Контакт

Македонија

(Видео) И Заев и Мицкоски најавија ветерници, а на терен во Кумановско има само мерачи на ветер

Објавено пред

Од спектакуларните најави на поранешниот премиер Зоран Заев за ветерен парк „Вирови“, кој требаше да биде историски најголемата германска инвестиција во Македонија, на македонските планини над кумановските села три години подоцна има само мерачи на ветер. Откога истата оваа инвестиција минатиот месец ја најави и сегашниот премиер, Христијан Мицкоски, екипа на „Макфакс“ се искачи над кумановските села во потрага по ветерниот парк или подготовки за неговата изградба.Таму, пак, работите стојат како времето да не тече. Жителите сведочат дека разни локални кумановски компании во име на странски инвеститори поставиле неколку мерачи на ветер, си заминале и никој не се вратил вторпат. Еден од мерачите, за кој велат дека е токму на германската компанија која најави инвестиција над половина милијарда евра, поставен на над 1.000 метри надморска височина, одамна паднал и никој не доаѓа да го крене.

„Ги поставија пред три-четири години. Мислам дека ги местеа Турци. Имаше онаму една германска, ама падна и има уште една на Буковска Планина. Уште една ваква мерна станица има и малку понатаму, ама не знам кој ја правеше. Доаѓаа Турците. Јас ги возев. И кај оваа и кај онаа на Буковска Планина, ама во последно време ги нема. Зошто – не знам, а доаѓаа и кај мене дома, бевме пријатели. Рекоа дека чекаат договор на ниво на државата за да почнат да поставуваат ветерници. Не сум ги видел да дојдат откога ја поставија оваа мерна станица“, вели Живко Бојковски-Грк од селото Малотино, последното населено место на патот што води до мерачот на ветер поставен во месноста Малотински Церак на територијата на општината Старо Нагоричане.

Без него е невозможно некој да стигне до мерачот на ветер не само поради тоа што е меѓу ретките што го знаат патот туку и поради неговиот педесетгодишен руски „уаз“, единственото теренско возило што може да ги прескокне карпите и огромните дупки до Малотински Церак.

До мерачот на ветер поставен во месноста Малотински Церак води пат кој е прооден само за теренски возила

Пред неколку години компанијата што го поставила мерачот на ветер над Малотино првин пробила и пат. Жителите велат дека поминал еден булдожер, ја подизрамнил земјата и ги исчистил грмушките, но поминале години, па тоа едвај се познава.

Иако жителите се убедени дека мерачот над Малотино го поставиле Турци и дека германскиот, поставен малку понатаму, паднал, од Општина Старо Нагоричане за „Макфакс“ велат дека токму мерачот над Малотино е на германската компанија „Впд“ која, според досегашните најави, треба да го изгради најголемиот ветерен парк во земјата од 69 ветерници. Но, и од Општината велат дека комуникацијата сопрела.

„Претставници на компанијата ‘Впд’ беа кај нас, разговаравме за ветерници, но ги снема. Го изгубивме контактот во последно време со нив“, вели Бобан Цветановски, заменик-градоначалник на општина Старо Нагоричане, за „Макфакс“.

Иако на терен три години нема никакви активности, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го смета за сè уште активен. Од кабинетот на министерката Сања Божиновска велат дека течат роковите на германската компанија, во кои треба да донесат инвестициска одлука.

„Според информациите што ги поседува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, инвеститорот ‘Ветерен парк – Вирови’ ДООЕЛ Скопје во изминатиот период, т.е. на 7.10.2022 година, добил одобрение за мерење на потенцијалот на ветерот во согласност со член 6 од правилникот за обновливи извори на енергија од тогашната Агенција за енергетика. Одобрението се однесува на три мерни места со одредени координати, наведени во одобрението во општините Ранковце, Старо Нагоричане и Крива Паланка. Во согласност со правилникот, инвеститорот има право да го мери ветерот 3 години од денот на издавањето на одобрението за мерење на ветерот. Целта на мерењето е инвеститорот да ги употреби податоците од мерењето на ветерот за да може да донесе целисходна инвестициска одлука“, велат од кабинетот на министерката Божиновска за „Макфакс“.

Иако компанијата со години е во Македонија, до Министерството сè уште не стигнал допис или барање од инвеститорот поврзано со ветерниците во ветрениот парк „Вирови“.

Од „Впд“ тврдат дека веќе направиле значителна инвестиција кај нас

 Според официјалните податоци од Централниот регистар, Друштвото за производство, трговија и услуги ветерен парк „Вирови“ ДООЕЛ Скопје е формирано во октомври 2020 година. Екипа на „Макфакс“ направи обид да стапи во контакт со претставници на компанијата, но на скопската адреса канцеларијата беше затворена. Единствениот имејл за контакт е во Хрватска. Од таму за „Макфакс“ потврдија дека имале административни бариери и инсистираат на јасна регулаторна рамка, иако не зборуваат за конкретни проблеми. И тие проектот го сметаат за активен и нагласуваат дека веќе направиле значителна инвестиција во земјата.

„Компанијата ’Впд’ е активна во Северна Македонија за развој на проектот ‘Ветерен парк  – Вирови’ (414 MW) од 2019 година кога се одржа првичното истражување на локацијата. Оттогаш беа спроведени повеќе кампањи за мерење на ветерот, мониторинг на животната средина и прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, како и подготовка на основниот дизајн и планирање поврзување со мрежата и анализа на опциите за поврзување на мрежата. Овие активности бараа значителни инвестиции“, велат од „Впд адрија“, компанија со седиште во Дубровник, Хрватска.

„Впд“ во октомври 2022 година добиле одобрение да постават мерачи на ветер на три локации

Немаат конкретен одговор на прашањето што се смени последниов месец што го наведе сегашниот премиер Христијан Мицкоски повторно да ја најави инвестицијата, но нагласуваат дека имале прецизни барања од македонската Влада.

„’Впд’ инсистира да има јасна регулаторна рамка за развој на проекти од почетокот на активностите во Северна Македонија – очекуваме дека ќе можеме да ги олесниме активностите за развој на проекти сега врз основа на укажувањата од Владата и најавата за нова регулатива во енергетскиот сектор, со отстранување на претходно идентификуваните пречки и овозможување правна сигурност, што е клучен фактор за развој, особено на проект од оваа големина и повеќе од половина милијарда евра инвестициски обем“, велат од „Впд адрија“.

Премиерот Христијан Мицкоски не одговори на прашањата од „Макфакс“ за ветрениот парк „Вирови“. Минатиот месец тој рече дека со причините поради кои овој проект не бил реализиран досега треба да се занимаваат истражните органи. Дополнително објаснување од Владата нема, а од Министерството за внатрешни работи за „Макфакс“ велат дека единицата за економски и компјутерски криминал нема почнато истражна постапка ниту, пак, заведено предмет за ветрениот парк „Вирови“.

Во октомври 2021 година, покрај тогашниот премиер Зоран Заев, пред јавноста проектот за ветерниот парк „Вирови“ го преттстави тогашната германска амбасадорка во земјата, Анке Холштајн, на заедничка прес-конференција во владата. Амбасадорката Холштајн тогаш рече дека е сосема разумно што владата со одлука го дала статусот стратешка инвестиција на овој проект имајќи предвид дека договорот со германската компанија ќе трае 45 години.

Германската амбасада во земјата има нова амбасадорка, Петра Дрекслер. Од таму сега само велат дека ги поздравуваат и германските инвестиции и инвестициите во обновливи извори во Северна Македонија, но за минатите одложувања и за моментниот статус на проектот „Вирови“ не сакаат да зборуваат и упатуваат на „Впд адрија“ како регионална канцеларија на германската компанија во Хрватска.

Мерачите треба да покажат дали е исплатлив ветерниот парк „Вирови“ кој ќе произведува струја колку што произведуваат два од трите блока на РЕК Битола

Ветерниот парк „Вирови“ кој ќе се гради во регионот Куманово-Старо Нагоричане-Крива Паланка, според досегашните најави, треба да биде најголемиот ветерен парк во земјата, со вкупно 69 ветерници, кои ќе произведуваат над 400 мегавати струја или онолку колку што произведуваат два од вкупно трите блока на РЕК „Битола“. „Впд“, покрај ветерниците, најави и инвестиција во инфраструктурата, во капацитетите за пренос на енергија, но и во патиштата. Жителите на кумановските села, каде што има мерачи на ветерот, се радуваат токму на најавата дека некој ќе им изгради пат до непристапните места и немаат против да се постават ветерници и блиску до селата.

Компанијата „Впд“, шест години од доаѓањето во земјава, три години откако го претстави проектот пред јавноста, сега најавува дека ќе го продолжи и дека очекува транспаретна регулаторна рамка и отсуство на административни бариери кои ќе доведат за дополнителни три години, „Вирови“ да биде во фаза „подготвени за изградба“.

Продолжува…

 

Со овој текст „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

СДСМ: Мицкоски намерно не праќа барање за екстрадиција на Груевски

Објавено пред

Владата на Христијан Мицкоски намерно го одолговлекува процесот и се уште нема пратено барање за екстрадиција на избеганиот осуденик и криминалец Никола Груевски од Унгарија, велат од СДСМ.

„Уште патувале документите од МВР, од Јавното обвинителство и од Основниот кривичен суд Скопје, до Министерството за правда иако се на неколку стотини метри оддалеченост.

Полска не чекаше, ескпресно постапи и веднаш упати нови барања за екстрадиција на нивните политичари од Унгарија, само Владата на Мицкоски не.

Мицкоски повторно излажа, рече дека поранешните полски функционери немаат добиено азил и затоа Полска можела да бара екстрадиција а тоа не е точно, имаат добиено азил. Исто како што лажеше за името, за Преспанскиот договор, сега лаже повторно.

Ова е јасен доказ дека Мицкоски нема намера да го врати својот политички ментор Груевски пред лицето на правдата туку намерно да одолговлекува и да му купува време за ново бегство.

СДСМ бара владата на Мицкоски веднаш да постапи и да побара екстрадиција на Никола Груевски“, велат од опозициската партија.

Прикажи повеќе...

Македонија

Спасен живот на пациент со трансплантација на црн дроб

Објавено пред

Во најтешкиот момент, едно семејство донесе одлука што значи живот. Со нивната хуманост и несебичност, спасен е човечки живот преку трансплантиран црн дроб на 67 годишен пациент, а на уште една пациентка на 51 годишна возраст и е подарена нова шанса за поквалитетен живот со трансплантација на бубрег. Пациентите се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување.

– Овие медицински интервенции се воедно и приказни за надеж, за солидарност, за највисок чин на алтруизам. Нема поголем чин од тоа во момент на болка да подарите живот. Ова семејство покажа што значи вистинска хуманост, нивната одлука ќе живее преку тие на кои им е дадена нова шанса. Огромна благодарност на семејството на донорот за овој хуман чин, по загуба на нивен член од семејството, вели министерот за здравство, Азир Алиу.

Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска изразува „огромна благодарност за семејството без чија согласност немаше да биде можно да се извршат овие трансплантации. Зад секоја трансплантација стои човечка приказна. Овој пат е приказна за храброст и дарување живот. Тоа е највисокиот чин на солидарност што едно општество може да го има“.

Воедно се заблагодаруваме на координаторите за трансплантација и сите медицински екипи од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, Клиниката за дигестивна хирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за нефрологија и Институтот за трансфузиологија за нивната посветена и неуморна работа.

Прикажи повеќе...

Македонија

СДСМ: Бараме локален референдум за рудникот со антимон и исполнување на клучни услови

Објавено пред

СДСМ бара за најавата за отворање рудник со антимон во кривопаланечко Луке да има поширока јавна дебата и директно изјаснување на граѓаните преку локален референдум.

Од партијата посочуваат дека станува збор за сериозно прашање кое се однесува на тоа како државата одлучува за своите ресурси, за здравјето на граѓаните и за иднината на локалните заедници.

„Особено што на пример, старото еколошко жариште Лојане со децении стои нерешено, а во исто време се најавува нов рудник за антимон“, се наведува во соопштението.

СДСМ нагласува дека не е против инвестиции, но дека моделите не смеат да бидат насочени исклучиво кон профитот, со висок ризик по здравјето на граѓаните.

„Не може да се зборува само за економска корист која не е сигурна. А при тоа никој да не зборува за загадувањето и опасноста по луѓето, за цената на загадена вода, за цената на заболени луѓе и за цената на уништено земјоделие. Тоа не се бројки во извештаи, тоа се последици кои траат со генерации“, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека доколку државата не може да го реши Лојане, „нема кредибилитет да отвора нови рудници“.

СДСМ бара граѓаните да бидат вклучени во процесот на одлучување преку јавни расправи со реално влијание, локален референдум и учество на стручната и локалната јавност.

Партијата наведува дека за вакви проекти мора да бидат исполнети неколку клучни услови:

Владата итно да ги реши постојните еколошки жаришта, Целосна транспарентност – јавно објавување на договори, економски параметри и студии, Детални информации за фирмите вклучени во проектот, Затворен еколошки систем без испуштање во почва, вода или воздух, Финансиска гаранција однапред обезбедена од инвеститорот, Независен мониторинг со јавни податоци во реално време, Директен локален бенефит за општината и граѓаните, Континуирана здравствена заштита финансирана од инвеститорот.

„Доколку овие услови не се исполнат, тогаш подобро е да нема рудник“, се додава во соопштението на СДСМ.

Прикажи повеќе...

Најново

Забава1 минута

Поранешниот сопруг на Џенифер Анистон и неговата 22 години помлада сопруга добија дете

Џастин Теру и неговата сопруга Никол Брајдон Блум ја објавија среќната вест во саботата дека станале родители на машко бебе....

Македонија34 минути

СДСМ: Мицкоски намерно не праќа барање за екстрадиција на Груевски

Владата на Христијан Мицкоски намерно го одолговлекува процесот и се уште нема пратено барање за екстрадиција на избеганиот осуденик и...

Македонија58 минути

Спасен живот на пациент со трансплантација на црн дроб

Во најтешкиот момент, едно семејство донесе одлука што значи живот. Со нивната хуманост и несебичност, спасен е човечки живот преку...

Македонија2 часа

СДСМ: Бараме локален референдум за рудникот со антимон и исполнување на клучни услови

СДСМ бара за најавата за отворање рудник со антимон во кривопаланечко Луке да има поширока јавна дебата и директно изјаснување...

Свет2 часа

„Го вовлече Трамп во конфликт со Иран“: Харис со остра критика до Нетанјаху

Во говор на настан во Детроит, во американската сојузна држава Мичиген, поранешната кандидатка за претседателка на САД, Камала Харис изјави...

Свет2 часа

Русија подготвена да го отстрани збогатениот ураниум од Иран

Една од клучните точки на несогласување меѓу САД и Иран се однесува на ураниумот. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека...

Регион3 часа

Бугарија во нов изборен круг: Осми избори за пет години, Радев се смета за фаворит

Бугарите денес излегуваат на осми парламентарни избори во последните пет години, а се очекува коалицијата на поранешниот претседател Румен Радев...

Свет3 часа

„Храбар и лојален сојузник“: Трамп го фали Израел, а индиректно ги напаѓа другите партнери

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го пофали Израел како голем сојузник, истовремено критикувајќи други, неименувани земји. Во објава на „Трут...

Свет3 часа

Иран: Сè уште сме далеку од конечен договор со САД

Главниот ирански преговарач и претседател на парламентот, Мохамад Багер Галбаф, изјави дека во преговорите со САД, кои се водат преку...