Македонија
(Видео) Засилени полициски контроли на возила со бугарски таблици на патарината кај Куманово

Полицијата врши контрола на секое возило со бугарски таблици на патарината кај Куманово во очекување на поголема група од 150 Бугари кои утрово тргнаа од Софија кон Скопје за да му се поклонат на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Засилени полициски контроли со неколку возила и комбиња стојат на сите наплатни места откако на социјалните мрежи граѓаните најавија дека ќе ги блокираат патарините за да не поминат бугарските државјани, а од МВР вршат контроли засега само на бугарските возила.
– Цело утро се сопираат патници во возила со бугарски таблици. Поминаа само две комбиња со бугарски таблици, но беа придружувани од две полициски возила. Немаме најави дека ќе има блокади, засега е мирно – велат од патарината во Романовце.
Околу 150 Бугари утрово во 6.30 часот тргнаа во колона со автомобили, наместо со автобуси како што беше најавено претходно.
– Од Бугарија ќе има околу 150 бугарски граѓани кои ќе присуствуваат на чествувањето. Јас и луѓето кои ќе пристигнат во Македонија, го признаваме македонскиот народ и сакаме заеднички чествувања за Гоце Делчев затоа што е наш заеднички херој. Без навреди и тензии – изјави Виктор Стојанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Пензионерката која го искара премиерот во маркет е активистка на ВМРО-ДПМНЕ

Пензионерката која го искара премиерот Димитар Ковачевски за високите замрзнати цени е Ацка Станишева, активистка на ВМРО-ДПМНЕ. Таа денес го застана премиерот додека пред камери пазаруваше и ги проверуваше цените и го праша кој може да преживее со 12.000 денари со цени како денешните.
Дека станува збор за активистика на ВМРО-ДПМНЕ укажуваат низата фотографии објавени на профилите на опозициската партија, а кои се однесуваат на Општина Карпош. Учествувала на партиски состаноци, како и на протести. Пензионерката, фотографија има и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Таа доби јавна поддршка. „Макфакс“ се обиде да исконтактира со неа, но таа не одговори на нашите пораки.
Од јавно објавените фотографии, може да се види дека Станишева била вклучена во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2021 година. На тоа укажуваат објавите на Оливер Зафировски, кој се тркаше да стане градоначалник на Карпош како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Таа одела од врата на врата и делела промотивен материјал со слоганот „Создади нова иднина“ и „За модерно Скопје“.

Фотографии со ликот на пензионерката објавени на фејсбук страницата на кандидатот Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ

Фотографии со ликот на пензионерката објавени на фејсбук страницата на кандидатот Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ
На социјалните мрежи, осамна и фотографија од Станишева и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а фотографирани пред ЕУ инфо центарот.
Доколку името на пензионерката се впише на „Фејсбук“ и таму излегуваат фотографии со нејзиниот лик, а зад неа, знамиња од ВМРО-ДПМНЕ. На профилот има и споделени фотографии од митинзи на опозициската партија.
„Макфакс“ побара став од Станишева, дали на ист начин и со исти прашања кои ги имаше за Ковачевски, би пристапила ако на негово место беше Христијан Мицкоски или Никола Груевски. Дополнително прашавме, Дали навистина ја мачела проблематиката за која зборуваше или поради политички причини застанала да дебатира со Ковачевски. До моментот на објавување не добивме одговор.
Македонија
Коњановски бара одговорност од директорката на училиштето каде врз ученичка падна дел од таванот

Директорката на средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола, Наташа Илиева претпладне ја извести општината, дека утрово во 8.00 часот, паднал таванот во училишните тоалети, за подоцна, Илиева, на прашање од градоначалникот да потврди, дека при падот на таванот била незначително повредена ученичка од училиштето.
Градоначалникот Коњановски, веднаш по добивањето на информацијата, формира општинска комисија со која извршија увид во училиштето, со цел констатирање на состојбата.
При извршениот увид, директорката Илиева информираше дека, тоалетите пред неколку години беа реконструирани со донација, а последниве денови биле воочени проблеми на горниот кат, проследени со извесно прокапување.
Комисијата изготви записник во кој ја констатира состојбата, а градоначалникот Коњановски, го контактираше семејството на повредената ученичка, при што беше информиран дека, ученичката е исплашена и со родителите е во Клиничка болница, каде се прават испитувања поради болки во раката. Коњановски, останува во контакт со семејството, а од директорката Наташа Илиева побара одговорност, поради навремено непреземените мерки и непријавениот проблем.
На крајот на минатата година, од страна на градоначалникот на општина Битола, беа повикани, директорите на училиштата, со цел да укажат на потребите за реконструкции и интервенции, кои ги имаат објектите.
Од страна на директорката Илиева, не беше побарана интервенција од општината за објектот на средното медицинско училиште.
Македонија
Пеце Суперхикс ја повлече објавата за тепањето на син му: Алармот е вклучен

Музичарот Петар Младеновски, познат како Пеце Суперхикс, посочува дека алармот на институциите е вклучен, откако објави дека неговиот син бил нападнат во Капиштец. Од МВР за „Макфакс“ потврдија дека добиле пријава пред два дена. Младеновски кажа дека ја тргнал објавата од социјалната мрежа „Фејсбук“, поради негативни коментари, навреди, генерализирање и поистоветување на сите штитеници со криминалци или насилници, повици за напади, и ширење на лаги.
„Надлежните и одговорните се запознаени. Алармот е вклучен! Случајот е пријавен (полиција, инспектори за малолетна деликвенција итн итн) сѐ е документирано и очекуваме како семејство реакција од сите засегнати (Домот, Минис.за труд и социјала, МВР, Општината можеби со некаква иницијатива или слично). Искрено се надевам дека овие (сите) деца ќе бидат на некој начин подобро згрижени. Но, не можеме да дозволиме ова да се премолчи и повторува катадневно! И за Нив и за Нас!“, напиша Младеноски.
Од МВР за „Макфакс“ велат дека случајот е приајвен пред два дена, нешто по 21 часот.
„Ве известуваме дека на телефонскиот број 192 на 26.03 во 21.35 е пријавен напад на малолетник од неколку малолетници, по што од страна на полициски службеници е излезено на лице место, каде е затекнат П.М., татко на нападнатиот малолетник, кој во разговор со полициските службеници појаснил дека малолетниците му го одзеле баскетот на неговиот син и дека се откажува од пријавата во полиција“, велат од МВР.
Малолетно момче било нападнато во паркот „Капиштец“ во неделата додека играло кошарка.