Македонија
(Видео) Данела Арсовска во живо се вклучи од објект во Чаир: „Дивоградба на државно земјиште“
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, се вклучи во живо од инспекција на нелегален објект во општина Чаир.
Таа рече дека објектот се гради без никакви документи, без проект и без одобрение за градба. Ги повика МВР и ЦУК да излезат на терен и да реагираат.
Според Арсовска, станува збор за дивоградба од неколку илјади квадратни метри на државно земјиште, а како што рече, изградбата ја дозволил градоначалникот Висар Ганиу. Како што покажува на видеото, објектот се гради на еден метар до станбена зграда, односно пред прозорците на станарите.
„Во моментот во општина Чаир, спротивно на законот, си почнале нова дивоградба, за жал, во овој момент не реагира МВР, го повикуваме министерот Панче Тошковски, кој би требало да реагира, и го повикуваме и Стојанче Ангелов, за овие необезбедени дупки, каде што секој случаен минувач може да се повреди, да излезат на самото место и да ни кажат дали има ‘сејфти фрст’“, вели Арсовска.
„Нерегистрирани возила, без никаква дозвола, нема платено комуналии, нема одобрение за градење, нема проект, нема ниеден документ со кој се гарантира безбедност на градба и да не се чудиме она што се случува во Македонија. Дополнително, објектот е во ГУП на Скопје, каде што овие тука си одлучиле да си прават зграда, без ниеден документ“, рече Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
