Македонија
(Видео) Костадинов: Лага е дека Србија изградила клинички центар како нашиот за далеку помала сума

Тврдењата дека во соседна Србија се изградил ист клинички центар за далеку помала сума се тешка лага и обид за манипулација на јавноста, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Клиничкиот центар во Белград е само една зграда, кула изградена поодамна, која сега е затворена и опремена. Клиничкиот центар во Скопје е цел комплекс со придружни објекти и претставува цел медицински град“, порача партискиот портпарол додавајќи дека не држи тоа алиби на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Костадинов ова го нарече срамен обид да се спречи најголемата капиталната инвестиција во македонското здравство.
„Додека СДСМ и парламентарното мнозинство прават сè за да го унапредат квалитетот на живот, Мицкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бојкотираат, блокираат, ги кочат важните законски решенија. Но, граѓаните треба да знаат дека и со и без ВМРО-ДПМНЕ, државата ќе добие нов модерен клинички центар кој ќе им пружи интегрирани здравствени услуги на сите“, истакна портпаролот на владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски на средба со шефот на ОБСЕ Вал: Владата не е реформска и не решава проблеми

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Килијан Вал.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и евроинтегративниот процес на државата.
Претседателот Мицкоски информираше за предизвиците со кои се соочува Македонија на политички и економски план, како и дека треба поголема подготвеност и енергичност во решавање на проблемите која што не се гледа кај актуелната власт.
Македонија оваа година претседава со ОБСЕ и таа треба да биде пример, а владата треба да оддаде поголема посветеност на безбедносните прашања, особено затоа што во изминатиот период видовме големо занемарување во тој поглед.
Претседателот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е активно посветена, но не гледа суштински реформи и сериозен пристап од страна на власта, па така државата е на врвот на листата на корупција, бизнис климата е нарушена, има партизација на јавната администрација и голема недоверба на судството, а не се споделуваат ниту европските вредности од страна на власта.
Соговорниците се согласија да се продолжи со натамошна соработка.
Македонија
Средба Џафери – Гир

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Хусни Исмаили и координаторите на пратеничките групи застапени во Собранието, Јован Митрески, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Сурија Рашиди одржаа работна средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог, работата на ЕУ-агендата и динамиката на усвојувањето на законите, вклучувањето на Собранието во скрининг-процесот и напредокот на дијалогот „Жан Моне“, а соговорниците се осврнаа и на уставните измени.
Заеднички беше оценето дека градењето доверба и добрата соработка меѓу партиите во Собранието не е важна само за успешна реализација на реформите врзани со евроинтеграцијата, туку дека и оваа соработка е важна бидејќи ја обликува политичката култура во земјата.
Беше договорено вакви средби да се одржуваат на редовна основа со цел да се разгледа одблиску напредокот на државата на патот кон Европската Унија.
Македонија
Муцунски на работна средба со претставници на Стејт департментот: Потврдени одличните билатерални односи помеѓу Македонија и САД

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, од вчера престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамките на посетата тој оствари работна средба со високи претставници на Стејт департментот.
„Во рамките на средбата со Стивен Џи, директор во Директоратот за јужноцентрална Европа, и Бенсон Сивек, офицер, кој е одговорен за Македонија, ги потврдивме одличните билатерални односи помеѓу нашата држава и САД, кои неопходно е во иднина да продолжат да се надградуваат во духот на стратешкото партнерство помеѓу двете земји“, напиша Муцунски во својата фејсбук-објава.
Муцунски во својата објава потенцира дека на средбата ја нагласил заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за итни и темелни реформи во правосудниот систем, но и забрзан економски развој како одговор на тешката економска состојба во државата и високото ниво на криминал и корупција.
Во следните неколку дена тој ќе оствари средби со членови на Конгресот, високи претставници на меѓународните организации и ќе присуствува на националниот молитвен појадок, кој ќе се одржи утре во Вашингтон.