Македонија
(Видео) Ковачевски го пречека премиерот на Ирска, Варадкар, со највисоки државни почести
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, со највисоки државни и воени почести на платото пред Владата го пречека премиерот на Ирска, Лео Варадкар, кој е во официјална посета на земјата.
Ова е прва официјална посета на ирски премиер на нашата држава, која со Ирска годинава одбележува 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Според агендата, предвидена е тет-а-тет средба на двајцата премиери по што ќе следува билатерална средба на двете делегации. По одржувањето на билатералната средба, премиерот Ковачевски и премиерот Варадкар ќе одржат заедничка прес-конференција.
Во составот на македонската делегација се присутни и заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Лефков: Мафијата на смртта поддржана од Филипче за три години земала 35 милиони евра тендери само од Онкологија
Мафијата на смртта поддржана од Филипче за 3 години земала 35 милиони евра тендери само од Онкологија. Деновиве сме сведоци на вештачки искреирана криза на Онкологија токму од главното протеже на таа мафија, кој е во блиски релации со Венко Филипче, истакнува Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено веледрогеријата Др. Пановски, е сопственост на таткото на Ирина Пановска, која Венко Филипче ја постави за директорка на Клиниката за Хематологија од 2022 година до сега земала неверојатни 35 милиони евра тендери само од Клиниката за онкологија и радиотерапија.
Годишно во просек оваа веледрогерија блиска до Венко Филипче од Онкологија земала над 12 милиони евра тендери.
Онкологија и државата се заложници на оваа веледрогерија со огромни профити, која креира вештачки кризи секоја година“, додава Лефков.
Бара Венко Филипче јавно да излезе и да каже дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата која ја прави и дали тој стои зад истата.
Го повикува ЈО веднаш да постапи и отвори случај, а истовремено да каже до каде е со истрагите од случајот „Диво месо“.
„Ова се трговци со животи и души на луѓе и мора најостро да бидат санкционирани. Не смееме да дозволиме оваа мафија на смртта да печали на грбот на народот, а особено не на болните од рак, кои секоја секунда живот повеќе им ја должат на лекарствата со кои оваа мафија тргува“, подвлекува Лефков.
Македонија
Уште четворица уапсени во Македонија поради тероризам: регрутирале нови членови на ИСИС и ширеле терористичка пропаганда
Уште четири лица се приведени во Македонија, како дел од акцијата што почна во декември, а се оснедуваше на тероризам.
На пет локации во Скопје и Гостивар извршени се претреси на дом и други простории при што се пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења.
„Акцијата е резултат на преземените дејствија на Лабораторијата за дигитална форензика при Основното јавно обвинителсво за гонење на организиран криминал и корупција, каде се откриени повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм во кои осомничените споделувале претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови“, велат од Обвинителството.
Постапувајќи по кривичната пријава надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против овие лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичка организација“.
Ценејќи дека се исполнети законските услови, предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување на мерка притвор спрема сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Македонија
МОН за меѓународниот ден на образованието: Нашите деца имаат право на квалитетно образование
Министерството за образование и наука им го честита Меѓународниот ден на образованието на учениците, студентите, учителите, родителите и на сите на кои образованието им е важен дел од животот и ги повикува да учествуваат во процесите на градење здрав воспитно-образовен систем, кој ги пресретнува барањата на времето во кое живееме.
„Нашите деца имаат право на квалитетно образование и тие заслужуваат да направиме многу повеќе, за да им овозможиме да се развиваат како нивните европски врсници.
Образованието има приоритет за оваа Влада. Со најголем буџет досега, со речиси 40 милијарди денари, оваа година ќе вложуваме во сите сегменти – во нови училишта и реконструкција на постојните, во оптимизација на училишната мрежа, во едносменска настава и продолжен престој на учениците во училиште, во јакнење на образовната асистенција и инклузија по мерка на децата, во ученички и студентски стандард и високо образование кое дава врвни знаења, во јакнење на професијата наставник и во регулатива што ќе биде темел на сé ова.
Нашите заложби се темелат на уверувањето дека Македонија нема друга алтернатива освен да ја водат учени луѓе, со квалитетни знаења, широки погледи и демократски капацитет, подготвени за борба на мислења, изградени низ системот на образование како личности со вредности“, се истакнува во соопштението.
Министерството и Владата, како што е појасенто, можат да направат многу, но за да се направи исчекорот што е потребен кон создавање квалитетно образование, треба сите заедно, секојдневно да придонесуваме за безбедни училишта, поддршка за учениците, градење култура на дијалог, развивање емпатија, истакнување на моралните вредности.
„Да им овозможиме на децата да растат и да се образуваат во средини каде можат слободно да ги споделат своите видувања. Денешните ученици се иднината на оваа земја. Вложувајќи во нив, придонесуваме за нивниот просперитет, но и за заедничкиот напредок“, велат од МОН.