Македонија
(Видео) Заев: Македонските граѓани не може да ги оправдаат блокадите, а довербата од нив ми е дадена за да барам решенија

Денеска, на Самитот за Западен Балкан тука во Брдо, Словенија, имаме уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство во Европската Унија. За жал и огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, е дека блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија, рече премиерот Заев во завршницата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан.
Тој нагласи дека пораките од францускиот претседател Макрон и германската канцеларка Меркел се јасни – за решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото.
„Но, за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век. До сега не постои земја членка на ЕУ што има какви било забелешки за нашите реформи.
Нашиот напредок во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа, посветени сме на решавање на билатералните спорови што се влечат од минатото, а доказ за тоа се и договорот од Преспа и договорот со Бугарија од 2017 година.
Не е нова вест дека за нас е прифатливо, во духот на европските добрососедски односи, да ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Република Бугарија. Ние велиме – да, можеме и мораме, двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега, со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања.
Но, исто така не е нова вест дека нашиот јасен и гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање“, истакна Заев.
Тој порача дека Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ не само за нас туку и за целиот регион.
„Нашиот успех во европеизацијата на земјата беше признаен и потврден со одлуката на Европскиот совет во март минатата година за почеток на преговорите за нашата земја. Ние oстануваме посветени на нашата стратешка цел – членство во ЕУ преку целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Северна Македонија“, заклучи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Намалена видливост поради магла на Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла 50-60 метри има на Попова Шапка, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За влез во Влада Алијанса нека ги спречи автобусите со млади од Тетово и Гостивар кои ја напуштаат Македонија, побара Мицкоски

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара Алијанса за Албанците да покаже програма за да може да се разбере нивната желба за влез во Владата. Нагласи дека програма за влез во Влада со реформи за подобар живот на граѓаните не слушнал од ниту една политичка партија ниту пак од политичарите од Алијанса за Албанците.
„Во ред, еве го смениле мислењето, не сакаат повеќе да бидат опозиција, сакаат да бидат власт. Не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Ќе ги разберам до крај ако видам платформа со која ќе ги спречат автобусите од Гостивар и од Тетово на млади луѓе да ја напуштаат Македонија и да кажат ние со оваа политика ќе ги спречиме тие луѓе. Ќе ги повикаме да се вратат назад“, рече Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците, како политичка партија со многу лекари, Мицкоски вели дека очекувал да понуди платформа во здравството со која ќе понудат услуги кои пациентите ги заслужуваат.
„Не нудат програма, а велат ќе влеземе во Влада. Се поставува прашањето за што ако не за фактот да им се придружат на овие кои го крадат македонскиот народ. Еве нека ми каже некој со кој друг аргумент тие може да го оправдаат нивниот влез во Владата ако не е ова. Не гледам програма“, рече лидерот Мицкоски.
Тој и денес повика час поскоро да се организираат предвремени парламентарни избори оти во спротивно вели дека ќе се зголеми бројот на автобуси кои ја напуштаат Македонија.
Македонија
Место да ја плукате и мразите Македонија, подобрете го стандардот, за 30 отсто е намален бројот на жители во Бугарија, порача Мицкоски

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ги повика македонските власти да престанат со аматеризмот кога се работи за македонско – бугарските односи и понуди помош и поддршка со застанување во прв ред, доколку одлучат да донесат одлука за заштита на македонските национални интереси.
Мицкоски вели дека и покрај сите отстапки, „свитканата кичма“ и се што оваа Влада попушти против интересите на народот, политичкиот аналфабетизам не довел до тоа да трпиме лавина критики и навреди од политичарите од северниот сосед со кои како некој намерно да сака да ја втурне државата во процес во кој ќе се политизира европската интеграција. Тој смета дека е крајно време да се престане од политички маргиналци да се создаваат политички херои па јавно упати пораки и до македонските власти до бугарските политичари.
„Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам аналфабетизам и егзебиционизам и се што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да поддржи, да застане во првите редови. Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија наспроти тоа да градат кампања на тој кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците. Затоа што изминативе 30 години за 30 % е намален бројот на жители во Бугарија. Не случајно тие бегаат од Бугарија и покрај тоа што е земја членка на ЕУ, тие немаат доверба во политичарите што се таму. Гледаат дека наместо да работат за интересите на Бугарија работат за лични интереси и се богатат, нешто слично како што се случува и овдека, она што го работи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој смета дека политичарите треба да разберат дека треба да бидат слуги на народот, а не да работат само за своите лични потреби и да ги задоволуваат своите хедонистички потреби.