Македонија
(Видео) Ковачевски еднаш знае – другпат не знае кој е ставот на Груевски за уставните измени

Премиерот Димитар Ковачевски, кој пред пет дена рече дека Христијан Мицкоски и Никола Груевски немаат исти ставови за уставните измени, денеска, прашан од каде знае каков став има бегалецот и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, тој вели дека не знае. Ковачевски само посочи дека Груевски е активен на социјалните мрежи, без да каже дали ги чита и неговите објави.
„Таму гледаме дека се води дебата во однос на многу актуелни теми, каде што поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ е прилично активен, особено на социјалните мрежи. И затоа кажав дека првин треба да се усогласат, јас не кажав дека знам каков став има. Но, тие треба првин да се усогласат на ниво на политичка партија, кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени. И повторувам уште еднаш, убеден сум дека во ВМРО-ДПМНЕ има политичари и има луѓе што имаат визија и одлучност да ја поддржат европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ бидејќи тоа е за граѓаните“, изјави Ковачевски.
На прес-конференција во Владата, кога премиерот беше прашан за уставните измени и дали ќе има поддршка од опозицијата, рече дека Мицкоски и Груевски немаат исти ставови.
„Кога зборуваме за опозицијата, таму треба јасно да се постави прашање кој каков став има. Јас сè повеќе гледам дека еден став има актуелниот претседател, а друг има бившиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе треба да се видат и ставовите во однос на финалниот став на таа политичка партија да се усогласат“, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашањето пред пет дена во Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со „гарантирана цена“ и пониски маржи го штитиме стандардот на граѓаните, велат од СДСМ

СДСМ со реализација на мерките за намалување на цените на прехранбените производи, го штити стандардот на народот, велат од партијата.
„Со мерката „гарантирана цена“ веќе се намалени цените на стотици основни прехранбени производи и тоа за 30 до 40% отсто од цената по која се продавале на 1 август годинава. Списокот на производи со „гарантирана цена“ се проширува со безалкохолните пијалаци, соковите, газираната и негазираната вода, пивото кои се намалуваат за 10 отсто, се вели во соопштението од СДСМ и се додава:
„Дополнително, со мерката за ограничување на маржата за трговците се намалува и цената на овошјето и зеленчукот за околу 30%. Граѓаните по пониски цени во маркетите купуваат леб, млеко, млечни производи, месо, брашно, јајца, ориз и многу други прехранбени артикли, што поволно влијае врз семејните буџети. Со овие мерки и со политиките за постојано покачување на платите и пензиите СДСМ продолжува со реална грижа за граѓаните и нивниот стандард“, велат од партијата.
Македонија
ДУИ и СДСМ смислиле уште еден бонбона бизнис за да се нафатираат, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Артан Груби, поддржан од Ковачевски, дозволува отворање на 3 онлајн коцкарници, кои ќе бидат во партнерство со државата, внимавајте со лиценца, која ќе има важност цели 15 години, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Огласот кој е распишан овој септември, е така скроен, да нема теорија на истиот, да учествува некоја домашна фирма, односно стриктно е наменет за странски фирми. Дали Артан Груби и владата, овој оглас го скроиле за бугарската фирма 8888.бг? Дали на оваа фирма сопственик е озогласениот во бугарското подземје Васил Бошков, т.н. Черепот, добро познат на законот во Бугарија, кој што живее во Дубаи?“, прашуваат од партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, додека народот тоне во сиромаштија, а власта се фали со некакви загарантирани цени, од неколку денари помалку, ДУИ и СДС смислиле уште еден бонбона бизнис, за да се нафатираат за по уште неколку десетици милиони евра.
Македонија
ЦУК: Во последното деноноќие 24 пожари, до утрово – активни само два

Во текот на вчерашниот ден, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи, противпожарните тимови интервенирале на 24 пожари, некаде заеднички – здружени од повеќе општини, а и со помош од месните жители, како и со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР, извести ЦУК.
Како што соопшти ЦУК, утрово еден пожар се води како активен – во Општина Прилеп, кај село Алинци, каде што горела ниска вегетација, а се уште чадела само депонијата што исто ака била опожарена и е пријавен уште еден. Конкретно, Регионалниот ЦУК Прилеп извести дека околу 04:40 часот утрово е започнат пожар при што гори ниска вегетација и деградирана шума кај село Небрегово, во Општина Долнени. Во гаснењето на пожарот, интервенирале четири пожарникари од ТППЕ Прилеп со едно противпожарно возило.
Вчерашните изгаснати 24 пожари, при што горела сува трева, ниска вегетација, деградирана шума, а и мешана и борова шума, биле во 12 општини: Илинден, кај село Бучинци; Петровец, Стрелиште Чојлија; Општина Долнени, кај село Слепче, село Гостиражни, село Секирци, село Стровија и кај село Новоселани; Прилеп, кај село Загорани и кај кај фабрика „Комфи Ангел“; Крушево, село Норово; Кривогаштани, село Кривогаштани; Струмица, кај село Сушица, село Куклиш, село Вељуса и кај село Водоча; Гевгелија, село Ново Конско; Кичево, село Челиковци; Куманово, кај населбата „Бедиње“ и кај село Романовце; Липково, кај село Матејче и кај село Ваксинце и во Општина Кратово, кај село Коњух, каде што горела ниска вегетација, грмушки, ниска шума, една штала и неколку напуштени куќи, информираше ЦУК.