Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ ја напаѓа Кацарска поради предметот за линеарното зголемување на пензиите, од Уставен велат дека прозивките се преседан
На прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека уставната судијка Добрила Кацарска бара укинување на зголемувањето од 7000 денари на пензиите, додека истовремено бара зголемување на својата плата, која изнесува околу 100.000 денари.
Манасиевски изјави дека дел од судиите и обвинителите блиски до Социјалдемократскиот сојуз бараат енормни зголемувања на платите, а Кацарска, како што рече, „по насока од СДС“ бара намалување на линеарното покачување на пензиите. Во изјавата се наведува дека во време на СДСМ пензионерите добивале многу помали покачувања, додека, според него, лица во правосудството со ниска доверба бараат високи примања.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Социјалдемократите ја крахирале економијата и го контаминирале судството, а сега преку Кацарска се обидуваат да им ги одземат средствата на пензионерите. Манасиевски посочи дека барањата за високи плати во правосудството не се пропорционални со довербата од едвај 2 проценти.
Во изјавата, тој порача дека додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, економијата ќе расте, а со тоа и платите и пензиите. Манасиевски побара од СДСМ јавно да се огради од барањето на Кацарска за поништување на зголемувањето на пензиите.
ВМРО-ДПМНЕ и претходните денови настапи со слични обвинувања, на коишто реагираше Уставниот суд, кој во соопштение остро ја осуди реториката за предметот во кој се оценува уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Според Судот, нападнати се интегритетот, самостојноста и независноста на судијата-известител, а во јавноста се создава погрешна перцепција за работењето на институцијата.
Уставниот суд информира дека во случајот се поднесени 17 иницијативи од граѓани, а не од судијката Кацарска, и дека одлуките се носат со мнозинство гласови, а не од еден судија. Судот оцени дека прозивките кои ја поврзуваат судијата со партиски интереси претставуваат притисок и опасен преседан, особено кога некоја одлука не одговара на политички субјекти.
Во соопштението се додава дека јавното напаѓање на судии е директен напад врз институцијата што го штити Уставот и дека прашањето на пензиите не смее да се користи како основа за политичко влијание врз Судот. Уставниот суд апелира политичарите да покажат уставно-правна култура и повтори дека останува имун на секој притисок или обид за влијание.
Pред два дена, Уставниот суд поведе постапка за линеарното зголемување на пензиите. Судот оценува дека одредбата може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, како и да создаде нееднаквост меѓу пензионерите со различни износи на пензии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

