Македонија
(Видео) Ковачки: Ковачевски и Зечевиќ за директор на АНБ го назначуваат Зарко Милошевски, главна алка за Онишченко
Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ за директор на АНБ го назначуваат Зарко Милошевски, човекот со чиј потпис Онишченко добива македонско државјанство, вели Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Документот кој е објавен на социјалните мрежи, како што посочува Ковачки, покажува дека Зарко Милошевски го дал позитивното мислење како последен во постапката за проверка на безбедносни пречки. На овој документ, вели тој, Милошевски е потпишан како овластено лице кое одобрило Известување до Секторот за управно надзорни работи, дека не постојат пречки од безбедносен карактер за Онишченко да добие државјанство.
„Зарко Милошевски е клучна алка за Онишченко да добие државјанство. Ова одобрение е издадено на 03.03.2022 година, во време кога премиер е Ковачевски. Овој предмет чекал повеќе од 9 месеци на одобрување во време кога премиер е Заев, а се решава само за 3 месеци откако доаѓа Ковачевски. Кој е интересот на Ковачевски за давање на државјанство на Онишченко, и дали Зарко Милошевски е поставен за директор на АНБ како награда или за да молчи за одредени процеси? Треба ли Зарко Милошевски да молчи зошто му е дадено државјанство на Онишченко и да ги прикрива своите шефови Ковачевски и Зечевиќ или треба да биде главен актер при давање на нови државјанства на сомнителни ликови од Далечниот Исток?“, прашува Ковачки.
Зарко Милошевски, додава тој, е дел од луѓето на Зечевиќ. „Но, дали истиот е и дел од планот на Артан Груби и Миле Зечевиќ за давање на 20-тина македонски државјанства на лица од Сингапур, Хонг Конг, Тајван и други држави од Далечниот Исток преку Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово?“, додава Ковачки.
„Според планот на Зечевиќ и Артан Груби, во Македонија постои можност државата да додели државјанство на странски лица поради постоење на посебен економски интерес од истите во вид на инвестиција вредна над 400.000 евра. Врз основа на вакви инвестиции Милошевски треба да потпише над 20-тина државјанства на луѓето од Далечниот Исток, а правен застапник на истите да биде адвокатската канцеларија на Миле Зечевиќ.
Практично државјанствата на луѓето од Далечниот Исток ќе бидат исплатени. Тука се поставува прашањето дали во форма на адвокатски услуги ќе се плаќа провизијата за услугите пружени од АНБ и дали низ вака разработена шема треба да се одглават и над 3000 барања за македонско државјанство кои стојат во фиока, а за кои алармираат структурите на ДУИ?“, нагласува Ковачки.
Од тука, како што дополнува е јасно зошто за Зарко Милошевски постои консензус меѓу СДС и ДУИ.
Според ЁКовачки, наместо безбедносните служби да бидат во функција на безбедноста на државата, СДС и ДУИ ги упропастија и истите ги користат за свое лично богатење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата го изгласа пуштањето во употреба на „One Stop Shop“ со Албанија
Владата денеска го изгласа пуштањето во употреба на системот за заеднички гранични проверки „One Stop Shop“ со Албанија. Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на кои не се дел од Шенген зоната, имајќи предвид дека истиот веќе функционира со Србија и Косово. За целосна финализација останува да се потпише договор меѓу двете министерства за внатрешни работи.
Портпаролката на Владата, Венера Азизи, изјави дека воведувањето на системот најпрво ќе започне на граничниот премин Ќафасан, а потоа ќе биде проширено и на останатите гранични премини со Албанија. Ова ќе овозможи поедноставно, побрзо и побезбедно преминување на државната граница, особено во летниот период кога значително се зголемува фреквенцијата на патници и кога во минатото граѓаните често укажуваа на долгите чекања на граничните премини.
Потребата од вакво решение најдобро ја потврдува фреквенцијата на патници на граничните премини со Албанија.
Во текот на 2025 година, на овие гранични премини биле регистрирани вкупно 4.581.724 патници, од кои дури 2.318.080 на граничниот премин Ќафасан. Овие бројки ја истакнуваат важноста од воведување на системот „One Stop Shop“, кој ќе овозможи побрз и поефикасен проток на патници и ќе придонесе за намалување на времето на чекање на границите.
Македонија
Граѓаните ќе се изјаснуваат кај матичен лекар дали сакаат да бидат дарители на органи по нивната смрт
Владата на предлог на Министерството за здравство денес го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување.
Со предложените измени, секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе даде изјава дали се согласува или не по неговата смрт да биде дарител на органи и ткива заради лекување, а таа изјава ќе се евидентира во листата во националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин. Законот предвидува и можност граѓанинот во секое време да ја промени својата одлука.
Со овие измени, првпат државата ќе има попрецизна слика за подготвеноста на граѓаните, како и за нивото на информираност и доверба кон органодарителството.
Истовремено, со предложените измени се проширува и кругот на живи дарители, така што покрај досегашните сродници ќе бидат опфатени и други сродници во странична линија до четврти степен, односно и првите братучеди, при што се задржува заштитниот механизам преку етичката комисија, која ќе ја проверува доброволноста на чинот и отсуството на принуда.
Дополнително, се предвидуваат и други решенија за олеснување на постапките, вклучително и поедноставување на административно-техничките чекори во делот на утврдување и потврдување на мозочната смрт.
„Со ова законско решение правиме важен чекор кон систем во кој волјата на граѓанинот ќе биде јасно изразена, поцврсто заштитена и подоследно почитувана. Чинот на органодарителство ќе произлегува од слободна и информирана одлука. Во исто време, со проширувањето на кругот на живи дарители создаваме нови можности за лекување, секогаш во строги медицински, етички и законски рамки“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Македонија
АД ЕСМ и Светска банка потпишаа договор за грант за мега проектот за когенеративна централа „ РЕК Битола 1“
Во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес беше потпишан Договор за грант од 2,4 милиони долари за реализација на подготвителни активности за когенеративна централа „ РЕК Битола 1“, помеѓу АД ЕСМ и Светска банка. Договорот што го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев и Карол Межеван, менаџерот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, претставува значаен чекор во реализацијата на една од најважните инвестиции во процесот на енергетска транзиција и модернизација на домашниот енргетски сектор.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев истакна дека продолжувањето на успешната соработка со Светска банка е потврда за довербата во развојната визија на компанијата и во нејзините стратешки проекти насочени кон декарбонизација и зголемување на домашното производство на електрична енергија.
„Овие средства се наменети за имплементација на подготвителните активности за идната когенеративна централа „РЕК Битола 1“ и проширување на топловодната мрежа на Битола. Со овој чекор, Светска банка уште еднаш ја потврдува својата цврста поддршка за инвестициското портфолио на АД ЕСМ, чија реализација во претстојните години ќе донесе забрзана декарбонизација и ефикасно зголемување на домашното производство со оптимизирани трошоци. Преку грантот ќе ги спроведеме постапките за избор на еминентни консултанти и изработувачи на детални студии. Овој процес ја вклучува и изработката на клучната Физибилити студија, која ќе биде основа за распишување на меѓународен тендер за избор на најповолен понудувач за дизајн и изведба на електраната, согласно најдобрите меѓународни стандарди. “ изјави Узунчев.
Планираната инвестиција, вредна повеќе од 200 милиони евра, ќе се реализира во непосредна близина на постојниот производствен комплекс на РЕК Битола. Новата когенеративна централа ќе овозможи истовремено производство на електрична и топлинска енергија, со значително намалување на штетните емисии и усогласување со современите домашни и европски еколошки стандарди.
Покрај придонесот кон националните цели за декарбонизација, проектот ќе обезбеди и економски попристапно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Битола и околината, што ќе има директно позитивно влијание врз квалитетот на животната средина во Пелагонискиот регион.
„Грантот за подготовка на проектот (GFPP) ќе ја поддржи подготовката на голема инвестиција во Битола која што ќе помогне во изградбата на почиста, посигурна и поотпорна енергетска иднина. Тој ќе ги постави темелите за декарбонизација на електроенергетскиот сектор, интеграција на почисти извори на енергија и проширување на системот за далечинско греење, со цел да се обезбеди посигурно снабдување со топлинска енергија за локалните заедници“ изјави Карол Межеван, менаџер на Светска банка за Косово и Северна Македонија, и додаде:
„Овој проект, исто така, го одразува поширокиот пат на земјата кон поблиско усогласување со европските енергетски и климатски цели. Унапредувањето на почисти енергетски решенија, модернизацијата на инфраструктурата и намалувањето на емисиите се важни чекори кон создавање енергетски сектор подготвен за иднината. Затоа денешното потпишување е повеќе од подготовка на проект. Тоа претставува поддршка на долгорочна транзиција – транзиција што е почиста, посигурна и поспособна да им служи на граѓаните и стопанството.“
Според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, нема компромис со енергетската сигурност на земјата.
„Нашата визија е јасна – Македонија да стане земја која произведува повеќе домашна енергија и постепено го намалува јаглеродниот отпечаток. Колку повеќе обновливи извори на енергија интегрираме во системот, толку повеќе ни се потребни стабилни и флексибилни базни капацитети кои ќе обезбедат сигурност во снабдувањето. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем што ќе ги следи европските политики, а истовремено ќе гарантира сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството“, нагласи министерката Божиновска.
На настанот учествуваа и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, како и претставници на Светската банка, АД ЕСМ и други институции.
