Македонија
(Видео) Ахмети: Сега сме одлучувачки фактор во Македонија, ДУИ е крвта на мртвите Албанци

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, и вечерва имаше средби со граѓаните. Меѓу присутните беа и потпретседателот на Владата Артан Груби, генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети, пратеникот Бедри Фазлиу и претседателот на огранокот на ДУИ во Желино, Емир Сулејмани. Ахмети пред присутните, ДУИ ја претстави како „крвта на затворените, мртвите Албанци“.
„Ајде вечерва да разговараме и да видиме што сме направиле, што сè уште не сме направиле и што треба да направиме. Вечерва сме тука по речиси тринеделни средби. Ајде да докажеме дека стоиме зад мирот и младите, нема да го напуштам бродот без да ја ставам ДУИ на реформскиот пат. Јас сум за младината, да ја поддржиме и да останеме силни затоа што само со поддршка од заслужените луѓе може да ги водиме процесите напред. Помина времето на квантитетот, денес ни треба квалитет. Денеска треба да видиме како треба да постапиме, бидејќи Европа не не прифаќа без стандарди. ДУИ е добро организирана и етаблирана партија, така што оваа партија е наше национално богатство. ДУИ е крвта на затворените, мртвите Албанци, тоа е дело на интелектуалците, затоа сите идеалисти и мисионери застанаа покрај нас, инвестираа и инвестираат, а секако да не ја заборавиме и жртвата на нашиот народ. Посветени сме на мирот, стабилноста, развиената економија, борбата против криминалот и корупцијата како и ефикасната администрација. Албанците денес се одлучувачки фактор во државата. Бујар не претставува во ОБСЕ, Фатмир не прави горди со Светска банка, Насер, Крешник и Артан… колку повеќе инсталираме вредности, толку повеќе непријатели се создаваат“, вели Ахмети.
Тој во говорот го спомена и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ова не му се допаѓа на Мицкоски и знам зошто, не отидов во Хаг затоа што борбата ми беше праведна, па нека не ми одговара со калаш. Тој ја гледал војната само на телевизија, додека јас сум потпишал меѓународни договори. Зошто инвестираме во стабилност? Придонесовме за решавање на спорот со името, преговораме со ЕУ со единствена цел на овој регион да му ја загарантираме мирот и стабилноста. Времињата се променети, не треба да ги повторуваме трагедиите, туку треба да размислуваме за нови можности. Имаме рани кои не зараснуваат така лесно, многу луѓе загинаа за оваа земја, но одмаздата не е решение. Косово мора да најде решение со Србија, бидејќи во овие времиња Русија е заинтересирана за крвопролевање и конфликти. Градејќи го проеропскиот фронт се приклучуваме кон прогресивни процеси, кон нови стандарди, така што ниту Мицкоски ниту Албанците кои работат покрај Мицкоски не можат да го спречат ова затоа што ние сме за напредок, а не за уназадување. Членството во ЕУ ја запира имиграцијата, ја зајакнува економијата, платите и животниот стандард, така што членството во ЕУ дефинитивно мора да се случи, бидејќи ова е наша заедничка жртва за да постигнеме успех“, изјави Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На нож дочекано разрешувањето на кардиохирургот Јовев: „Не вирее професионалец овде“, „Меџити, добар ли си со глаата?!“

Разрешувањето на кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Кардиологија наиде на бурни реакции во јавноста, како од фелата, така и од граѓаните. Јовев добива поддршка, а неговата смена е дочекана со критики. На социјалните мрежи има и јавни личности кои изразуваат поддршка и бараат одлуката за промена да биде итно повлечена.
„Не вирее професионалец овде“, напиша докторот Ненад Лазаров.
Со став се јави и докторот Александар Стојкоски, актуелен градоначалник на Ѓорче Петров.
„Со вакви мерки стимулирате само повеќе карти во еден правец надвор од државава! Има разлика“, напиша тој.
Актерката Ирена Ристиќ испрати порака до министерот за здравство Меџити.
„Ако првата трансплантација на срце и уште неколку други кои уследија после тоа, не се резултат и тоа за највисоки почести во државава, онда не знам што е!!! Меџити, добар ли си со глаата?! Ќе ни носиш доктори од Тетовскиот?! Мрш!!! Поддршка за доктор Јовев!!!“, напиша Ристиќ.
И ова не се единствените јавни пораки.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, го разреши кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Кардиологија и предводник на тимот што ги правеше трансплантациите на срце. На прашањето зошто го разрешил, министерот Меџити рече дека на клиниките нема да остави директори што спијат и немаат резултати.
„Нема да има директори што седат, спијат и немаат резултати. Затоа е здравството во ваква амортизирана состојба. Ова е само почеток, со мене како министер и со кабинетот нема никој повеќе да седи, ќе поднесе извештај што има сработено“, рече министерот Меџити по денешната промоција на можноста за електронско пријавување новороденчиња.
Македонија
Ќе направам се’ за да ДУИ оди во опозиција, рече Мицкоски и повика на формирање пакт за национално единство

Ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната дебата во Велес насловена „Развојни политики за стабилна економија“ и повика на формирање на пакт за национално единство.
„Се чини дека Владата нема никаков план, ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини“, рече Мицкоски.
И затоа ви велам дека ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, рече Мицкоски и додаде „и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од било која провиниенција само за да ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција“.
„И ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам својот рејтинг, и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно го зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа. Кога тие ќе заминат во опозиција, ќе и се раздени на Македонија. Кога тие ќе заминат во опозицијата ќе не биде. Повторувам ова е пакт за национално единство со некриминализирани сегменти од општеството. А криминалците од сегашната Влада ќе одговараат пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека „таквиот пакт за национално и државно единство ќе биде и добар одговор да ги здружиме силите и да се избориме низ силните предизвици кои надоаѓаат и да се бориме за фер шанса за која ви говорам“.
Мицкоски во денешното обраќање изјави дека на претстојната лидерска средба ќе каже не за уставни измени по бугарски диктат.
Македонија
Мицкоски: Ќе дојдам на лидерска и ќе кажам не за уставни измени по бугарски диктат

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната дебата во Велес насловена како „Развојни политики за стабилна економија“ се осврна за темата лидерска средба.
„Еве ќе им кажам јас Христијан Мицкоски ќе дојдам на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има“, рече Мицкоски.
Тој укажа дека нема да дозволи газење на волјата народот и државата.
„Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси“, кажа Мицкоски.
Мицкоски на крајот заклучи „Македонија не е на распродажба“.
Лидерската средба ќе се одржи во среда во Клубот на пратеници а во фокусот ќе бидат евроинтеграциите и добрососедските односи.