Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ е против увид на идните антикорупционери во банкарските сметки на функционерите
Министерката за правда, Рената Дескоска-Треневска, по денешната неформална средба со новинарите рече дека во дел од собраниските амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за спречување корупција и судирот на интереси има и такви со кои се бара да се тргне надлежноста на идните антикорупционери да вршат увид во банкарските сметки на функционерите. Според образложението на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, тоа било во надлежност на Управата за јавни приходи.
„Уште еднаш апелирам до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да бидат свесни за значењето на Законот за спречување корупција и да се откажат од одредени барања коишто ги имаат, коишто треба да придонесат за намалување на значењето, улогата и надлежностите на ДКСК. Она што реално е проблем во нивните амандмани е условот за забрана за политизација на членовите, односно спречување одредени членови што биле политички активни изминатиот период или биле донатори на политички партии, да не бидат членови. Понатаму, барањето да се тргне надлежноста за увидот во банкарските сметки на функционерите“, рече Дескоска.
ВМРО-ДПМНЕ поднело амандман со кој се бара финансирањето на партиите како што е досега да е во надлежност на Државниот завод за ревизија, а не на ДКСК. Дескоска рече дека за нив е неприфатливо да се формира национален совет за борба против корупцијата, затоа што тоа би значело паралелизам во дејствувањето и би ја разводнило работата на антикорупциската комисија.
Министерката кажа дека дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ може да бидат прифатени, но за најголемиот дел се неприфатливи.
Mинистерката рече дека доколку продолжи кочењето на овој закон, ќе биде предложен со европско знаме во Собранието, што значи дека за него ќе важат забрзани рокови.
Во собраниска процедура се и други реформски закони од областа на правосудството за кои Дескоска очекува поддршка од пратениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

