Македонија
(Видео) Вработен во УБК призна злоупотреба на службената каса во тајната полиција
Во Кривичниот суд во Скопје утрово почна судењето против четворица вработени во УБК за злоупотреби со специјалната каса. Обвинителката Ивана Трајчева во воведниот говор рече: „Обвинетите ги уништиле евиденциите за потрошени парични средства, односно главните книги, без посебно одобрение од директорот, без формирање комисија за ништење и без записници“.
Обвинетиот Петре Пешовски како ексглавен оперативен работник во УБК, по воведниот говор на Трајчева, призна вина: „Виновен сум. Така ми беше наложено“. За него, како што рече судијата Владимир Туфегџиќ, постапката се раздвои и го поучи за имотно-правното побарување во предметот.
Обвинетиот Тони Јакимовски, рече дека, за жал, не се пронаоѓа во обвинението. „Не се чувствувам виновен“, рече Јакимовски. Неговиот поранешен колега, обвинетиот Стево Маџовски, рече дека го разбрал обвинението и изјави дека не е виновен, а тоа го кажа и обвинетата Кристина Јосифовска.
Покрај Пешовски, обвинети се уште тројца поранешни вработени во УБК, Тони Јакимовски, Стево Маџовски и Кристина Јосифовска. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за злоупотребени пари од над 820 илјади евра.
Во временскиот период од 2007 до 2017 година, во 172 наврата, за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од одделот за финансии при Министерството за внатрешни работи подигнале парични средства за кои поднесувале барања и признаници за износите.
Без да имаат посебно одобрение од директорот на Управата, без да биде формирана комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата. Со ваквите дејства го оштетиле државниот буџет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре протест поради загадениот воздух
Утре во Скопје протести поради загадениот воздух. Маршот започнува во 16 часот пред Министерството за животна средина, продолжува кон Собранието и завршува пред Владата на Република Македонија.
Од „Зелен хуман град“ предлагаат неколку итни мерки, но и повеќе среднорочни, за поефикасно справување со штетните честички во воздухот.
„Протестираме бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.
Бараме од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето“ велат од „Зелен хуман град“.
Македонија
Ловечко куче извадено од провалија од екипа на Планинската спасителна служба во Охрид
Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид спасила ловечко куче паднато во провалија од околу 50 метри.
Вчера добиле повик од група ловци, чие ловечко куче се изгубило. Поради сериозната експонираност на теренот, ловците побарал помош од ПСС, по што еден тим од двајца спасувачи веднаш излегол на терен.
„Со помош на околувратникот со вграден ГПС локатор, го лоцирале кучето на едно хоризонтално зарамнување од ископот на каменоломот во селото Речица, 100-тина метри од подножјето и околу 50 метри од горниот раб на ископот. Дополнителен проблем претставуваше тоа што кучето единствено соработува со неговиот сопственик, поради што бевме принудени во операцијата покрај припадникот на ПСС, да го обезбедиме и спуштиме до кучето и сопственикот. По неколку часа, кучето и сопственикот беа извлечени на сигурно и спуштени во подножјето на каменоломот“, соопшти ПСС Охрид.
„Вештините на планинските спасувачи, се единствени кои можат да спречат влошување на состојбите и предизвикување емотивен шок за луѓето, во случајов сопствениците на кучето, кои беа видно загрижени за неговата безбедност“, посочува Планинската спасителна служба.
Македонија
Црвениот крст од Кочани однесе помош за човекот кој на 112 пријави дека три дена е оставен без храна
Службите на Црвен крст од Кочани утрово однесоа помош до Ванчо Димитров, неподвижен човек во селото Видовиште откако тој вчера самиот се пријавил на бројот за итни случаи 112 дека е во многу лоша здравствена состојба и три дена е без храна. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) го пријавија случајот, но неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат.
Црвениот крст кај Димитров дома однесе два хуманитарни пакети со конзервирана храна.