Македонија
(Видео) Ковачевски и Петков задоволни од меѓувладината седница и плановите на петте работни групи

Премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков на прес-конференцијата од крајот на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Бугарија го изразија задоволството од остварениот успех со формализирањето на петте работни групи во повеќе области кои ја поставија основата за заедничката засилена соработка меѓу двете земји во иднина.
„Навистина и јас сум задоволен од денешните состаноци. Имавме пленарна средба, но уште поважно е што самите министри работеа во работни групи на конкретни проекти и идеи коишто треба да се развиваат во наредниот период“, истакна премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција.
Првата група ќе обезбеди соработка во економската област, особено во делот на енергетиката, трговијата, инвестициите, туризмот, земјоделието.
Покрај министрите од економските ресори, оваа група ќе се прошири и со претставници на државни агенции, стопански комори, бизнис-кластери и други засегнати страни. Со тоа ќе се обезбеди сестран пристап за да се искористи нашиот огромен заеднички економски потенцијал.
Втората група ќе ги покрива областите од инфраструктурата, транспортот и другите форми на поврзување.
„Тоа е важно за бизнисот, за граѓаните, за целото општество и претставува клуч за нашата заедничка европска иднина“, рече Ковачевски.
Премиерот уште додаде дека покрај на Коридорот 8, како најголем инфраструктурен проект за поврзување на двете земји, оваа група ќе работи и на отворањето на авионската линија меѓу Скопје и Софија и на олеснување на севкупниот патен транспорт.
Оваа група ќе ја зајакне и соработката во телекомуникациите каде најважен проект е намалувањето на цената на роамингот.
Од третата група која е за европските интеграции и зелените политики се очекува примена на искуството од европските интеграции на Бугарија заради тоа што таа е веќе 15 години членка на ЕУ, а соработката во рамките на науката, културата и образованието преставуваат основа за градење долгорочна доверба меѓу граѓаните на двете земји, како и зближувањето меѓу младите е задача на четвртата група во која ќе членуваат соодветните ресори.
„Предвидено е воспоставување научни конференции, особено во делот на природните науки, каде што ќе може да се унапредува техничкото и знаењето во другите природни науки што многу влијае на развојот на економијата и индустријата“, подвлече Ковачевски.
Петтата група е Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања, а копретседавачите на Комисијата, професорите Ѓоргиев и Димитров оствариле средба за да го потврдат календарот и динамиката на средбите во 2022 година.
Бугарскиот премиер Петков во својата изјава истакна дека заедничката седница ја оценува како исклучително успешна. Во таа насока се потпишаните меморандуми и декларации за соработка кои ја потврдуваат волјата за брзи и квалитетни решенија во различни области за унапредување на вкупните односи меѓу двете земји.
Како посебно важна, Петков ја издвои заложбата двете влади да покренат заедничка иницијатива Коридорот 8 да се врати меѓу приоритетите на ЕУ.
Бугарскиот премиер дополни и дека е значајно што и Историската комисија ја договорила динамиката и календарот за да се затворат прашањата што се отворени подолг период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денес посвежо со пороен дожд и грмежи, од утре намалување на нестабилноста

Времето денеска ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени, информираат од УХМР.
Во Скопје, променливо облачно. Од претпладне ќе биде и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер со услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Од понеделник ќе се намали нестабилноста и повторно ќе преовладува потопло време.
Македонија
Николоски: СДСМ го штити и брани однесувањето на Џафери за ДУИ да не им излезе од влада

Катастрофа, недостоинствено, срам и брука, тие се зборовите, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање како го опишува однесувањето на собранискиот спикер Талат Џафери.
Николоски потенцираше дека СДСМ само за да не им излезе ДУИ од влада го бранат однесувањето на Талат Џафери.
Факт е дека СДСМ секое сабајле и секоја вечер се моли ДУИ да не им излезе од влада затоа што знаат дека единствен начин за да одложат за неколку месеци торнадо е да им остане ДУИ во влада и затоа се спремни да го бранат Талат Џафери до последно, рече Николоски.
За карактерот на Талат Џафери најдобро зборува начинот на кој што беше избран, на човек би требало да му е срам да е избран на таков начин не би требало да се нафати на функцијата, тој си ја води функцијата. Така што нема ни срам ни морал. А уште помал морал од него имаат овие од СДСМ кои што го штитат, изјави Николоски.
Македонија
СДСМ: Обвинети во „Криминални парцели“ биле донатори на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска

Последните информации кои излегоа во јавноста покажуваат дека обвинети и осомничени во аферата „Криминални парцели“ со која се проневерени 1,6 милиони евра се донатори на ВМРО-ДПМНЕ, но и кампањата на Арсовска, велат од СДСМ попладнево преку соопштение.
„Орце Тодоровски, Дарко Тодоровски, Влатко Илиевски, Мирослав Митрески се на листите на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, а Орце Тодоровски и на листата на донатори на Данела Арсовска.
Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да каже каде завршиле украдените пари од „Криминални парцели“?
Дали Мицкоски ја искористил познатата шема на неговиот ментор Никола Груевски и преку својот телохранител ги затскривал трагите за испумпување на пари од ЕВН, како што Груевски правеше со плацовите на Водно?
Овие сомнежи за коишто говориме се основани по сите информации кои изглегоа во јавноста дека станува збор за криминална шема“, се наведува во соопштението на СДСМ.