Македонија
(Видео) Интервју со Добрила Кацарска: Некои судии не ги заслужуваат судиските тоги

Активен поддржувач сум на ветингот, т.е. проверката во правосудството, а ние судиите со нашето однесување сами придонесовме угледот на судот да биде на најниско ниво, ова во интервју за „Макфакс“ го изјави судијката Добрила Кацарска, која го осуди премиерот во бегство Никола Груевски на двегодишна затворска казна.
„Помеѓу судиите има и такви што не заслужуваат да ја носат судиската тога. Сметам дека преку тој процес на ветинг, конечно, во Македонија би се тргнале сите судии што не заслужуваат да бидат носители на судиската функција. Се знае кој може да биде судија, според законот овие услови ги исполнуваме сите, но судијата мора да биде човек со интегритет, углед, професионалец и слично“, рече Кацарска во интервјуто.
Таа смета дека е подобро извесен период да останат помал број судии, кои ќе бидат професионалци и кои ќе си ја вршат чесно таа работа отколку да биде комплетно пополнет бројот на судиите, а сепак меѓу нив да има такви што се срам за судството.
„Ветингот би бил ветер во грбот за сите чесни судии да се вложат во работата и да работат во согласност со законот“, вели судијката во интервјуто.
„Не ги обвинувам никогаш политичарите од ниту една политичка гарнитура. Вината ја гледам кај судиите. Судијата е тој што дозволува или не дозволува врз него да се врши влијание. Ако вие сте човек со интегритет и ако знаат дека кај вас нема да успее никакво влијание, тогаш нема ни да се обидуваат да ви вршат влијание. Бидете сигурни во тоа“, потенцира кривичната судијка.
Во делот на застарувањето на предметите судијката е децидна дека судијата што го води предметот треба да преземе сè за да не дојде до застарување на постапките. „Кога ќе се добие еден предмет во работа, нешто што прво треба да се утврди е дали судот е надлежен и да се види рокот на застарување на таа постапка. Ако се работи за покус рок, судијата треба максимално да се ангажира и да преземе сè за да не дојде до застарување на таа постапка“, рече Кацарска.
„Најблаго речено е несериозно е да дозволиме како држава предмет по 12 или 13 години да нема правосилна пресуда“, кажа судијката.
Таа вели дека поротниците не се откажуваат поради чести судења или зашто долго траат судењата: „Кај мене не се откажуваа поротниците. Имаше случај на само две-три рочишта пред завршување на предметот ‘Тенк’ поротник се обиде да се откаже од судењето, наводно поради здравствени проблеми. Јас му кажав дека ако има здравствени проблеми, ако има потреба, ќе биде повикана и медицинска екипа и дека не може да се изигрува судот на таков начин. Поротникот остана до крајот на судењето и никогаш повеќе не ја спомна својата здравствена состојба или, што е уште повпечатливо, остана со мене и понатаму и за другите предмети и по завршување на предметот ‘Тенк’“.
Кацарска говореше и дека се гордее што чесно си ја врши работата иако никогаш не била ставена на листа како можен кандидат за повисоките судови: „Никогаш не сум била ставена на листа, ниту како можен кандидат, а камоли да добијам некакво унапредување. Па можеби има влијание и тоа што не може никој да ми влијае за кој предмет како судам и слично. Никогаш во животот не сум имала ниту роднина ниту близок пријател во која било политичка партија за да имам каква било поддршка од некого. Единствено, останува да се видат моите резултати. Причината зошто не сум напредувала во кариерата не можам јас да ви ја кажам. Се гордеам што чесно си ја вршам мојата работа. И подобро е кога никој не може да каже ништо лошо за вас отколку да напредувам во кариерата со пресуда надвор од законот“.
Кацарска: Mи падна да го оценувам „Рекет“ поради блискоста со Камчеви, се изземав од постапување
Судијката во интервјуто рече дека и за неа е неприфатливо да не се изземат судијката и обвинителката што постапуваат во предметот „Рекет“, а биле повикани во Обвинителството. Кога кај нејзиниот колега и кај неа паднал за оценка предметот „Рекет“, поради близината со семејството Камчеви, таа побарала да биде изземена од постапување поради пристрасност.
„Предметот падна во работа кај судијата Дарко Тодоровски. Во тој совет за оценка членувам и јас. Истиот момент јас побарав изземање од тој предмет затоа што не сакам да има каков било сомнеж во јавноста. Утре може некој да каже, да, предметот е оценет, даден е на судење, а судијата Кацарска беше дел од советот и оценката ѝ е таква затоа што фамилијата Камчеви се нејзини блиски пријатели. Судијата мора да се повлече кога има и минимален сомнеж во јавноста“, рече Кацарска.
Судијката смета дека за нејзините колеги од „тефтерчињата“ требало да се преиспита напредувањето во кариерата и дека судиите не треба да бидат скриени кога судењата се јавни. „Друго е кога јавноста ќе го види и ликот на судијата“, вели Кацарска.
На прашањето дали би прифатила да биде уставен судија, Кацарска не даде конкретен одговор, но рече дека да се биде уставен судија е чест и дека за тоа мора да биде избрана личност со интегритет, углед и професионализам во постапувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Серија земјотреси почувствувани во Охрид

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава регистрираше серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од епицентралното подрачје Пештани – Охрид – Струга, 102 км југозападно од Скопје.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, од серијата на земјотреси, почувствуван е земјотресот во 4 часот и 34 минути во Охрид и блиската околина со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала, а во останатите југозападни делови од Републиката, земјотресот е почувствуван со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Освен вознемиреност кај граѓаните, материјални штети не се пријавени.
Македонија
1570 стипендии за учениците во дуалното образование, велат од Владата

„Со конкретни мерки и идеи вложуваме во подобрување на образовниот процес. За таа цел преку Министерството за образование и наука за следната учебна година 2025/2026 ќе се доделат најголем број на стипендии за дуалното образование досега, односно 1570 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во средните стручни училишта“, велат од Владата.
„За тоа дека вложуваме во дуалното образование и ги стимулираме и компаниите за нивна поголема вклученост, покажува и тоа што над 550 компании оваа година директно ќе бидат вклучени во практична обука на учениците што ќе се запишат во дуалните паралелки.
Воедно, ова значи дека учениците со завршување на средно стручно училиште, ќе имаат поголема веројатност за брзо вработување, во најголем дел во компаниите каде посетувале пракса, или пак да продолжат со своето образование на некои од универзитетите во државата.
Наш приоритет е да ја зголемиме вработливоста на младите лица и да создадеме квалификуван кадри со вештини и компетенции што се потребни на компаниите, а со тоа ќе овозможиме младите својата иднина да ја градат во сопствената држава.
Вложувањето во образованието, значи вложување во иднината и перспективата за развој на Македонија.
Како Влада фокус се реформите во образованието за подобар и поквалитетен образовен процес“, се наведува во соопштението на Владата.
Македонија
Делови од Сарај, Карпош и Чучер Сандево денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.15 до 12.00 часот, корисниците од село Крушопек и Рекреативниот Центар Сарај. (општина Сарај)
· од 09.00 до 12.00 часот,корисниците во околината на ул. Женевска бр. 15. (општина Карпош)
· од 09.00 до 15.00 часот,корисниците во околината на Авто Сервис – Милошевски во с. Глуво. (општина Чучер Сандево)