Македонија
(Видео) Арсовски: Шилегов и Весковски местеле тендер од 300.000 евра
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и директорот на „Водовод“, Душко Весковски, местеле тендер од 300.000 евра, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, и го повика јавното обвинителство да реагира.
„Сакаме да ја известиме јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден заедно со правниот тим на адвокати од ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава за скандалот во ЈП ‘Водовод и канализација’, каде што е наместен тендер од 300.000 евра за фирмата КБК Инженеринг и Кодинг 2“, рече Арсовски.
Тј вели дека постојат докази како се испумпале 300.000 евра со реконструкција на водоводна мрежа на улица „Варшавска“ во текот на 2020 година.
„Доказите се евидентни, ги обелоденивме наназад деновиве и поднесени се до Јавното обвинителство. Фирмата КБК ‘Инженеринг’ и ‘Кодинг 2’, во претходен договор со градоначалникот на Град Скопје, Шилегов и директорот на ‘Водовод’, Весковски, ја извршиле реконструкцијата на водоводната мрежа на ул. „Варшавска“ и дури потоа ЈП ‘Водовод и канализација’ го објавило тендер, кој го добила токму оваа фирма којашто претходно ја завршила реконструкцијата. Понаместен тендер со овие докази и со оваа фактичка ситуација, нема да можете да најдете“, рече Арсовски.
Тој вели дека одговорност мора да има.
„Дали најпрвин морална од страна на луѓето коишто учествувале во сето ова, а потоа и кривична согласно истрагата доколку се случи на заспаните институции во Република Македонија. Но, одговорност за овој случај мора да има. Ова е начинот на работа на јавните претпријатија коишто се на надлежност на Шилегов. Најпрвин договараат меѓу себе во четири очи која фирма ќе добие одреден тендер. Фирмата без тендер ја изработува и ја завршува работата, потоа се оди на про форма, на електронска јавна набавка односно тендер за да се замачкаат очите на јавноста. И да го добие тендерот баш онаа фирма којашто претходно ја завршила работата којашто ѝ била доделена“, рече Арсовски.
Тој најави дека утре ќе излезе со детални пресметки колку е, како што рече, напумпана цената од 300.000 евра за реконструкција на оваа водоводна мрежа споредбено со колку реално чини и треба да чини целата реконструкција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Кисела Вода и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од улицата Црвена Вода бр. 7, општина Центар;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Саса – крак 24, општина Кисела Вода;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од ул. 6 во населба Бардовци, општина Карпош;
– во периодот од 09.15 до 15.15 часот, корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност – Скопје, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните западни и источни региони ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец со брзина од 50 km/h.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи променливо облачно време. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 50 km/h). Во четврток ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во петок и во деновите од продолжениот викенд на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и силен ветер (над 60 km/h).
Македонија
Делови од Ѓорче Петров денеска без вода
РЦУК – Скопје известуваме дека денеска поради уличен дефект ф-400 на Лука Геров 38, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населба Даме Груев, Ново Село, Волково, Стопански Двор, Кисела Јабука, Орман и Никиштани, општина Ѓорче Петров.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
