Македонија
(Видео) Васев: Во филмовите за ново парламентарно мнозинство на Мицкоски не веруваат ниту во белиот дворец

Стефан Васев од СДСМ на денешната прес-конференција со реакција на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека се работи на ново парламентарно мнозинство.
„Во филмовите за ново парламентарно мнозинство што Мицкоски со месеци ги врти не веруваат ниту во белиот дворец. Папагалското повторување на лагите нема да му донесе ништо, освен нов пораз“, рече Васев.
„Ако Мицкоски навистина овие четири години секој ден работел на ново мнозинство, тоа се 1.460 лични досегашни неуспеси на Мицкоски. Со ваквиот пристап Мицкоски треба да знае дека уште долго ќе заспива и ќе се буди со помислата на премиерот Зоран Заев“, вели Васев.
Тој смета дека со СДСМ и премиерот Зоран Заев во овие четири години државата бележи историски успеси.
„Од држава што беше заробена во режим и изолација, денес сме држава членка на НАТО, економски напредна, која забрзано чекори на интегративниот пат кон ЕУ. Парите, наместо во белиот дворец, за споменици и за палми, сега завршуваат кај граѓаните. Минималната плата порасна од 9.500 на 14.500 денари, просечната достигна над 28.000 денари, платите во сите сектори постојано растат, растат и пензиите, истовремено обезбедивме државна социјална пензија, а ја исправивме неправдата и кон стечајните работници“, истакна Васев.
Наспроти ова, како што рече, ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ и Васев цени дека со оваа партија сѐ уште управува Груевски, а Мицкоски е само негов потрчко и извршител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Со советничката листа на СДСМ за европско Тетово, за еднакви и подобри услови за живот

Од партијата на власт потсетуваат дека Тетово на 20 август избира членови на новиот совет, тело кое има важна улога и големо влијание за функционирањето и иднината на општината и претставува силен коректив на работата на градоначалникот.
„Советничката листа на СДСМ и коалицијата, предводена од носителот Глигорије Стојановски е составена од докажани, угледни и чесни личности подговтени да работат за своите сограѓани, за Тетово да се развива, да ги користи сите свои потенцијали за да обезбеди еднакви и подобри услови за живот и работа на сите граѓани“, велат од СДСМ.
„Општина Тетово да го задржи правецот по кој се движи изминатиот период, кога се реализирани бројни проекти важни за граѓаните меѓу кои се издвојуваат нов затворен пливачки базен, реконструкција на регионалниот пат Тетово – Попова Шапка од 18,2 км, изградба на нов објект за ОУ Наим Фрашери во Мала Речица, изградба на филтер станица на водоснабдителен систем во Тетово, изградба на дел од булевар Видое Смилевски Бато во Тетово, набавка на 5 автобуси за јавен транспорт, реконструкција на СОУ Кирил Пејчиновиќ. Тетово денеска е град кој живее во духот на мултикултурализмот, град во коj се отвораат нови работни места, град кој дава еднакви шанси за секого, град каде ќе се произведуваат европски брендови“, се посочува во соопштението од страна на СДСМ.
СДСМ, дополнуваат од таму е сплотен, обединет за нови успеси, за политики и мерки што носат придобивки за граѓаните.
„Се залагаме за европско Тетово. Затоа на 20 август масовно гласајте за бројот еден, за советничката листа на СДСМ и коалицијата“, е истакнато во дописот на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата платила 6,5 милиони евра казна за неискористен кредит, тоа покажува колку се некадарни

Ковачевски пред неколку недели говореше за изградба на пругата кон Бугарија, а пропуштил да каже дека поради неспособноста на неговата влада, Македонија ќе плати 6,5 милиони евра казна за нереализирани средства поради неискористување на заем за изградба на пругата Бељаковци – Крива Паланка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Или не му кажале на Ковачевски каква штета е направена или тој не разбрал. Имале одобрени средства на располагање, а не ги искористиле нешто да направат за својот народ и својата држава и тоа доволно говори за отсуството на капацитет, кадарност и одговорност на оваа власт. Веројатно владата на Ковачевски може да конкурира за најштетна влада во светот, да позајмиш пари, да не изградиш ништо и згора на се да платиш камати и казни во износ од 6,5 милиони евра! А со тие пари можеше да се изгради училиште, детски градинки, патишта, канализации и други проекти“, се посочува во нивната реакција.
За ваквата штета по буџетот, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да понесе одговорност или Ковачевски, или Бочварски како ресорен министер или друг надлежен за реализацијата на овој проекти и овој кредит.
„За жал, на владата на Ковачевски и СДСМ три нацртани овци да им дадеш да ти чуваат, една ќе изгубат, една ќе украдат, а третата ако имаш среќа ќе си ја вратиш“, се додава во дописот од оваа партија.
Потсетуваат, како што велат, дека владата на СДСМ изгуби 14 милиони евра од Европската банка за изградба на штипската болница, кои беа стопирани како казна за тоа што ништо не се градело цели 4 години.
„И сега поради СДСМ нема нова штипска болница, која требаше да биде капитален објект во здравството. Оваа штетност и криминогеност на власта на СДСМ е епска. Што поскоро падне оваа власт толку подобро за Македонија. Затоа е потребно соочување со народот, за да се соочат со казната за сите штетни и неодговорни политики“, се дополнува во писмената реакција од партијата на Мицкоски.
Македонија
На Табановце и Пелинце се чека околу еден час на Богородица околу 40 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 40 минути.
На ГП Табановце и ГП Пелинце се чека околу 1 часа за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.