Македонија
(Видео) ДКСК да ја повлече скандалозната одлука за Христовски и да ја преиспита, бара СДСМ

„СДСМ бара повлекување на скандалозна одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со директорот на АНБ, Бојан Христовски, и неговата диплома. Фактите што ги објавија медиумите и се достапни за целата јавност се загрижувачки и отвораат низа прашања за основите врз кои е донесена одлуката, дури и за можен конфликт на интерес во самата ДКСК“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Ова мора да биде целосно расчистено затоа што е удар не само врз угледот на ДКСК туку е дамка и за нејзината работа.
Анонимната претставка, во која беше оспорена факултетската диплома на Бојан Христовски, издадена од еден универзитет во Скопје, ДКСК ја отрфли повикувајќи се на анализа на Државниот просветен инспекторат.
Оваа диплома, која самиот Христовски ја пријавил, предизвика основани сомнежи поради експресното завршување на студиите за 1 година. Замислете, наместо за 4, успеал за една.
Вчера, една национална телевизија објави информација за конфликт на интерес во самата ДКСК. Членка на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и ја реферира одлуката дека сè е во ред со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на истиот универзитет од каде што е издадена спорната диплома.
Овие информации беа јавно достапни и на интеренет-страницата на универзитетот и на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Но, по објавата на прилозите во медиумите, Универзитетот за туризам и менаџмент ја избриша Цвета Ристовска од наставен кадар на интернет-страницата.
Оваа ситуација ја загрозува веродостојноста на одлуките на ДКСК и ги поткопува во целост.
Во етичкиот кодекс на Аатикорупциската комисија е наведено дека членот треба да се откаже од одлучување во предмети што се поврзани со судир на интереси. (член 9).
Едноставно, неприфатливо е вакви нерегуларности да бидат премолчени или оправдани.
СДСМ бара итно:
1. Повлекување и преиспитување на одлуката од страна на ДКСК за случајот со дипломата на директорот на АНБ;
2. Расчистување на прашањето за конфликт на интереси во редовите на ДКСК;
3. Преиспитување на анализата направена од Државниот просветен инспекторат.
Мора да се обезбеди транспарентност и одговорност во процесот, со цел граѓаните да добијат јасни одговори и да имаат доверба“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заврши распитот на Папазов, ќе чека одлука на Обвинителството за неговиот натамошен статус

Заврши распитот на кочанскиот градоначалник, Љупчо Папазов, кој претходно денес поднесе оставка поради трагедијата во која загинаа 59 млади луѓе во нелегалната дискотека на концертот на групата ДНК.
„Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката“, информираа од Обвинителството.
Во моментов се врши распит и на други лица, меѓу кои и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Македонија
Таравари: Ве молам не објавувајте фотографии од повредените, тоа може да влијае на нивниот процес на закрепнување

Министерот за здравство, Арбен Таравари, упати апел до медиумите да не објавуваат фотогрфаии и снимки од повредените во нивните најранливи моменти.
„Во овие тешки моменти, наш најголем приоритет е грижата за повредените и поддршката за нивните семејства. Длабоко ја цениме вашата посветеност во информирањето на јавноста и ви благодариме за покажаната солидарност и одговорност. Сепак, во духот на емпатијата и етичките стандарди, ве молам за почитување на приватноста и достоинството на жртвите. Објавувањето снимки и фотографии од повредените во нивните најранливи моменти може да предизвика дополнителна болка, не само за нив, туку и за нивните семејства, и да влијае на нивниот процес на закрепнување“, напиша Таравари.
Тој упати искрен апел за одговорно известување, кое, како што рече, ќе стави акцент на поддршката и помошта за оние на кои им е најпотребна.
Македонија
На клиниките во земјава се распоредени 98 пациенти, повредени лица се пренесни и во Бугарија, Србија, Словенија, Австрија, Литванија

Министерството за здравство ја информира јавноста дека медицинските тимови на здравствените установи и денеска се целосно ангажирани во обезбедување соодветна медицинска нега за сите пациенти. Состојбата на пациентите се следи внимателно, а пlнатамошните медицински постапки се спроведуваат врз основа на конзилијарни одлуки.
Во текот на денешниот ден, пациентите се распределени по здравствените установи низ земјата, и тоа:
Клинички центар – 52 пациенти
ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти
Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 12 пациенти
Клиника за токсикологија – 10 пациенти
Аџибадем Систина – 7 пациенти
Покрај обезбедувањето медицинска нега во земјата, дел од пациентите се транспортирани во здравствени установи во странство, благодарение на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји:
Литванија – 4 пациенти
Австрија – 2 пациенти
Словенија – 2 пациенти
Република Србија – 12 пациенти
Република Бугарија – 1 пациент
Во текот на ноќта и утрешниот ден се очекува медицински транспорт од Австрија, Грција и Хрватска, со авиони и хеликоптери за натамошен трансфер на пациенти.
Министерството за здравство информира дека сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега.
Дополнително, во соработка со ЈЗУ Психијатриска болница-Скопје и Клиниката за психијатрија се формирани мобилни тимови составени од психијатри и психолози, кои обезбедуваат психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства.
За сите кои имаат потреба од психолошко советување или помош, достапна е телефонската линија 078 378 754, каде што стручни лица обезбедуваат поддршка.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка.