклучена таа машина за копање. Од ЕВН, пак, велат дека нема дополнителни броила и дека има само едно броило за ГТЦ, со што потврдија дека МВР лаже и го штити криминалот“, посочи Арсовски.
Според партискиот портпарол, станува збор за класичен грабеж од дуќанџиите, односно, како што кажа, класичен криминал што го прават директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, и претседателката на одборот на директори, Трајанка Тасевска, инаку сопруга на директорот на БЈБ.
„Дали со плаќање повисока цена, односно препродавање на повисока цена на струја кон дуќанџиите од страна на ГТЦ се покривало крадењето струја коешто го правело семејството Бајрам?“, јавно праша Арсовски, барајќи одговори од МВР, Трајчевски и Тасевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Состојбата на патиштата редовна, но внимателно возете поради работи на пат

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информираат од АМСМ. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Работи на пат се одвиваат на автопатот А1, делница Петровец – Катланово и има изменет режим на движење на возилата. Сообраќајот се одвива непречено, но се препорачува внимателно пристапување, велат од АМСМ.
Поради изведување на градежни работи и на државен пат А2, делница Миладиновци – Хиподром, сообраќајот на автопатот ќе се одвива според времен режим. Истото се однесува и за експресниот пат од Градско до Дреново, на државен пат А1, делница Велес – Неготино, ќе се применува времена измена на режим на сообраќај. Времениот режим ќе се применува во двата правци на автопат Е-75. Сообраќајот ќе се одвива непречено, со брзина од 80km/h во зона на градилиштето. Режимот ќе се применува се до целосна изградба на новата клучка Градско.
На патниот правец А2 Кичево – Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација и затоа препорачуваме строго почитување на истата и прилагодена брзина на движење.
Македонија
Македонските патарини лани собрале над 53 милиони евра

На наплатните станици во државава лани е остварен промет во износ од 53.242.070 евра, соопшти Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Ланските приходи се за 6,6 милиони евра поголеми во однос на тие во 2021 година кога изнесуваа 46,4 милиони евра.
На новите патарини, пуштени на 18 јули лани, Преод и Кадрифаково на патниот правец Миладиновци – Свети Николе – Штип, наплатата изнесува 85.599.333 денари, односно 72.861.770 денари.
„Најпрофитабилна“ е патарината Романовце, каде според податоците на ЈПДП, остварениот промет изнесува 400.174.788,00 денари. Од наплатата на патарината на Миладиновци се инкасирани 266.361.767 денари, Глумово 258.299.622, Градско 248.125.247 денари, Желино 244.476.653 денари, Гевгелија 236.866.875 денари, Петровец 205.967.358 денари, Тетово 201.158.821 денари, Сопот 195.984.192 денари, Отовица 188.054.352 денари, Демир Капија 172.813.622 денари и Гостивар 164.536.337 денари.
Прометот остварен од електронската наплата на патарина преку продажба на електронски уреди и нивни надополнувања во АМЦ Центарот, пак, изнесува 333.106.598 денари.
Од почетокот на воведувањето на електронската наплата на патарина, од јули 2019 година па се до 1 март годинава електронската наплата бележи постојан раст како во продажба на електронски уреди, така и во нивно надополнување.
За периодот 2019 до сега, продадени се вкупно 144.591 парчиња М-Смарт картички и 17.412 М-Таг уреди или вкупно 162.003 електронски уреди.
Во тек е постапка за техничко и финансиско усогласување за спроведување интероперабилност во електронска наплата на патарини во рамки на Отворен Балкан, откако на самитот во Охрид беше договорено да се воспостави единствен систем за електронска наплата (ENP) во Србија, Северна Македонија и Албанија.
Според најавите, до зачленувањето на државава во ЕУ треба да биде воспоставена целосна дигитализација на патарините, односно начинот на којшто ќе се наплаќа таксата за патарина ќе биде дигитализиран.
Македонија
Времето денес сончево и топло

Времето денес ќе биде сончево со мала до умерена облачност, велат од УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен и западен правец, кој долж Повардарието на места ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 23 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 20 степени.
Еве како ќе се движат температурите: